Проширувањето на слеп колосек

211
Фото: Маја Јаневска-Илиева

НАЈНОВ ДОКУМЕНТ ЗА ИДНАТА ПЕТГОДИШНА СТРАТЕГИЈА НА ЕУ

Додека македонските граѓани од ЕУ очекуваат датум за почеток на преговори со Унијата следниот месец, со оглед на позитивните препораки од последниот извештај на ЕК, нацрт-документот, кој вчера протече во јавноста, сепак не влева преголем оптимизам за Македонија и за регионот. До кога Брисел ќе глуми со две лица пред Македонија

Иако со потпишувањето на Преспанскиот договор, но подоцна и со добивањето позитивен извештај на ЕК за нашиот напредок, се чинеше дека се отстранети сите пречки за македонската интеграција во ЕУ и во НАТО, сепак Унијата во следните пет години речиси со сигурност нема да прифаќа нови членки. Фокусот на новите власти во Брисел ќе биде насочен кон миграцијата, заштита на надворешните граници на Унијата како и подобрување на економијата внатре во евросојузот и борбата со климатските промени на Стариот Континент.

Ова, меѓу другото, се наведува во нацрт-документот на ЕУ насловен „Новата стратегиска агенда на ЕУ за 2019-2024 година“, кој протече вчера во јавноста, а прв го објави бриселскиот портал „Евроактив“. Како што наведува реномираниот портал од Брисел, Унијата во наредните години речиси сигурно нема да прифаќа нови членки, а иднината на аспирантите Албанија и Северна Македонија ќе зависи од подготвеноста на самите земји, но и од расположението на членките на ЕУ, кои засега „тивко“ се залагаат вратата сепак да остане отворена за оние што сакаат да му се приклучат на семејството.

– Лидерите на ЕУ би можеле да дадат зелено светло за почеток на преговорите за пристап на самитот во јуни, иако Франција и Холандија и понатаму се спротивставуваат на таквиот чекор, додека 13 земји главно од централна и источна Европа работат на заедничкиот нон-пејпер документ за проширувањето сепак да продолжи – се наведува во документот.

Во нацрт-стратегијата која се однесува на временскиот период од 2019 до 2024 година пишува дека на врвот од агендата на Брисел во наредните години ќе биде борбата со нелегалната внатрешна, но и надворешна миграција.

Понатаму, во деталното истражување се наведува дека на европските избори кои се одржаа на 23 и на 26 мај, се покажало дека шест земји се позагрижени од миграцијата и одливот на мозоци отколку за новите проширувања. Иако студијата потврдува дека миграцијата е загрижувачка високо на агендата на Брисел во наредните пет години, а работите околу климатските промени, зелените политики и економијата ќе бидат исто така веднаш по миграцијата, односно високо на агендата на ЕУ во следните години.
– Развивање на нашата економска база ќе биде исто така приоритет. Таа, покрај акциите за климатските промени кои во голема мера беа присутни на евроизборите, ќе биде главна тема на дискусија и активности во Европскиот парламент во годините што следуваат – пишува во документот.

Понатаму, интересно е што во документот се споменува дека следната Европска комисија се очекува да има намалени ингеренции во однос на извршната власт со која досега располагаше Жан Клод Јункер, и тоа во областите на енергетиката и транспортот.

Во меѓувреме, во очекување на датумот за преговори, некои од домашните експерти коментираат дека тактиката што Брисел ја спроведува во овој момент кон нас е игра на топло-ладно, односно збунувачка бидејќи од една страна нѐ величат за договорот со Грција и напредокот на демократијата во земјава, а од друга страна истовремено на внатрешен план доаѓаат сериозни критики за реформите и владеењето на правото. Професорката од Правниот факултет од Институтот за политички науки, Ана Чупевска, коментирајќи го неофицијалниот документ кој вчера беше објавени на бриселскиот портал „Евроактив“, истакнува дека пред да се суди сѐ што се наведува во петгодишната стратегија на ЕУ, мора најпрво да се разграничи што всушност е полноправно членство на РСМ и отпочнување на преговори на Унијата со земјава.

Фото: Игор Бансколиев

– Ние мора да правиме разлика меѓу полноправното членство на РСМ во ЕУ и отпочнување на преговорите. Во таа насока овој „лик“ е тесно специфициран кон политиките на проширувањето, за разлика од нашите легитимни барања за отпочнување на преговорите. Имено, очекувањето да добиеме датум за отворање поглавје е реално и оправдано, но зависи од констелациите во Унијата во моментов. Она што е од суштинска важност во таа смисла е да ги убедиме дека сме подготвени за отпочнување на преговори и дека сме подготвени за радикално реформирање на земјата како би можеле со текот на времето да станеме членка – оценува Чупевска.
За разлика од неа, професорот Атанас Козарев, познавач на состојбите во ЕУ, вели дека повеќе од јасно е дека ваквиот развој на политиката за непроширување на Брисел кон Западен Балкан беше очекуван. Според него, постојат добро познати причини поради кои Македонија досега не е во ЕУ.

– Да резимираме уште еднаш, а тоа е дека во 2025 година единствено во ЕУ ќе влезе само Црна Гора. Сите преостанати, почнувајќи од Србија, која веќе долго преговара како Македонија и преостанатите, пред 2032-2033 година немаат шанси да станат полноправни членки на еврозоната. Тоа е факт што сега го потврдуваат и Франција и Холандија, а е позначајно дека Макрон рече дека нема проширување пред да се реформира Унијата. Франција не си го гази зборот лесно, а тие реформи што ги најави францускиот претседател со сигурност ќе траат најмалку 10 години. Соочени со оваа вистина, Македонија треба ефикасно да спроведува реформи ако сака да напредува на секој план, бидејќи тоа е од интерес на секој граѓанин – вели професорот Козарев.

[email protected]