Фото: Игор Бансколиев

Сметам дека процената на Прибе за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ до 2030 година е сосема реална. Во интерес на ЕУ е овој регион да го интегрира. На крајот, ќе мора да нѐ прифатат такви какви што сме. Не може да се очекува да се смени начинот или културата на владеење на Западен Балкан, кога ЕУ не може да излезе накрај со начинот на владеење во некои свои земји-членки, како Унгарија и Полска, вели политичкиот аналитичар Александар Кржаловски

Неодамна, во рамките на десеттиот белградски безбедносен форум, кој поради пандемијата се одржа онлајн, каде што темата на една дебата беше „Иднината на Европа и Западен Балкан“, дебатираа долгогодишни познавачи на европските интегративни процеси од регионот. Меѓу учесниците беше и Рајнхард Прибе, кој сега е член на бордот на Транспаренси интернешнел, а своевремено беше на чело на експертската група што работеше на прашањата за владеење на правото во регионот. Од Македонија учествуваше Симонида Кацарска од Институтот за европски политики – Скопје.
За издвојување од дебатата беше „оптимистичката“ поента на Прибе, кој порача дека „во 2030 година ковид-кризата ќе биде завршена и сите земји од Западен Балкан ќе бидат во ЕУ и нема да има ниту една земја надвор“.

Оптимизмот на Прибе наспроти реализмот на балканските земји

Соочени со актуелните предизвици во своите евроинтеграции и наталоженото искуство од блокади и скептицизам на земјите-членки на Унијата, ваквата прогноза на Прибе, во моментов, за Македонија и за другите земји -кандидатки од регионот создава сомнеж за нејзина реализација.
– Нема дилема за перцепцијата за Западен Балкан како дел од ЕУ и затоа сметам дека е непотребно да се изразува сомнеж во тоа – изјави Прибе, кој сепак најголем дел од своето излагање на форумот го посвети на значењето на новата методологија што ЕУ ја усвои во однос на проширувањето и нејзиното влијание врз самиот процес. Самата методологија тој ја објасни како неопходност, бидејќи, како што рече, 15 години се зборува за капацитетот на Унијата за апсорпција на нови членки.
– Има политичари што бараат внатрешни реформи, па проширување, и не е тајна кои се – група што ја предводи Франција. За некои земји ќе биде тешко да го дадат конечното „зелено светло“ за проширување, но јас мислам дека намерата не е да се одложува, туку предизвикот е да се биде поефикасен во однос на чекорите што ќе водат до проширување и прифаќање на земјите од Западен Балкан – констатира Прибе, притоа признавајќи дека не може да се игнорира ниту фактот дека кај граѓаните на некои земји-членки на ЕУ има стравување дека проширувањето ќе им го загрози просторот.

Говорејќи за своето искуство со земјите од Западен Балкан – извештаите за Македонија и неодамна за БиХ, Прибе рече дека во однос на владеењето на правото, ним не им недостига легислатива, ниту институции, туку проблемот е во традицијата и културата на владеење, недостигот од имплементација во практиката, а тоа се поврзува со т.н. киднапирање на државата од политичари или од некој економски интерес, што создава незадоволство и недоверба на граѓаните во институциите.
– ЕУ и самата има сериозни проблеми со владеењето на правото во некои земји-членки, а тоа значи дека не сака да дозволи увоз на дополнителни проблеми – смета европскиот експерт.

За Македонија е исцрпувачка наметнатата агенда на ЕУ

Претставничката од Македонија, Симонида Кацарска, на дебатата не испушти да информира дека во однос на нашиот случај одново се вклучи црвеното светло, овој пат од Бугарија, со поставување историски и други дилеми како пречка во овој процес.
Оваа регионална дебата за перспективите на евроинтеграцијата на регионот го актуализира контекстот на предизвиците за македонскиот пат до ЕУ, односно прашањето колку енергија губи Македонија во своите евроинтеграции на историско-идентитетски прашања со соседите, на сметка на реформските процеси што нѐ очекуваат со почнувањето на преговарачкиот процес за членство во ЕУ.
– Времето и енергијата што како држава ги трошиме при обидите да најдеме политички решенија на повеќедецениските историско-идентитетски прашања се неповратни. Дополнително, овие прашања отсекогаш претставувале плодна почва за собирање дневнополитички поени од страна на политичарите што милуваат идентитетска, но и националистичка реторика. Колку повеќе ги ставаме ваквите прашања во фокусот на доминантниот политички дискурс, толку помалку можеме да се посветиме на прашањата што значат унапредување на владеењето на правото, борбата против корупцијата, човековите права, економскиот развој и сл. Затоа, единствениот пристап што може да донесе долгорочни резултати е пристапот на деполитизирање на овие прашања и нивно решавање во рамките на науките што ги третираат – историјата, лингвистиката, статистиката и други.

Само така, како држава ќе можеме да ги приоретизираме процесите што ќе значат подобрување на животот на граѓаните, а отворените прашања ќе можеме да ги решаваме без да бидат на сметка на македонските евроатлантски интеграции – смета Павле Богоевски, поранешен пратеник во македонското собрание и граѓански активист.
Првиот извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски, цени дека прогнозата на Прибе за целосна интеграција во ЕУ на земјите од Западен Балкан до 2030 година претставува реалистична процена. Во однос на прашањето на губењето енергија на историско-идентитетски прашања на Македонија, наместо целосно да се посвети на реформските процеси, Кржаловски смета дека вината за тоа сепак во поголем дел им припаѓа на соседите што веќе се членки на ЕУ.
– Целиот процес тргна удолу кога на македонските евроатлантски интеграции соседите како услов ги наметнаа историско-идентитетските прашања. Прво Грција со ветото за нашето членство во НАТО, во 2008 година, а еве сега тоа се повторува со Бугарија за преговорите за членство во Унијата. Се покажува дека асиметричните (добрососедски) договори не функционираат како што се замислуваше, од едноставна причина што тие како членки на ЕУ ја немаат потребата од нашата поддршка за процесот на преговори и можат да нѐ блокираат кога сакаат, а Македонија ја нема таа можност.

Таквата поставеност на односите, секако, ја исцрпува енергијата на државата за реформи неопходни за членството во ЕУ. Целата желба и ентузијазам за реформи во Македонија, од 2005 година, во 2008 година, по самитот на НАТО во Букурешт, тргнаа на погрешен колосек.
Сепак, и со сето проблематизирање на македонските евроинтеграции од страна на ЕУ-соседите, Македонија е понапред во тој реформски процес и од Србија и од Црна Гора, иако тие веќе ги имаат почнато преговорите со Унијата, а во некои области сме понапред (човекови и малцински права) дури и од некои земји-членки на ЕУ. На пример соседите, Бугарија и Грција, редовно добиваат негативни извештаи од Советот на Европа, токму за непочитување на човековите права и правата на малцинствата. Сметам дека процената на Прибе за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ до 2030 година е сосема реална. Во интерес на ЕУ е овој регион да го интегрира. На крајот, ќе мора да нѐ прифатат такви какви што сме. Не може да се очекува да се смени начинот или културата на владеење на Западен Балкан, кога ЕУ не може да излезе накрај со начинот на владеење во некои свои земји-членки, како Унгарија и Полска – вели политичкиот аналитичар Александар Кржаловски.