Приказни од самоизолациjа

354

Седум кратки цртички од самоизолација

1. Шредингер и други демони – Пред дваесетина години имаше една статија, мислам дека беше во белградски „Нин“, во која се повлекуваше паралела помеѓу одредени болести и уметнички (воопшто општествени) правци. Туберкулозата е романтичарска болест, која подразбира прекумерна сензитивност и фаталистичко гледање на светот; ракот e болест на модернизмот, во која себството се мултиплицира во апстракции; сидата е постмодернистичка болест што може да преземе облик на која било друга болест. Во таа смисла овој шредингеровски ковид-19 го отсликува светот во кој живееме денес. Сабатикал или домашен притвор се двете страни на истиот факт, човештвото е на распуст. Колективни симптоми на вирусот се лажните вести и теориите на заговор. А тоа е опасна комбинација, особено за земја како Македонија.

2. Патот околу дневната за осумдесет дена – Спална, дневна, кујна, балкон, двор и обратно е маршрута што знае да биде монотона. Книги, филмови и музика знаат да помогнат. Но ништо не помага повеќе од здрава доза на старомодно фантазирање. Мојата омилена фантазија уште како дете е да ја замислувам куќата (со дворот) како „стим панк“ вселенски замок/куќа во стилот на „Подвижниот замок на Хоул“. Со поглед на облаци.
3. Неподнослива леснотија на виртуелните конференции – Пижама бизнис-состаноци ќе биде следниот голем корпоративен тренд.

4. Друштвото на тајните пушачи – Како пушач, еден ден од денот поминувам на еден од трите балкони. Живеам на втор кат од куќа со широк видик. Овие изминати месеци успеав да запознаам доста нови ликови во соседството. Сите пушачи. Сите на балкони. Се гледаме и дискретно се поздравуваме.

5. Птиците (и мачките) живеат пеејќи – Во првите месеци од карантинот им се погоди сезонава за парење на мачките. Сите улици само за нив. Надвор беше како оперета од „Планет ерт“, мачешка мелодрама со примеси на порно, раскажана со гласот на Ричард Атенборо. Изминативе месеци, пред мојот балкон на вториот кат, со поглед на каблите од бандерите, продефилираа сите можни летачки суштества: ластовици, чавки, утки, гулаби. Кај и да е, очекувам да видам и лилјак.

6. И луѓето, исто така – Тома Здравковиќ, „Моторхед“, Виенски валцер на шабајнзер, Бисер балкански во а капела… Тоа е само дел од репертоарот на соседите.

7. Зен и уметноста на правење ракија – Има нешто смирувачко во малите домаќинлаци, како што се косење трева и варење ракија со татко ти.