Разочараност и кај голем дел од европските политичари

291
Фото: Маја Јаневска-Илиева

ЕУ ПАДНА НА ИСПИТОТ

Македонија доживеа ново одложување на почетокот на пристапните преговори со ЕУ, и по потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција. Како иронична коинциденција, ова уште едно официјално „не“ на ЕУ за почеток на преговори за членство со Македонија, се совпаѓа со годишнината кога во македонското собрание беше изгласана согласност (со сериозна компромитација на правниот систем) за почнување со уставните измени за имплементација на Преспанскиот договор (19 октомври).

Драматичниот самит на ЕУ во Луксембург и во Брисел заврши без договор за отворање преговори со Македонија и со Албанија. Во заклучоците од самитот, има само една реченица во врска со проширувањето во која се вели дека ЕУ-лидерите се обврзуваат да се навратат на прашањето до самитот во Загреб во мај 2020 година.
На прес-конференцијата по завршувањето на самитот, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск им порача на Македонија и на Албанија да не се откажуваат од својот европски сон.

– Повеќето земји сакаа да се отворат преговори со Македонија и со Албанија, но на крајот беше решено ова прашање да се остави за следниот самит во Загреб, што ќе се одржи во мај 2020 г. Македонија и Албанија не треба да се обвинуваат себеси за тоа. Двете земји исполнија што баравме од нив и тука особено би го истакнал Преспанскиот договор, кој е исклучително постигнување – изјави Туск.
Тој кажа дека тоа не е неуспех на Македонија и на Албанија, туку грешка на Европската Унија.

– Ве молам, не откажувајте се! Јас ја разбирам вашата фрустрација во овој момент, затоа што вие завршивте работа, не и некои од нас. Македонија и Албанија го положија испитот, не и Унијата. Лично, чувствувам срам. Понекогаш треба премногу време за да се донесе одлука, но сигурен сум дека еден ден ќе бидете полноправна членка на Европската Унија – се обиде Доналд Туск да најде зборови за утеха за Македонија и за Албанија.

Разочараност од одлуката искажа и голем број други европски политичари.
– Лидерите на Европската Унија не успеаја да ги оживеат нивните ветувања за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија. Ова е екстремно разочарувачки. ЕУ сега треба да расчисти колку сериозни се нивните обврски кон интеграцијата на Западниот Балкан – напиша еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан на Твитер.

Реагираше и италијанскиот премиер, Џузепе Конте, наведувајќи дека 17 октомври ќе биде запаметен како ден со историска грешка.
– Албанија и Северна Македонија чекаат за прием во ЕУ отсекогаш. Се надевам дека разочарувањето нема да стане обесхрабрување. Италија секогаш ќе ги брани нив – наведува Конте.

Известувачката на Европскиот парламент за Косово, Тања Фајон, пак, наведе дека е многу разочарана што е пропуштена уште една можност да се покаже дека проширувањето е важно и да се одржат ветувањата.
– ЕУ е повторно заложник на Франција, која не разбира и продолжува да ги поткопува нашите ЕУ-интереси на Балканот – напиша Фајон.


Aмбасадорите на ЕУ во Македонија главно без коментар

„Нова Македонија“ побара мислење од претставништвата на ЕУ, Франција и на Германија во Скопје за случувањата во Брисел и за тоа како ќе се одрази одлуката врз иднината на политичките процеси во Македонија. За жал, знаејќи ја разочарувачката вест од Брисел повеќето од амбасадорите останаа без зборови. Единствено се огласи амбасадорот на Унгарија Ласло Дукс, кој на приемот по повод одбележувањето на националниот ден на Унгарија изрази жалење што ЕУ ја одложила одлуката и нагласи дека со тоа се поткопува кредибилитетот на Унијата во земјата и во регионот.