Привидно е чувството дека ако се решат проблемите на надворешен план, внатрешните пречки ќе исчезнат

100
Фото: Игор Бансколиев

Наскоро се навршуваат 100 дена од изборот на старо-новата влада. Според многумина познавачи на политичките состојби, овие изминати 100 дена можеби се и најтешките во историјата на плурализмот во нашата земја

Сто дена влада

На осми декември пополека изминуваат 100 дена од изгласувањето на новата влада во Македонија. За потсетување, во август во своето излагање пред пратениците да ја гласаат Владата свое обраќање во Собранието тогаш имаше премиерот Зоран Заев, кој од собраниската говорница вети подобар стандард и подобра перспектива на граѓаните. Тој рече дека новата влада ќе работи за сите граѓани да имаат правен систем во кој граѓаните ќе веруваат.
– Со нашата посветеност и заедничка работа ќе имаме земја и институции со кои сите ќе се гордееме – истакна на почетокот од својот мандат премиерот и најави целосна посветеност на економијата, а меѓу другото, вети стабилен политички период и време на предвидливост на случувањата.
Но според многумина познавачи на политичките состојби, овие изминати 100 дена можеби се и најтешките во историјата на плурализмот во нашата земја. Повеќе фактори, познати на јавноста, од пандемијата преку спорот со Бугарија, натегањето со ЕУ по истата основа и внатрешните рефлексии и поделби за бугарските ултиматуми, па до јаловите обиди за системско политичкоправно и економско реструктурирање на државата, според забелешките на меѓународната заедница.
Политиколозите и универзитетските професори со кои се консултиравме, во сублимиран заклучок велат дека со сигурност можеме да заклучиме дека и по 100-те дена и во наредната 2021 година можеме да очекуваме исклучително тежок и турбулентен период за оваа владејачка гарнитура.

Универзитетската професорка Мирјана Најчевска во свој осврт на случувањата вели дека во моментов не е сигурна дали може да се говори за класични 100 дена од некоја власт, бидејќи ние имаме практично продолжување на Владата предводена од СДСМ и нејзините коалициски партнери.
– Во тој контекст, јас мислам дека класичните 100 дена на „меден“ месец не би требало да важат за оваа влада и затоа со резерва во овој случај го користам терминот. Меѓутоа, и без овие дефиниции мислам дека во тој правец во иднина не би можеле да очекуваме некое драстично променување на начинот на кој функционира државата во 2021 година бидејќи и во изминатите неколку години оваа идентична влада ги кроеше најголемите политики. Проблемот во минатото, но и сега е во тоа што од владејачката гарнитура се создаваше лажно чуство дека ако се решат проблемите на надворешен план, потоа сето внимание ќе се сврти на внатрешните препреки. Но и покрај надминувањето на спорот со Грција, секогаш ќе има нови проблеми како оние актуелните сега со Бугарија. Па оттука, верувам дека е погрешна перцепцијата дека надворешната политика треба да доминира во политиките на Владата наспроти внатрешните предизвици – вели професорката.
Таа мисли дека ние треба да се фокусираме пред сѐ и единствено на внатрешната проблематика, реформите и економијата, а дипломатија да биде во секундарен план.
– Констатирајќи го сето кажано можам да подвлечам дека во иднина не се работи за помирни времиња, нам ни требаат понемирни времиња за пловидба и не гледам дека суштински промени се на повидок за нас во следната година – заклучува Најчевска.
Владимир Божиновски, директор на Институтот за политички истражувања во Скопје, вели дека е очигледно оти има потфрлања на сите полиња и, како што вели, не само на изборните ветувања туку и на претходните оти сепак се работи за влада во континуитет.

– Дали е тоа економија, каде што имавме дури изјава дека мора да се продава државна сопственост оти во буџетот нема пари и нема од каде да се задолжиме повторно. Дали е справувањето со ковид-кризата, каде што можеме да кажеме, според достапните податоци, дека Македонија е во првите пет или 10 земји, според смртност на милион жители, според број на заразени. А да не го спомнувам судството, кое беше една од главните причини поради која граѓаните гласаа за оваа власт во 2016 г., каде што имаме дополнително уназадување на судскиот систем и каде што контроверзната Кацарска ја изгласаа за уставен судија – вели Божиновски.
Тој додава дека власта доживеа неуспех и во меѓународната политика, на единственото поле на кое се надеваше дека ќе добие позитивни реакции од луѓето.
Поранешниот премиер и министер за одбрана, професор Владо Бучковски, кој сега е специјален претставник на македонската влада за Бугарија, во свој коментар на случувањата вели дека нашата држава одвреме-навреме имала исклучително тешки предизвици пред себе. Такви, според него, биле справувањето со Лисабонската декларација, воведувањето на ембаргото, кризната состојба и многу други, но ниеден од овие проблеми не се случиле за време на првите 100 дена од некоја влада.

– Слободно можам да кажам дека овие 100 дена од оваа влада се можеби најтешките во историјата на некоја влада. Самата пандемијата и здравствената состојба даваат димензија на сите проблеми, што има сериозен предзнак пред себе, и го ставаат на тест и државниот и здравствениот систем и ги тестираат неговиот капацитет и издржливоста. Натаму, блокадата од Бугарија дава своја димензија и предизвикува политички турбуленции во земјата и надвор од неа. Дополнително, состојбата се проблематизира и со дејствувањето на опозицијата, каде што фотелјите на тамошното раководство се размрдани, па сега се посегнува по протести и блокади на парламентот – резимира Бучковски.

[email protected]