Референдумот ја подели и дијаспората

1267
Фото: Игор Бансколиев

Ставовите на македонските државјани во странство само ја отсликуваат ситуацијата на поделеното општество во земјава, така што, според познавачите, поделбите во дијаспората околу претстојниот референдум се сосема очекуван епилог

Паралелно на почнатата домашна кампања за претстојниот референдум закажан за 30-ти следниот месец и подготовките за неговото одржување, значаен дел од македонските интелектуалци што се иселеници, длабоко се навлезени во содржините на спогодбата меѓу Македонија и Грција, вклучувајќи ги и активности за или против, односно за поддршка или за бојкотирање на референдумот. Засега дебатата, која прераснува во сѐ пожестока конфронтација и „битка“, главно се води по социјалните мрежи, во неа со објави генерално земено се вклучени и индивидуалци и организации стари со децении, воочливо е присуството и на неформални групи, како колективитети на новите иселенички движења. За тоа во колкав број иселениците активно се вклучени во кампањата, тешко дека некој од нашите соговорници ќе се осмели да искаже барем апроксимативна бројка. Исто онака како што со години државата сѐ уште не може да ја потврди вистинската бројка на нашите надвор од границите.

Меѓутоа, она што може досега да се заклучи со сигурност е дека активностите и донекаде односот на силите, според објавите на социјалните мрежи, е „исклучително динамичен и антагонизмите се во рамнотежа“, иако поддржувачите на бојкотот се поактивни од тие што ја прифаќаат спогодбата од Нивици. За Мето Коловски, кој е претседател на организацијата Обединетата македонска дијаспора (ОМД), која, пак, има голема мрежа соработници во разни делови од САД, како и во Канада, Австралија и во Европа премиерот на Македонија континуирано ги загрозува позициите на Македонија, а бојкот е единствениот достоинствен одговор на референдумот.

Ова се некои од неговите ставови, кои ги споделува тој на социјалните мрежи преку лични натписи и објави, но и официјални соопштенија на ОМД. – Обединетата македонска дијаспора (ОМД) се залага за правата и интересите на сите Македонци низ светот, без разлика дали станува збор за оние со постојано живеалиште во татковината или надвор од неа. Сметајќи дека одрекувањето од сопственото име и посебност, по пат на манипулативен и консултативен референдум, кој има цел да валоризира политичко самоволие и исполни ултиматум за евентуално (незагарантирано) членство во евроатлантската алијанса, ОМД се залага за бојкот на референдумот како единствено достоинствено решение во заштита на националниот идентитет и суверенитет на Република Македонија! – сметаат од ОМД.

Оттаму тврдат дека од основањето, ставот на организацијата по основа на референдумот за името на Република Македонија е непроменет и недвосмислен во својата суштина и дека ОМД како најголема и независна организација на македонската дијаспора, децидно ќе се спротивстави на промена на името. Според ОМД, ниеден „политички субјект не располага со мандат да преговара или уште помалку договара промена на македонското име, идентитет и Устав“, и затоа „повеќе од една деценија, ОМД повикува на прекинување на преговорите за промена на името, кои нанесоа поголема штета отколку корист за Република Македонија“.

Од друга страна, организацијата на македонските иселеници, Форумот за демократска Македонија (ФДМ), чиј став се објави деновиве, го поздрави долгоочекуваното распишување на референдумот за спогодбата за името со Грција, кој директно го поврзува со евроатлантските интеграции на Република Македонија. Во едно од последните соопштенија објавени, исто така на социјалните мрежи, а пренесено во домашните медиуми, ФДМ строго ја осуди блокадата на распишувањето на референдумот од најголемата опозициска партија во државата, оценувајќи ја како погазување на правото на граѓаните на Република Македонија да ја изразат својата демократска волја, но и на долгорочната, јавна и заедничка определба на двата најголеми политички фактора во државата за референдумско изјаснување по ова прашање.

Според ФДМ, кои немаат своја интернет-страница и имаат околу две илјади следбеници на својата фејсбук-страница, референдумот е дел од поширока визија за иднината на земјата, која не треба да врзува со поддршка за СДСМ и за нејзините потфрлања во реформските процеси, ниту пак, за ВМРО-ДПМНЕ, која го критикува референдумот, без да понуди јасна алтернатива. Референдумското изјаснување е можност граѓаните да покажат сопствено размислување и да донесат одлука во натпартиски контекст.

Форумот се противи на секаков обид за условување на референдумскиот процес и на евентуалните уставни промени што би произлегле од него – со амнестија за низата кривични дела за кои се сомничат поединци од претходната власт и изразува уверување дека „ваквата амнестија би претставувала фатален удар за владеењето на правото во Република Македонија и за демократскиот кредибилитет на нашата држава“.

