Ред страв, ред кураж и ред надеж за подобро утре

106
Фото: Игор Бансколиев

Специфичниот изборен процес во кој се наоѓа Македонија бара и специфични постапки на одговорност од сите учесници во процесот. Поголема информираност и уште поголема одговорност. Исправени сме пред голем предизвик, време е да се покаже и политичка и здравствена и државничка зрелост

ПРЕДИЗБОРНА ДИЛЕМА: КОЈ ЌЕ ИЗЛЕЗЕ ПОСИЛЕН – СТРАВОТ ОД КОРОНАТА ИЛИ ОДГОВОРНОСТА ЗА ИДНИНАТА

На десетина дена пред датумот на изборите, и покрај прогнозите на здравствените власти дека ширењето на вирусот се очекува да се намали, како и бројот на заразени, сведоци сме дека секојдневните извештаи од Министерството за здравство резултираат со трицифрени бројки на заразени од ковид-19, како и дека бројот на заразени не паднал под 150 лица. Тензијата е уште поголема што бројот на смртни случаи достигнува и рекордни бројки од 15 починати лица само за еден ден. Во јавноста сѐ погласно се поставуваат прашањата колку граѓаните имаат гаранција за нивната безбедност и колку тие ќе бидат мотивирани да излезат на избирачките места на самиот ден на изборите. Но колку политичките партии ги насочуваат своите кампањи во насока на заштита на граѓаните? Коку во нивните настапи им влеваат доверба и им гарантираат безбедност на граѓаните од ширење на вирусот или, пак, кампањата ја насочуваат на меѓусебни обвинувања?
Специфичниот изборен процес во кој се наоѓа Македонија бара и специфични постапки на одговорност од учесниците, но и од гласачите. Многу поголема одговорност, но и многу поголема информираност.

Треба ли партиите, покрај предизборните спотови, да посветат внимание и на поголема информираност на своите членови и симпатизери за заштита од коронавирусот? Како да им ја гарантираат здравствената безбедност на граѓаните и да овозможат поголем одзив? Може ли да го избегнеме српското сценарио? Сите овие прашања и дилеми се наметнуваат во јавноста со наближувањето на денот на изборите.
Оливер Дерковски, претседателот на Државната изборна комисија, вели дека ДИК веќе има подготвено сопствена кампања насочена токму за одзивот на граѓаните на претстојните избори, како и за нивната здравствена безбедност при тоа.
– Имаме подготвено спотови што постојано се емитуваат на националните телевизии, а во секоја од општините се движат карвани што на граѓаните им делат промотивни материјали со содржина дека денот на изборите ќе биде безбеден со сите здравствени протоколи, а граѓаните ќе можат слободно да излезат на изборите, зашто на самите избирачки места ќе бидат спроведени сите пропишани здравствени мерки и протоколи, со што нема да има опасност по здравјето на граѓаните – објаснува Дерковски.
Според него, целата кампања за овие избори е мотивирачка и е потврда на довербата на граѓаните дека самиот процес на изборите ќе биде безбеден и во насока на заштита од ширењето на ковид-19.

Лекарите велат дека ако се почитуваат препораките, во јули ќе избегнеме нов кластер на ширење на заразата што би бил поврзан со изборите. Сепак, предупредуваат дека најголема опасност од ширење на вирусот може да се случи на крајот од самиот изборен ден, кога евентуално ќе се организираат прослави или протести.
Аналитичарот Ристо Никовски вели дека е тешко да се каже колку ќе биде народот мотивиран да излезе, зашто главен проблем ќе биде пандемијата, која зеде невиден замав во Македонија.
– Генерално зборувајќи, кампањата е комбинација на ветувања, од кои голем дел изгледаат нереално, и од напади на другата страна, кои се неизбежни. Добар дел од народот е уплашен и нема да се изложува на ризици, а тоа ѝ дава шанса на оваа власт да освои незаслужени гласови – посочува Никовски.
Професорот Нано Ружин вели дека првпат во историјата на Македонија од осамостојувањето се случуваат избори во вонредни околности.

– Политичките партии сакаат да ја освојат власта и некогаш се невнимателни во битката за гласови и се плашам дека честопати понесени од нашиот менталитет дека нема опасност од ширење на епидемијата луѓето се изложуваат на разни опасности, но целокупната одговорност е оставена на граѓаните и на нивната свест и совест. Партиите не можат да ги разубедат граѓаните, зашто веќе докторите не можат да го направат тоа. Тие немаат медицински авторитет да ги убедат граѓаните – објаснува Ружин.
Според него, за очекување е на изборите да има помал одзив, поради стравот и перманентното растење на бројот на заразени.


Без проекција за ширењето на вирусот до изборите

Епидемиологот д-р Александар Стојанов, член на Комисијата за заразни болести и в.д. директор на Центарот за јавно здравје, вели дека моменталната состојба со бројот на заразени е сериозна. Во Скопје бројката се движи околу 70 заразени случаи дневно, а во Македонија е помножена со два, што значи се удвојува од таа во главниот град.
– Никој не може да направи проекција за тоа каков ќе биде трендот на ширење на вирусот во следниот период, па дури ниту на самиот ден на изборите.

Денот на изборите според пропишаните протоколи за заштита на гласачите и на избирачките места ќе биде безбеден. Најголем проблем може да направи ако потоа, и покрај забраните за групирање на граѓаните, се случат прослави или протести. Се работи за нов вирус, со кратко време на негово пандемиско ширење, немаме статистики од минати години и затоа не може епидемиолошки да се направи некаква споредба и со тоа да проектираме некаков тренд на раст или пад на бројот на заразени – објаснува епидемиологот Стојанов.

Според него, очекувањата биле дека во летните месеци ќе се намали ширењето на ковид-19, зашто потекнува од групата на зимски вируси, но, ете, не се случило тоа.
– Не сме единствената држава во која се спроведува изборен процес. Граѓаните се движат по маркети, пензионерите прават големи редици од метежи пред банките, а тоа, според мене, е поголем проблем за ширење на вирусот, отколку еден гласач да влезе на избирачкото место и да се задржи на истото тоа не повеќе од две до пет минути. Сметам дека при изборите можноста од ширење на вирусот е мала – посочува епидемиологот.

 

[email protected]