Референдумот жешка тема меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

298

Двете најголеми политички партии во земјава го искористија викендов да си поделат меѓусебни обвинувања поврзани со претстојниот референдум.
Владејачката СДСМ го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да го искористи настанот во Кичево за да ги повика членовите и симпатизерите да излезат на референдумот на 30 септември и да донесат одлука за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО.

– Има време за дневна политика, сега е време за обезбедување на иднината, таа е најважна од сѐ. Време е сите да бидеме едногласни во остварувањето на нашите стратегиски и национални интереси – членство во НАТО и во ЕУ. Во интерес на иднината, сите треба да се приклучат, да излезат и да гласаат „за“ европска Македонија – соопштија од СДСМ.

Веднаш во јавноста преку својот фејсбук-профил се огласи првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мискоски, кој напиша дека била остварена средба со лидерите на политичките партии што се дел од коалицијата „За подобра Македонија“.
– Главна тема на средбата беа претстојниот референдум и позициите на партиите во однос на ова прашање. Коалициските партнери се согласни дека ваквиот капитулантски договор потпишан од уценети политичари не може и не смее да биде покритие за општиот грабеж, расипништвото и хедонизмот на власта – напиша тој.
Еден ден претходно, ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара Владата за време на кампањата за референдумот да ги запре сите тендери и привремени вработувања, како што е правило и за избори. Во спротивно, опозицијата смета дека Владата ја злоупотребува власта за партиски цели, за купување и корупција на гласачите и не прави разлика меѓу партијата и државата.

– Сите зафати на оваа власт во ова време, најмалку од распишувањето на референдумот, се зафати со лукративни побуди, преку злоупотреби да се оствари политичка победа на политичката партија од која потекнуваат. Тоа е корупција, тоа е криминал. И во целост е спротивно на европските вредности, за кои сега лажно се трошат буџетски пари – обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.