Растегливоста на правилата доби примат над консензусот

102

Исказот на Доналд Трамп за членство на Бразил во НАТО предизвика лавина критики: дека претседателот на САД не знае како функционира сојузот, дека Бразил не е во Европа, дека ќе треба да се менува договорот за Алијансата, дека САД ќе треба да бараат консензус од сите членки… За Македонија е особено битна последнава забелешка, имајќи предвид дека ги исполнуваше стандардите, ама со консензус од неа се бараше да го промени и името. Постојат ли навистина критериумите за членство, кога на суперсилите им се потребни нови сојузници?

Бурни реакции деновиве предизвика изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека цврсто поддржува членство на Бразил во НАТО, при средбата во Белата куќа со лидерот на оваа јужноамериканска земја, Жаир Болсонаро. Критичарите веднаш го нападнаа Трамп дека всушност не знае како функционира Алијансата, дека Бразил не е во Европа, дека ќе треба да се менува Северноатлантскиот договор од 1949 година, како и дека Трамп ќе треба да бара консензус, односно согласност од сите други членки на Алијансата, за прием на Бразил во НАТО. За Македонија, која веќе со една нога е во НАТО, особено е важна последната критика, имајќи предвид дека земјава ги исполни сите стандарди за прием во Алијансата, но на крајот од неа со консензус беше побарано да го менува и името за да добие зелено светло.

Безбедносните експерти истакнуваат дека најмоќниот воен блок официјално со консензус ги носи одлуките, но дека често знае и флексибилно да дејствува во однос на безбедносните и на надворешнополитичките прашања, во зависност од околностите. Ако се работи за заеднички активности на Алијансата, тогаш се бара консензус од сите членки, додека ако државите дејствуваат надвор од сојузот, тогаш правилата на НАТО не важат. Слични дилеми деновиве отвори и одлуката на Албанија, како членка на НАТО, да вежба со косовските безбедносни сили, иако лидерите на Алијансата јасно го проблематизираа статусот на косовската војска. И тука се чини дека растегливоста на правилата доби примат над консензусот и следењето на правилата што би требало да важат за сите членки на НАТО.

Во оваа ситуација исто така треба да се нагласи и различната моќ и влијание на државите во НАТО, иако официјално сите членки се еднакви во сојузот (тоа е карактеристично и за ЕУ, каде што постои официјална еднаквост меѓу членките, но речиси при секоја поголема одлука се појавуваат поделби меѓу моќните и слабите, источните и западните, јужните и северните, или новите и старите членки). Во разни мисии и операции на НАТО, главно предводат САД и нивните најмоќни европски сојузници, како Британија или Франција, додека преостанатите членки што не се согласуваат со некоја од операциите или ја игнорираат или не учествуваат со свои сили (како што, на пример, беше при бомбардирањето на НАТО на Србија).

Оттука е интересно да се види како ќе реагираат преостанатите членки на оваа иницијатива на Трамп и на неговиот советник за национална безбедност Џон Болтон. Трамп на средбата со Болсонаро рече дека САД сериозно ќе разгледаат што може да се стори за „членството на Бразил во НАТО“ или за „нешто друго во врска со сојузот“, како добивање статус на главен сојузник на САД надвор од алијансата.

Американскиот советник за национална безбедност, Болтон, исто така нагласи дека САД се подготвени на Бразил да му дадат статус на главен сојузник надвор од НАТО.

– Со голема гордост ќе го направиме Бразил наш главен сојузник надвор од НАТО и очекуваме да соработуваме за прашањата за Венецуела, Иран и Кина – посочи Болтон.
Разговорите меѓу претседателите на САД и на Бразил, Трамп и Болсонаро, се всушност „голем состанок со новиот силен стратегиски партнер“, истакна тој.

Статусот главен сојузник на САД надвор од НАТО беше воведен во 1989 година. Во текот на 1996 година, земјите што го добија овој статус примија и дополнителна воена и финансиска помош. Американскиот претседател може да назначи држава за главен сојузник во рок од 30 дена од потврдувањето на таквиот предлог од страна на Конгресот на САД. Споменатиот статус на државите што го добиле значи развој пред сѐ на односите со САД: можно учество во заеднички воени проекти, спроведување заеднички воени истражувања, учество во ограничени антитерористички операции, испораки на ограничени видови оружје, заеднички проекти во вселената итн. Досега статус на главен американски сојузник надвор од НАТО имаат Авганистан, Аргентина, Австралија, Бахреин, Египет, Филипини, Израел, Јапонија, Јордан, Јужна Кореја, Кувајт, Мароко, Нов Зеланд и Пакистан.

Меѓутоа, ситуацијата со Бразил е многу поспецифична, бидејќи земјата е полноправна членка на групата земји наречена БРИКС, во која уште членуваат и Русија, Индија, Кина и Јужна Африка. Со ваквиот потег, Бразил би бил извлечен од закрилата на Русија и Кина, кои се клучни земји во групата БРИКС. Ако Бразил, на чие чело во моментот е проамерикански претседател и поранешен војник, кој поради своите конзервативни позиции и политички дејства се нарекува и бразилски Трамп, стане главен американски сојузник надвор од НАТО, тогаш ќе мора да излезе од групата БРИКС. Тешко е да се верува дека Бразил, заедно со САД, како што вели Болтон, ќе работи на решавање на прашањата поврзани со Венецуела, Кина и Иран (кој заедно со Турција бара свое место во БРИКС), а другите членки на БРИКС од страна мирно ќе гледаат како Американците се обидуваат да го растурат овој блок.

Како што посочуваат аналитичарите на „Геополитика“, во целата ситуација е битно да се нагласи дека Бразил е идеолошки, политички и социјално многу поделена земја, како и дека интегративните процеси со БРИКС веќе долго време интензивно се развиваат. Блокот подолг период работи на развивање заедничка банка на БРИКС, воспоставување заеднички платежен систем и на други крупни проекти, па затоа е интересно да се види како ќе се развива иницијативата на Трамп и на Болтон за прием на Бразил во НАТО или барем добивање на статус на главен сојузник на САД надвор од НАТО. Тоа сигурно ќе ги зголеми политичките поделби во најголемата јужноамериканска земја, но и меѓу нејзините соседи, пред сѐ во Венецуела.

Ако иницијативата на Трамп се сведе на статус на Бразил на главен сојузник на САД надвор од НАТО тогаш, како што велат експертите, нема да важат правилата на НАТО и Американците слободно ќе можат да развиваат билатерални политички и воени врски, сѐ додека тие не ја доведуваат во опасност безбедноста на сојузот. Ако, пак, Трамп навистина побара Бразил да стане членка на НАТО, тогаш на дело ќе се види дали ќе функционира принципот на консензус и дали ќе се почитуваат усвоените правила што би требало да важат за сите членки. Во спротивно, повторно, како што често се случува и во ЕУ, односите меѓу членките на НАТО и донесените одлуки ќе се сведат на тоа кој има најголема воена, политичка или економска моќ и кому во моментот му требаат нови сојузници, а критериумите и правилата ќе останат само мртво слово на хартија. Нашата држава, без дилема, беше жртва на ова.

[email protected]