Приведените во „Империја“ донесени на распит пред судија на претходна постапка

1550

Во Кривичниот суд попладнево на распит пред судија во претходна постапка беа доведени петмината осомничени кои се приведени денеска во новата истрага „Империја“ на Специјалното јавно обвинителство, меѓу кои и Ненад Јосифовиќ и Цветан Панделевски.

Од СЈО нема официјална потврда дали меѓу останатите тројца се и бизнисменот Јордан Камчев и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.

Покрај, Јосифовиќ и Панделевски, СЈО денеска отвори истрага со кодно име „Империја“ и против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

Тие се осомничени за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Во текот на предистражната постапка, со преземање на различни истражни дејствија како и со примена на посебни истражни мерки, се обезбедени доволно докази од кои произлезе основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост.

Во текот на денешниот ден СЈО во соработка со МВР, изврши 12 претреси и приведени се пет осомничени лица.