Ресенчанецот Наум Туфекџиев најпознат атентатор во Бугарија

1565

Туфекџиев бил еден од најбогатите луѓе во Софија. Тргувал со оружје, експлозиви и муниција. Зборувал неколку јазици.Тргувал со секого – со власт и со непријатели, со легални институции и со илегални организации. Им продавал на Бугари, на Срби, на Турци, дури и на Руси, оружјето не препознавало националност или друга припадност. Бил газда на леарница за бомби во Софија, негов патент биле гранати и бомби наречени „македонки“, масовно употребувани, како во армијата така и во илегалните дружини. Во 1895 година од бугарската царска власт купува четири илјади пушки и триста бомби, па ѝ ги предава на Македонската револуционерна организација за да се подготви за востание

Затскриено во историските читанки

Во бугарскo-македонската историја во втората половина на 19 и во првата половина на 20 век, освен учеството на повеќето штипјани (од Штип и штипско Ново Село), видлива е и улогата на неколкумина ресенчани и луѓе од Преспа, кои заземале видни места, како во бугарската политика така и во македонското револуционерно движење. Најпознати се петтемина од Ресен поврзани со предилинденскиот и поилинденскиот период. Тоа се д-р Христо Татарчев (1869 – 1952), еден од основачите и прв претседател на ВМРО, Андреј Љапчев, кој бил министер на војската и пет години (1926 – 1931) претседател на Владата на Бугарија, Симеон Радев (1879 – 1967), освен по публицистичката дејност познат по тоа што бил секретар (и записничар) на бугарската делегација при потпишувањето на Букурешкиот договор во 1913 година кога по Балканските војни географска Македонија е поделена меѓу Србија, Грција и Бугарија, Трајко Китанчев (1858 – 1895), поет, есеист, публицист, преведувач, револуционер, прв претседател на Македонскиот врховен комитет во Софија, и Наум Туфекџиев (1864 -1916), контроверзен трговец со оружје и организатор на атентати.
За повеќето од нив се напишани голем број книги во Бугарија, помалку во Македонија. Нивните биографии и дела се главно познати и опишани. Но најмалку е пишувано, најмалку се знае за петтиот. Нему историчарите не му го посветиле соодветното внимание, за него нема најдетално зачувана документација, иако заедно со Татарчев и Љапчев се вбројува меѓу стоте највлијателни личности учесници во нејзината политика во пресвртните историски настани од постанокот на бугарската држава. Петтиот е Наум(е) Туфекџиев, најпознатиот атентатор во Бугарија, личност опишувана со црни бои од бугарските историчари.

Кој бил Наум Туфекџиев?

Роден во Ресен како турски поданик, изучувал пиротехника во Белгија, бил еден од најбогатите жители на Софија во тоа време, го викале – Науме Милионерот. Како што презимето му произлегува од зборот „туфек“ (турски збор за пушка), така богатството го стекнал преку трговија со оружје, експлозиви и муниција. Зборувал неколку јазици. Тргувал со секого – со власт и со непријатели, со легални институции и со илегални организации. Им продавал на Бугари, на Срби, на Турци, дури и на Руси, оружјето не препознавало националност или друга припадност. Бил газда на леарница за бомби во Софија, негов патент биле гранати и бомби наречени „македонки“, масовно употребувани, како во армијата така и во илегалните дружини. Во 1895 година од бугарската царска власт купува четири илјади пушки и триста бомби, па ѝ ги предава на Македонската револуционерна организација за да се подготви за востание. Негова пратка биле пушките што му ги фатиле на Дончо Штипјанчето кај Битола, негов главен транспортер и курир на организацијата. Настанот е опеан во народната песна „Ми товарил калеш Дончо три товари ориз“, кого „го фатија, го фрлија во темни зандани, го мачеа пусти Турци во тесни долапи, но истраја калеш Дончо ништо не предаде“. Туфекџиев соработувал со Гоце Делчев и со Ѓорче Петров, но овие двајцата му откажуваат блискост и ја прекинуваат врската откако виделе со кого си имаат работа.
Како што тргувал со оружјето така тргувал и со интересите, главно шпекулантски. Час бил близок со турските тајни служби, час со Бугарите, со царот и оние против него, час со Србите, не заостанувале ниту Русите. И покрај зафатеноста со трговијата, стигнувал насекаде. Член бил на Младата македонска книжевна дружина, еден од основачите на Македонскиот братски сојуз, припадник на врховистичката организација, потпретседател на Врховниот македонски комитет. Покрај јавната работа, Туфекчиев бил вмешан во разни афери со нелегална продажба на оружје, во заговори и киднапирања, соработувал со агенти на повеќе земји. Им продава бомби на руските болшевички револуционери, откриен му е меѓународен скандал со оружје транспортирано во Русија. За време на Младотурската револуција (1908) дејствува во Ресен, каде што се поврзува со видните Турци, посебно со Нијази-бег и Енвер-бег, личности што се вбројуваат во оние што биле иницијатори за почетокот на хуриетот. Тој е и меѓу основачите на организацијата „Црвени браќа“, создадена од младотурците за растурање на Внатрешната македонска организација. Туфекџиев е важна заткулисна фигура чие дејствување имало силно влијание во тој динамичен период преполн со настани.

