Рекордери за штанцање амандмани!

368
Фото: Игор Бансколиев

ПОЛИТИЧКО НАДМУДРУВАЊЕ, ОПСТРУКЦИЈА ИЛИ УРНИСУВАЊЕ НА ИНСТИТУЦИИТЕ

Не може ниедна партија да има 6.000 амандмани што ќе го дополнат или дообјаснат кој било закон, тоа е само едно штанцање на празни листови, кои се потпишуваат од пратениците за политички цели и ништо повеќе, тврдат правниците. Во меѓувреме, македонското собрание и во минатото бележело рекорди според бројот на поднесени амандмани, кои достигале и до 30.000 примероци

Се враќа ли во практика блокадата на работата на законодавниот дом преку поднесувањето на илјадниците амандмани од страна на некои од политичките партии во Собранието, кои овој пат се насочени кон спречување промени во Изборниот законик и изборниот модел од шест во една изборна единица.

Според експертите, ваквиот чекор на партиите не придонесува за конструктивност при носење на законите туку претставува нова игра на нерви и класична блокада на работата на парламентот.

Коментирајќи го потегот на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со поднесување на над 6.000 амандмани до собраниските служби за да се спречат измени на Изборниот законик, поранешниот генерален секретар на Собранието, адвокатот Александар Новакоски вели дека не станува збор за блокада на парламентот туку за блокирање на законот. Како што објаснува Новаковски, претседателот на Собранието според деловник има право да отфрли дел од амандманите доколку ги прогласи за беспредметни односно несуштински. Со тоа, според Новаковски, спикерот на парламентот ќе ги намали амандманите и ќе ја забрза дискусијата или расправата за законот.

– Не станува збор за блокирање на работата на парламентот, туку единствено за блокирање од носење на законот. Станува збор за класични политички надмудрувања на партиите, процес што сме го имале повеќепати во минатото. Овој став го темелам на тоа што не може ниедна партија да има 6.000 амандмани што ќе го дополнат или дообјаснат кој било закон, тоа е само едно штанцање на празни листови, кои се потпишуваат од пратениците за политички цели и ништо повеќе. Претседателот на Собранието располага со разни механизми со кои може да ги отфрли, односно да ги пренасочи расправиите за амандманите и да се префрлат во собраниските комисии наместо дискусиите да се одвиваат во пленарната седница. Со тоа уште еднаш сакам да појаснам дека не станува збор за обиди за блокирање на работата на Собранието туку за класични опструкции на предлог-законите за измени на Изборниот законик – вели Новаковски.

Професорката Мирјана Најчевска на оваа тема вели дека поднесените амандмани имаат цел да го блокираат предлог-законот што предвидува измена на изборниот модел од шест во една изборна единица, а не да ја подобри содржината на законот.
– Тие што ги поднеле шесте илјади амандмани се застапници на авторитарноста, борци против демократијата и измамници на сопствените гласачи. Ова го тврдам како професор по правни науки и како граѓански активист. Поднесувањето амандмани значи дека некој генерално се согласува со одреден предложен текст, меѓутоа има да додаде нешто за подобрување на тој текст. Ако поднесеш 6.000 амандмани, нема ни теориска шанса да се согласуваш со предложениот текст, што значи лажеш дека поднесуваш амандмани. Ако поднесеш 6.000 амандмани, значи дека немаш смелост да кажеш што навистина мислиш, затоа што тоа е спротивно на волјата на твоите гласачи, што значи ги мамиш оние што те избрале. Ако поднесеш 6.000 амандмани, значи дека не знаеш како работат демократските институти, што значи најсвесно ги урнисуваш демократскиот систем и поредок – коментира Најчевска.

Поранешниот пратеник Павле Трајанов тврди дека главното несогласување меѓу партиите се однесува на изборните единици во однос на парламентарните избори. Според Трајанов, амандманите во суштина се од технички карактер, преку кој се елаборира што всушност треба да се смени или дополни во законот и може со умисла да го одолжува целиот процес, но и нормалното функционирање на парламентот.
– Во ваква ситуација, како што имаме денес, под услов секој работен ден да се расправа за оваа точка на дневниот ред, иако за секој амандман за овој вид закон деловнички не пропишува точно колку минути може да се образложува од страна на подносителот, Собранието би расправало со часови, што преведено во работното темпо на парламентот би значело повеќемесечна расправа во Собранието. Тоа говори дека политичките партии подносители на амандманите во овој момент, ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ, ги штитат нивните политички интереси, што, според мене, во моментов може да предизвика и одложување на изборите, но и класично блокирање на работата на законодавниот дом за нивни цели – вели Трајанов.

Инаку, македонското собрание низ историјата памети повеќе вакви практики во својата демократија преку поднесување илјадници амандмани за закони што биле направени од страна на пратениците во парламентот. За потсетување, ВМРО-ДПМНЕ за Законот за употреба на јазиците поднесе над 30.000 амандмани, што е рекорден број амандмани за еден закон во историјата на македонскиот парламент. Претходно, амандманскиот рекорд во Македонија го држеше ДУИ, во 2012 година, кога за Законот за бранителите поднесе 15.451 амандман, уште во првата фаза за негово донесување. И во двата случаи во најголем број амандманите претседателот на Собранието ги отфрлаше како неосновани и нецелосни, со што се одблокираше работата на законодавниот дом во неколку наврати. Има и други случи на поднесување огромен број амандмани со кои не се унапредуваат законските решенија туку, напротив, се дерогираат институциите.

[email protected]