И додека медиумите преку социјалните мрежи ги пренесуваат ставовите на некои од иселениците односно нашата дијаспора околу закажаниот референдум за спогодбата од Нивици, домашните познавачи на состојбите велат дека сликата на нашите што живеат надвор од татковината, особено младите македонски интелектуалци што се ангажирани надвор од својата земја, ја отсликува вистинската состојба на поделеното општеството овде.

Според политикологот Милан Стефановски, поделената дијаспора околу претстојниот референдум е очекуван епилог. Според него, разочарувачко е тоа што иако сите припаѓаат во најголем дел на иста нација, незамисливо е до каде сѐ може да се оди со говорот на омраза, клеветите, навредите па дури и пласирањето лажни вести за претстојниот референдум.

– Сѐ додека Македонија не ја надмине длабоката поделеност внатре во државата, сликата за нашата дијаспора нема да може во скоро време да се промени и да биде различна од онаа дома. Повеќе од јасно е дека домашната поларизација на општеството се отсликува надвор токму преку најблиските, кои се во постојан контакт со семејствата што живеат овде и ги следат дневните политички превирања, особено овие за референдумот – објаснува Стефановски.

Незадоволството од актуелните политики, според него, јасно ја отсликува изразената поделеност на општеството и надвор од земјава по различни основи како и секојдневните социјално-економски проблеми. Тој, меѓу другото, проблемот за ваквата слика надвор го посочува и во сѐ почестата употреба на говор на омраза на социјалните мрежи токму од нашите иселеници што ја следат кампањата за референдумот.

– Нивните кампањи одат дотаму што некои од нив бараат претседателот Ѓорге Иванов да го уапси премиерот Зоран Заев.

Другите, пак, го посакуваат обратното. Како и да е, интересно е дека и едните и другите се слични во размислувањата дали ќе биде зачувано правото на македонскиот идентитет со договорот – заклучува Стефановски. 


Дијаспората силно апелира на дебата во странство за претстојниот референдум

Морарцалиев: Иселениците се неинформирани за тоа како и за што да гласаат

Димитар Морарцалиев, реномиран адвокат и високорангиран интелектуалец, кој живее и работи со години во Женева и наедно е донатор и спонзор на повеќе македонски здруженија на наши иселеници во странство, во изјава за „Нова Македонија“ објаснува дека спогодбата од Нивици меѓу Македонија и Грција е катастрофална не само за името, туку таа ги укинува и идентитетот и воопшто постоењето на сѐ што е македонско.

Морарцалиев, иако лично се залага за бојкотирање на претстојниот референдум бидејќи смета дека не може на референдум да се стави прашање за промена на име на една држава и народ, во исто време објаснува дека силно недостига и јавна дебата во странство околу референдумот, а домашните медиуми многу малку ги пренесуваат проблемите но и размислувањата на дијаспората тука.

– Преспанскиот договор не го укинува само името туку тој ги ништи националниот идентитет, јазикот и Уставот. Домашниот политички субјект, кој е на власт, но и кој било друг не располага со мандат да преговара или уште помалку договара промена на македонското име, идентитет и Устав, и затоа повеќе од две децении лично повикувам на прекинување на преговорите за промена на името, кои нанесоа поголема штета, наместо корист за Република Македонија. Наедно, сакам да додадам дека во договорот, членот 7 се толкува како промена на името на народот, а тоа е од национален аспект, а не од граѓански како што би требало да биде. Тоа е незамисливо моќна алатка со која всушност се прави етнички геноцид над македонското население во целост каде и да е – вели Морарцалиев.

Тој констатира дека проблемот за конкретната состојба на информираност на иселениците околу претстојниот референдум произлегува од немарноста, нестручноста, непрофесионалноста и воопшто, непридржувањето на универзалните новинарски принципи за вистината, фактите и одговорност кон граѓаните од страна на домашните медиуми, кои, според него, во најголем дел се контролирани и финансирани од различни центри на моќ, така што тие пренесуваат или уште поточно со правнички речник „пронесуваат“ ставови што се произведени, калемени или спинувани токму од споменатите политички економски или безбедносни центри на моќ. Морарцалиев уште еднаш апелира дијаспората да го бојкотира претстојниот референдум бидејќи и тоа, според него, e демократско право како тоа на Владата да распише референдум за прифаќање на спогодбата од Нивици, а со тоа и промена на Уставното име, Уставот и идентитетот на нацијата.