Ликвидиран бугарскиот премиер

Сепак ресенчанецот Науме Туфекџиев, заедно со браќата Димитар и Никола, најголеми траги оставил со атентатите што ги организирал или во кои непосредно учествувал. Во прв ред е атентатот на бугарскиот претседател на Владата, Стефан Стамболов, кој се смета за еден од архитектите на современа Бугарија, бил нарекуван и бугарски Бизмарк, возвишена споредба со германскиот политичар, кој ја кроел германската политика речиси триесет години. Во рок од четири години нему му намериле два атентата. Првиот неуспешен, вториот со смртни последици. Во првиот наместо Стамболов настрадал министерот Христо Белчев, по што Туфекџиев бега во Русија, првин во Одеса, а подоцна во Симбирск, градот во кој е роден Ленин. По враќањето во Бугарија, четири години по првиот обид е извршен вториот атентат. Убиството на Стамболов се смета за едно од најбруталните политички убиства во Бугарија. Пред да испушти душа, самиот Стамболов ги посочил убијците во името на Туфекџиев и принцот Кобург, од што произлегле претпоставките дека зад атентатот стои царскиот двор во Софија.
По атентатот, била поведена истрага што траела цела година. Врз основа на сознанијата било поднесено обвинение во кое Туфекчиев бил посочен како „мозокот на операцијата“ и организатор на атентатот. На судскиот процес бил осуден на три години затвор, но не за организација и учество во атентатот, туку со преквалификација на делото – „за помош и превоз на оружје“. Колку Туфекџиев бил моќен човек го покажува и фактот што една година подоцна пресудата била преразгледана и изменета, бил прогласен за невин, речиси воопшто не влегол в затвор. Не бил никаков доказ ниту писмото што Стамболов со месеци пред смртта го имал оставено како завет до еден германски новинар, во кое јасно посочувал кој ќе го убие. Таму на прво место биле напишани името и презимето на Наум Туфекџиев.

Одмаздата на Тодор Александров

Последниот атентат го организира во 1915 година, кога по налог на турската тајна полиција и во содејство со „Црвените браќа“ поставува експлозив во едно софиското градско казино. Притоа загинуваат синот на началникот на генералштабот на армијата, ќерката на министерот за одбрана, а настрадале и осуммина видни граѓани на Софија. Некои историчари наведуваат дека тој настан бил повод Бугарија да се вклучи во Првата светска војна на страната на Централните сили. На Туфекчиев му се припишува и убиството на бугарскиот дипломатски агент во Цариград, д-р Георги Волкович, близок пријател и политички истомисленик на Стамболов. Познато е и тоа дека сакал да урне со експлозив и една банка во Солун, но во таа намера го спречиле бугарските власти.
Туфекџиев живеел 52 години. При крајот на животот, среќата го напуштила богатиот трговец и моќен човек кому сѐ му поаѓало од рака. Освен со богатства, се стекнал со доста непријатели, на кои им се замерил или ги излажал, кои сакале или барале да биде елиминиран. Го снашло и несреќа, му загинал синот единец. Во обид да ја спаси својата душа, да се покае за своите „гревови“, во спомен на загинатиот син подарил пет илјади златни левови за организирање и функционирање на егзархиските цркви во Македонија. На почетокот на 2016 година е ликвидиран со шест куршуми во градите на сред главна улица во Софија. Нарачател на убиството бил Тодор Александров, кому му се имал замерено во повеќе наврати, а капак на сѐ бил обидот на Туфекџиев да ја растури ВМРО во договор со турската полиција. Таа намера Александров не му ја простил.
Во една книга објавена поодамна, во која се наведени и биографски опишани стоте највлијателни личности на Бугарија од нејзиниот постанок до крајот на 20 век, Наум Туфекџиев е рангиран на 83-то место, веднаш зад Јане Сандански, кој е на 82 -то. Најинтересно е што од стоте лика само Сандански и Туфекџиев се опишани со црни бои како личности што им нанеле штета на бугарската држава и на бугарскиот народ. Доколку не биле тие двајца, историјата на Бугарија, што подразбира и на денешна Република Македонија, најверојатно би била сосема поинаква. Туфекџиев има свое место и во забранетата Македонска енциклопедија, неговата одредница содржи неколку реченици. Одредницата гласи: „ТУФЕКЏИЕВ, Наум (Ресен, 29. VI 1864 – Софија, 26. II 1926) – трговец од Македонија во Софија, припадник на врховистичката организација, потпретседател на ВМК (1895). По убиството на С. Стамболов се засолнил во Одеса. По Младотурската револуција дошол во Македонија. Бил близок со младотурските раководители Нијази-бег и Енвер-бег“. Толку е напишано за Туфекџиев. Пред историчарите останува задачата да се напише уште многу за оваа бујна, темпераментна, итра, способна и контроверзна личност, важен заткулисен учесник и сведок во македонското револуционерно движење.

[email protected]