Реформи заради нас, не заради Европа

189
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Реформите се потребни заради луѓето во оваа земја, а не заради Европа. Само квалитетни реформи можат да донесат бенефиции за граѓаните и државата, да отворат перспективи, динамичен економски раст, работни места, повисок стандард…

Веќе со години Македонија добива препораки за почеток на преговори со Европската Унија, но реално земјата малку направила за да ги имплементира европските искуства дадени низ препораки за домашното општество.
Сите наведени забелешки од европските претставници, од владеењето на правото, правосудството, медиумите, демократијата, независниот надворешен надзор, како и недостатоците во изборниот процес, не се отстрануваат, туку се користат како алатка за меѓупартиски расправии!?

Голем број анкетирани граѓани велат дека ако се фрли поглед наназад, слободно може да се каже дека Собранието постојано носи закони со европски знаменца, но тие закони не се применуваат во практиката. Дополнителен проблем е што и оние европски закони што некако профункционирале, власта преку законски измени и амандмани ги менува и ги враќа чекор назад.

– Еден од подобрите европски закони што беше донесен во минатото беше Законот за забрана на пушење во затворени простории. Можеше да се отиде во кафуле или ресторан и да се минат пријатни моменти без чадот од цигарите. Но со доаѓањето на новата влада, се направија некакви измени на овој закон и сега секаде се пуши, не само на терасите на кафулињата, туку и внатре. Чинам дека се вративме цел чекор назад – вели Стамен Николовски, студент.

Според него, наместо европските закони целосно да се имплементираат, кај нас најчесто се модификуваат или воопшто не се почитуваат. Во секојдневието, повеќе од очигледен е примерот каде што граѓаните како одраз на недостиг од воспитување, култура и традиција на добро однесување, ја загадуваат својата животна и работна околина, фрлајќи отпад, пластични шишиња, догорчиња, не почитувајќи ја строгата (увозна) законска регулатива. Ваквиот игнорантски, па дури и насилнички однос кон прописите, правилата и законите ни е пред очи секој ден, а сите ние не правиме ништо за да се поправи тоа, првенствено заради нас самите, велат нашите соговорници.

– Па ние во ЕУ можеби ќе влеземе за 20 години, но тоа не значи дека не треба да функционираме европски во нашата држава. Ако си ја средиме државата однатре, веројатно младите нема толку да се иселуваат – додава Николовски.
Некои од експертите сметаат дека со започнувањето на преговорите со ЕУ и отворањето на поглавјата, процесот на реформи би добил на динамика.
– Започнувањето на преговорите со ЕУ, како и отворањето на поглавјата, ќе го смени нашиот ментален склоп околу потребата да се започне со неопходните реформи – вели Марко Трошановски од Институтот за демократија.

Тој додава дека ние не сме способни сами да ги направиме потребните реформи, првенствено во делот на политичката култура.

– Вредностите на ЕУ, како владеење на право, демократија, заштита на човековите права, треба да бидат дел од нашиот ментален склоп. Ние како општество покажавме дека не сме способни да се трансформираме доволно брзо како што тоа од нас го очекува ЕУ. Влеговме во период на заробена држава, така што целиот процес на реформи запре. Затоа е потребно започнување на преговорите со ЕУ и отворање на поглавјата, во спротивно, нема да ги направиме реформите – смета Трошановски.

За Љупчо Ристовски, претседател и коосновач на институтот за доблесна и вредносна политика „Интегра“, проблемот со недостигот од потребните реформи е кај нас.

– Коренот на проблемите е во овие погубни политики и во црно-белата слика што ги имаме веќе 30 години. Ниту една од постојните политички гарнитури не успеа во изминативе 30 години да отвори перспективи за Македонија. Целта на влезот во ЕУ е да ги апсолвираме стандардите на ЕУ – вели Ристовски, притоа додавајќи дека дома треба да се направи здрава нација доколку сакаме да нè почитуваат надвор.

На иста линија е и професорот Јован Донев, кој смета дека сами треба да си ја сработиме домашната задача за да бидеме повеќе почитувани од странците.

– Мора да ја научиме лекцијата дека она што треба да го одработиме треба да го одработиме сами – вели Донев.

Тој истакнува дека европските политичари едноставно си ја работат својата работа, а тоа е да ја спроведуваат надворешната политика на ЕУ.

Додека Македонија повторно е во исчекување дали конечно ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ, станува јасно дека реформите се потребни заради луѓето во оваа земја, а не заради Европа. Само квалитетни реформи можат да донесат бенефиции за граѓаните и државата, да отворат перспективи, динамичен економски раст, работни места, повисок стандард… Ако сето тоа претходно го постигнеме, влезот во ЕУ ќе биде само потврда на местото што сме го заслужиле, местото во развиена и демократска Европа.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

[email protected]