Референдумската кампања има приоритет, Владата нема да брза со прогресивниот данок

151

Референдумската кампања ја одложи дебатата која требаше да се води ова лето во врска со воведувањето на прогресивниот данок, што беше најавено за 1 јануари следната година.

Владата во сегашните интезивирани активности во врска со камањата за претстојниот референдум нема да брза во врска со прогресивниот данок, а премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција истакна дека даночната реформа реално е одложена поради кампањата, бидејќи доколку се водела во такви услови, таа ќе била подзаскриена. 

Одговарајќи на новинарско прашање Заев истакна дека не може со сигурност да каже дали од 1 јануари ќе стапи во сила оваа реформа, нагласувајќи оти ако нема доволно време нема да се брза. Тој додаде дека еден од условите за оваа даночна реформа е да се даде доволно време за подотовка на економијата и на граѓаните. 

– Даночната реформа реално ја одложивме. Ќе беше скриена, недоволно транспаретна, во момент кога дебатата за референдумот е толку силно отворена. Плановите беа да ја отвориме на почетокот на летото, да се дебатира во текот на летото, во септември да ги носиме одлуките, но се случи Договорот со Грција, со што се јави потребата да донесеме одлука за одложување на дебатата, затоа што малку граѓани и деловни луѓе ќе слушнеа за потребата за ваквата даночна реформа, рече Заев. 

Најави дека дебатата ќе продолжи по референдумот со цел граѓаните правилно да се информираат за оваа даночна реформа.

– Праведното оданочавање за мене е нешто кое помага за праведноста на севкупното општество, односно тие што имаат повеќе да платат повеќе, тие што имаат помалку да платат помалку, додаде премиерот.