Прецизно референдумско прашање – јасен став од граѓаните

1284
Фото: Дарко Андоновски

Обелоденувањето во јавноста на можното референдумско прашање во однос на спогодбата со Грција за промена на нашето уставно име, како и идното членство во ЕУ и во НАТО, ја бранува јавноста и отвора многу дилеми од политичка, но и уставноправна природа. Што велат експертите?

По двете лидерски средби, одржани во Клубот на пратениците во Скопје, на 18 и 19 јули (првата во проширен лидерски состав, која ја напушти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски), и втората во скратен состав, сепак останаа нерешени сите прашања во врска со спроведувањето на референдумот, кој би требало да се одржи за граѓанско изјаснување за (не)прифаќање на спогодбата од Мала Преспа. Сепак, по првата средба премиерот Зоран Заев изнесе некој поконкретен предлог за формулацијата на референдумското прашање, како и одлуката тој сепак да биде консултативен.

– Ги информирав лидерите за можната формулација на референдумското прашање, кое би се движело во следната насока: дали сте за членство во Европската Унија и во НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција – изјави Заев, по првата лидерска средба.

Референдумското прашање не треба да отвора дилеми. Тоа треба да биде јасно, еднозначно и прецизно формулирано

Уште од моментот на објавувањето за постигнатата спогодба, и пред таа да биде потпишана во Мала Преспа, премиерот Заев избегнуваше прецизно да се изјасни дали тој ќе биде консултативен или задолжителен, употребувајќи конструкции во изјавите „дека и да биде консултативен, резултатите од изјаснувањето на граѓаните задолжително ќе бидат прифатени“.

– Во услови кога Собранието треба да донесе некоја исклучително важна одлука за иднината, потребно е референдумот да биде консултативен, со цел граѓаните на Република Македонија да бидат консултирани за олку важно прашање пред да се донесе одлуката, а во согласност со договорот со Грција тоа е одлуката за уставни промени – беше последната изјава на премиерот по лидерската средба.

Од друга страна, правниците и политичките аналитичари, уште пред мислењата произлезени од лидерската средба за прашањата поврзани за референдумот, се изјаснуваа дека ако тој веќе се одржува, резултатите од него треба да бидат обврзувачки за Собранието. Политикологот Владимир Божиновски секогаш го имал ставот дека референдумот треба да биде задолжителен, а не консултативен, и референдумското прашање да биде недвосмислено, односно сржта да биде токму спогодбата од Мала Преспа и уставните промени што се предвидуваат со менувањето на името на државата. Тој не ја исклучува и можноста во референдумското прашање да биде наведено дека тоа се прави поради стапување во сојуз со ЕУ и со НАТО.

Покрај многубројните реакции по првата лидерска средба, во јавноста се појавија и иронични коментари за предлогот за референдумското прашање, како тој на професорката Билјана Ванковска.

– Референдумското прашање во превод гласи: „дали сте мајмуни“ – иронично коментира Ванковска на веста дека премиерот Зоран Заев се оглушил на критиките на македонската јавност и решил референдумското прашање навистина да гласи онака како што пред две недели ексклузивно ѝ соопшти на грчката јавност во интервјуто за ЕРТ.

Сепак, по првиот поконкретен предлог за референдумско прашање, правниците се изјаснуваат дека во Уставот, па и во Законот за референдум, не постои можност референдумот да биде консултативен.
– Македонскиот устав не познава можност за консултативен референдум. Законот за референдум остава простор за таква можност, но ако тој е организиран пред склучувањето на некој договор. Во случајот, ако референдумот беше организиран пред потпишувањето на спогодбата од Мала Преспа, би можел да биде консултативен, но сега останува само опцијата на задолжителност – вели Димитар Апасиев, професор на Правниот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Што се однесува до прецизноста на референдумското прашање, професорот Апасиев смета дека прашањето е нефер спрема граѓаните, а згора на сѐ воопшто не е во согласност со Законот за референдум, во кој, според членот 15, недвосмислено се наведува во ставот 3 дека „ако се гласа за повеќе прашања, за секое прашање се гласа на посебно гласачко ливче“, а во ставот 4, дека „прашањето на гласачкото ливче мора да биде прецизно формулирано и недвосмислено, така што граѓанинот на референдумот да може да одговори со за или против“.

Покрај сите овие спорни моменти со уставноста и законитоста на предлогот за референдумското прашање, Апасиев укажува и на превидот што се прави со таквата формулација на прашањето, во однос членот 120 од Уставот, а ќе се одрази на цензусот и потребното мнозинство за референдумот да биде успешен.

– Ако референдумското прашање се однесува само на спогодбата од Мала Преспа, тогаш цензусот би бил 50 отсто излезеност од избирачкиот список (околу 900.000 гласачи), а за успешност на референдумот потребно е да се изјаснат позитивно 50 отсто + 1 од оние што излегле. Но доколку во прашањето се вметнат ЕУ и НАТО, тогаш се активира членот 120 од Уставот, конкретно ставот 3, кој гласи: „Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи“. Тоа значи дека во таков случај, цензус претставува целиот избирачки список (околу 1.800.000 избирачи), а за успешност на референдумот позитивно треба да се изјаснат околу 50 отсто + 1 од целиот избирачки список. На некој начин, со вака поставеното референдумско прашање, за сојуз со ЕУ и со НАТО, предлагачите самите „си пукаат во нога“ – вели професорот Димитар Апасиев.


Лидерите далеку од договор?

Лидерската средба со претставниците на четирите поголеми партии, која се одржуваше по барање од лидерот на ВМРО-ДМПНЕ, во текот на вчерашниот ден, до затворањето на денешниот број на „Нова Македонија“ беше далеку од својата завршница. По двочасовно дебатирање и получасовна пауза, дел присутни на средбата велеа дека лидерите се далеку од договор. Дотогаш било разговарано за условите на опозицијата – Законот за финансирање на партиите и изборот на ДИК. Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ сметале дека претставниците на СДСМ дошле неподготвени на средбата за да разговараат за нивните барања, а премиерот Зоран Заев изјавил дека во преговорите одат чекор по чекор.
По првата лидерска средба во проширен состав, одржана ден претходно, премиерот Заев излезе со предлог за референдумското прашање и со ставот дека референдумот ќе има консултативен карактер.

Фото: Игор Бансколиев