Приведени и повредени во Солун поради дебата за договорот со Македонија

78

Околу три часа траеја инцидентите во Солун поради политичката дискусија „Македонското прашање: придобивките од договорот и перспективите на Балканот“ организирана од СИРИЗА, јавија локалните медиуми.

Пет лица се уапсени, 14 полицајци биле пренесени во болница за да им се пружи прва помош, а предизвикана е материјална штета околу Меѓународниот саем, во центарот на Солун.

Група маскирани лица, беа спречени да влезат во објектот на солунскиот саем, каде што се одржи дискусијата и ја нападнаа полицијата со палки, дрва, мермер, камења, ја откорнаа метална заштитна ограда, додека, пак, полицијата одговори со употреба на солзавец.

Подоцна, инцидентите се префрлија низ улиците на Солун, а маскираните лица запалија канти за отпадоци.

Паралелно со инцидентите група граѓани од „Движењето свирам“, мирно протестираа со грчки знамиња, свирчиња и слогани дека Македонија е грчка.

Со оглед на тоа дека навивачите на фудбалскиот клуб ПАОК, повикаа на протест и се заканија дека нема да дозволат да се одржи настанот, од СИРИЗА преку соопштение бараат фудбалскиот клуб да ги осуди инцидентите.

– Инцидентите што се случија пред настанот на СИРИЗА во Солун не ги изразуваат ниту граѓаните на Солун, ниту било кој демократски граѓанин, ниту било кој здрав навивач на клуб – соопштуваат од СИРИЗА.

Пратеникот на СИРИЗА од Солун Триандафилос Митафидис, пак, кусо пред почетокот на дискусијата рече дека договорот е пораз за национализмот и во Грција и во Македонија, а победа на здравиот разум и на развојот на односите меѓу двете земји кои апсолутно ништо не ги разделува.

Како што јави дописничката на МИА од Грција, и покрај инцидентите и солзавецот пред објектот, дискусијата се одржа.

Првично, беше планирано настанот да се одржи во културен центар, но од безбедносни причини локацијата беше променета и презакажан за просториите на меѓународниот саем.

СИРИЗА организираше дискусија во Солун, за на граѓаните да им ги презентира придобивките од потпишаниот договор, додека, пак, како реакција и во знак на несогласување, навивачите на ПАОК, но и членови на солунско движење најавија протест