Реформите во владеењето на правото клучни во преговорите со ЕУ

99

Новиот евроамбасадор во Македонија, Дејвид Гир, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, порача дека е потребно да се реформираат сите области, а особено владеењето на правото, кое е еден од клучните кластери во преговорите според новата методологија за проширување на ЕУ, што би значело дека Македонија ќе мора да одржи постојани напори во сферата на владеењето на правото до крајот на самите преговори.

– Мандатот на новата Влада, како и мојот мандат започнува во време во кое што сите едвај чекаме да почне преговарањето на земјата со ЕУ на владината конференција. Земјата веќе постигна многу кога станува збор за реформите, но исто така и во смисла на решавање на билатералните спорови со соседите – нагласи Гир.

Тој ја потенцира и важноста на добрите добрососедски односи која што, како што рече, е исто така е дел од процесот на проширување. Гир изрази уверување дека ЕУ ќе продолжи да обезбедува поддршка и помош за Македонија во справувањето со кризата со ковид-19.

Заев на амбасадорот Гир му посака топло добредојде и изрази благодарност за соработката со неговиот претходник амбасадорот Самуел Жбогар, како и за посветеноста на сите минати шефови на Делегацијата на ЕУ во нашата земја, чиј придонес и активно учество во евроинтегративниот процес на нашата земја претставува голема инспирација и поддршка за посветеноста за остварување на членство на Македонија во ЕУ и за обезбедување на нашата европска иднина.

На средбата беше истакнато дека мандатот на амбасадорот Гир речиси се совпаѓа со мандатот на новата Влада, и дека во претстојниот период од само неколку месеци, заедно со Делегацијата на ЕУ во Скопје, се очекува успешна завршница на подготовките на преговарачката рамка и нејзина презентација на Советот за општи прашања, односно на ГАК на ЕУ, на 10 ноември, по што следува и одржувањето на првата меѓувладина конференција во декември.

Претседателот на Владата Заев и амбасадорот на ЕУ Гир, веднаш после средбата одржаа и прес-конференција на која информираа за содржината на разговорот, при што премиерот Заев нагласи дека подготовките и утврдувањето на преговарачката рамка меѓу Брисел и Скопје се подготовки за неповратен процес и изрази исклучително задоволство од драфтот на преговарачката рамка предложена од страна на Европската Комисија.

– Нашата намера е да ја активираме брзата трака на преговорите по поглавја со целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ агенда. Што се однесува до нашата страна, нема да дозволиме причини за нови одлагања. За нас е прифатлив новиот принцип за реверзибилност на процесот доколку се случи деградација на демократскиот амбиент во нашата земја, но, нагласувам, наша свечена обврска е да не го дозволиме тоа во име на иднината на државата и граѓаните – нагласи Заев и додаде дека она што внесува оптимизам се и сигналите од нашите европски партнери дека билатералните прашања не треба да бидат камен на сопнување во фазата за завршни преговори.

Премиерот Заев потенцираше дека со Република Бугарија сме сојузници во НАТО, и дека имаме заедничка обврска и должност да ги подобруваме добрососедските односи, меѓусебната соработка и да градиме пријателство.

– Духот на добрата волја и пријателството коишто произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, не обврзува да се фокусираме на зајакнување на односите меѓу двете земји и да ги почитуваме правото на самоопределување и самоидентификација како темелни европски вредности – рече Заев.

Премиерот подвлече дека амбасадорот Гир го започнува својот мандат во време кога се соочуваме со планетарна криза без преседан заради пандемијата со ковид-19, и дека сите земји мораа бргу да се реорганизираат и да бидат креативни во носењето на мерки кои ќе го заштитат нашиот демократски поредок на живеење, современите столбови на економијата и здравјето на граѓаните.

– Би сакал да ја искористам оваа прилика и на новиот амбасадор Гир, да му заблагодарам за поддршката, помошта која Северна Македонија ја доби и ја добива од своите партнери во Европската Унија во борбата со ковид-19 – истакна Заев и додаде дека и покрај здравствено-економската криза Владата останува фокусирана на создавањето услови за нов циклус на динамичен економски раст, одржлив развој, ефикасна правна држава и силни институции, модерно образование и стабилно општество и внатрешна кохезија.

Амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир, од своја страна на прес-конференцијата ја потврди определбата на Европската Унија да го помогне процесот на интеграција во ЕУ со одржување на првата меѓувладина конференција за време на претседавањето на СР Германија, како признание за остварените реформи досега и како поттик за целосна имплементација на европските стандарди како суштина на процесот.