Протести, бројки и ефекти

244
Фото: Игор Бансколиев

Општиот впечаток дека протестите против промена на уставното име, иако секојдневни, сепак, се недоволно организирани поради што во јавноста сѐ помали се надежите дека тие би можеле да имаат ефект, експертите го објаснуваат со фактот дека единството и заедништвото на македонскиот народ, кога станува збор за одбрана на националните интереси, секогаш биле проблематизирани и злоупотребени од одредени структури

„Македонија блокира“, „Тврдокорни“, „Македонија бојкотира“, „Сите за унитарна Македонија“ (СУМ), „Ти си Македонија“, „Татковината повикува“, „Христијанско братство“, „Светски македонски конгрес“ (СМК)… Русофили наспроти прозападно ориентираните, патриоти и предавници… Многу организатори и организации, но малку видливи резултати од протестите за одбрана на уставното име. Кој стои зад демонстрациите пред Собранието, но и колку истите тие имаат ефект кај граѓаните и колку можат да извршат притисок врз власта, ако се има предвид дека компактноста, составот и ширината на фронтот за одбрана на името секојдневно се менуваат, стеснуваат или прошируваат? Може ли нешто да се промени и колку преку улични демонстрации овие организатори можат да ѝ се спротивстават на намерата на Владата докрај да го реализира договореното од Преспа? Овие прашања се поставуваат пред домашната експертска јавност во изминативе неколку дена, откога почна последната фаза од уставните измени, кога демонстрантите уште еднаш ги повикаа пратениците да имаат слух за волјата на народот, а владата на Зоран Заев да поднесе оставка поради, како што рекоа, срамната и погубна политика што ја води околу името. Некои од организаторите на социјалните мрежи напишаа дека целта на протестите е да се изврши притисок дома, но и пред меѓународните институции, како ЕУ, ООН, и со тоа на некој начин да се укаже на апсурдноста на грчките барања за промена на уставното име и на блокадите кон Македонија. Други, пак, обвинија дека антимакедонските политики го допреа врвот и најавија дека нема да дозволат „марионетската власт во Скопје да избрише сѐ што е македонско“…

Коментирајќи ја состојбата со протестите против промената на уставното име, професорот Јове Кекеновски вели дека единството и заедништвото на македонскиот народ, кога станува збор за одбрана на националните интереси, секогаш биле проблем, како во минатото, така и сега.

– Со сигурност можам да кажам дека сите организатори протестираат за иста цел. Нема поголеми и помали здруженија и сите се патриотски. Сепак, слабиот одзив на граѓаните и слабиот успех на протестите за зачувувањето на уставното име се должи на минатогодишните случувања пред Собранието и на судските постапки, кои беа поведени против тогашните организатори. Иако целта на протестите што ги организираат здруженијата на сите ни е јасна, останува блокадата, која не само сега, туку веќе со години се провлекува и го следи македонскиот народ, а тоа е разделеноста односно несплотеноста на Македонецот за ваквите сериозни прашања од национален интерес. Владата ги искористува неединството и поделеноста кај народот и по секоја цена го спроведува договореното со Грција – вели Кекеновски.

Професорот Кекеновски објаснува дека за да се постигне целта на протестите против промената на уставното име, кои се секојдневни во земјава, треба да се надминат личните и партиските суети на организаторите, кои, очигледно, според него, се на прво место.

– Ако се работи за името и за Уставот треба заеднички да се сплотат сите овие организации и да повикаат на масовност кај граѓаните, притоа оставајќи ги внатреорганизациските и личните суети дома. Во спротивно, компактноста, ефектот, но и целта на овие протести ќе бидат и се минорни, односно тешко ќе може да се постигне целта, а таа е да се допре до ушите на власта и да се одврати владејачката гарнитура од намерата за промена на уставното име на земјава. Сѐ додека овие работи не се воочат не можеме да очекуваме никаков плод од демонстрациите. Апелирам до организаторите, партиските политики и интереси да се остават настрана во овој момент, а силите да ги мерат подоцна на избори кога ќе може рамноправно да се натпреваруваат во ставовите пред граѓаните – заклучува Кекеновски.

Во меѓувреме, членови на граѓанското здружение „Македонија блокира“, кои протестираат пред македонското собрание, побараа од полицијата да пушти нивни претставници да присуствуваат на пленарната седница за да можат да им ги пренесат пораките од протестот на пратениците. Жарко Гроздановски од здружението „Христијанско братство“, пак, го повика претседателот Ѓорге Иванов да им се придружи на протестот и да прогласи воена состојба, бидејќи, како што објасни, пред него премиерот Заев дал гаранција дека нема да ги промени името и Уставот на Република Македонија. Доколку Иванов не го направи тоа, според Гроздановски, и тој влегува на листата на предавници. И претседателот на „Единствена Македонија“, Јанко Бачев, очекува Иванов да реагира.

– Ова е само првата фаза. Ова е полесниот пат денеска да ги спречиме да го извршат националното предавство. Меѓутоа, има уште еден пат што дополнително ќе следува, доколку ова не успее. Ова е марионетска власт што не сака да го почитува народот. На 30 септември народот јасно си кажа. Затоа, дали треба да ѐ дозволиме на оваа збирштина да избрише сѐ што е македонско – рече Бачев на протестот.