Промената на уставното име е главната разлика меѓу Скопје и Атина

1621

Грчкото барање за промена на уставното име и 17 мај како датум што може да биде клучен за евентуално решение доколку се одржи средба на двајцата премиери во Софија, се двете точки што ги споменуваат весниците „То вима“ и „Катимерини“ во анализите за преговорите меѓу Македонија и Грција.

-Грција и Поранешната југословенска Република Македонија остануваат заглавени во прашањето за промена на уставното име на соседната земја, бидејќи во овој момент нивните ставови се движат во различни насоки. Според информациите, Атина инсистира на тоа дека ерга омнес имплементација на новото име (кое како што произлегува од веродостојни извори ќе биде „Горна Македонија“, на словенски, но не и непреведено) треба да се обезбеди со промена на Уставот, пишува „То вима“.

Искусниот новинар додава дека кај македонската страна се создава мислење дека може во Уставот да се додаде еден параграф што ќе гарантира дека името ќе се однесува на секаква меѓународна употреба (мултилатерална или билатерална).

Весникот „Катимерини“, пишува дека Македонија има два  аргумента против уставна ревизија. Едниот е чисто политички, поради тоа што владата нема комплетно мнозинство во собранието, а вториот е правен аргумент, затоа што „највисокиот суд на соседната земја, никогаш не пресудил дека меѓународните договори се подредени на Уставот“.

– За Атина најважна пречка и натаму останува ерга омнес, што, исто така, е и основната црвена линија на ПЈРМ. За Атина е незамисливо зачувувањето на уставното име (Република Македонија) во било кој облик. Затоа и притиска за употреба на новото име и во внатрешноста на ПЈРМ, пишува „Катимерини“.

Искусните новинари од двата грчки весници, во анализите под наслов „Решението во рацете на Ципрас и Заев“ („То вима“) и „Се згуснуваат контактите за решавање на името“ („Катимерини“), пишуваат дека критичен и клучен датум ќе биде 17 мај, кога би можело да се одржи нова средба на Зоран Заев и Алексис Ципрас на маргините на самитот ЕУ- Западен Балкан во Софија.

Сѐ води кон тоа дека критичен датум за конечниот тек на преговорите во оваа фаза ќе биде 17 мај, пишува „То вима“ и додава дека двајцата премиери се оние кои ќе донесат политичка одлука за следните чекори.

Идеалното сценарио, односно она што би одвело до можен договор меѓу Атина и Скопје, би била средбата меѓу премиерите на Грција и ПЈРМ, Алексис Ципрас и Зоран Заев, бидејќи би значело дека двете страни се подготвени да соопштат некој договор. Во секој случај тие денови во Софија ќе бидат и двајцата лидери, а до тогаш се очекува да се интензивираат и меѓународните притисоци, пишува „Катимерини“.

Весникот споменува дека до тогаш ќе се згуснат контактите, со оглед на тоа дека веќе во петок двајцата министри за надворешни работи ќе остварат средба во рамките на Самитот на вишеградската четворка со балканската четворка во Сунио, а следниот ден Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе разговараат заедно со медијаторот Метју Нимиц.

„То Вима“, го анализира и сценариото доколку не се надминат разликите меѓу двете страни и коментира дека „ниедна страна не сака да биде првата што ќе ги напушти разговорите, бидејќи ќе го носи товарот на одговорноста“. Во случај на ќорсокак и неможност за постигнување договор, весникот пишува дека Атина ќе биде повикана да донесе одредени тешки одлуки, особено на Самитот на ЕУ на крајот од јуни.

Тогаш ќе се утврди дали Атина ќе се согласи за доделување датум за отпочнување пристапни преговори на ПЈРМ со ЕУ, во клима која би можела да донесе притисоци, бидејќи Брисел и многу земји членки сакаат итно одново приближување со Западен Балкан, или ќе биде принудена да стави вето, пишува „То вима“ и додава дека на ниво на постојани претставници Атина не била против препораката на комисијата за доделување датум за почеток на преговори.