Претседателот Пендаровски ќе му го додели мандатот на Заев

240
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Засега нема информации со кого Заев успеал да го обезбеди мнозинството бидејќи од ДУИ тврдат дека претседателот Стево Пендаровски само процедурално го доделува мандатот, а од СДСМ не одговараат со кого обезбедиле мнозинство

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска напладне ќе му го додели мандатот за состав на новата влада на претседателот на СДСМ Зоран Заев, чија коалиција „Можеме“ освои најмногу пратенички мандати на предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули.

Според досегашната практика, во земјава мандатот за состав на новата влада го добиваше партијата што победила на изборите. Таков беше случајот и на изборите во 2016 година кога мандатот го доби поранешниот премиер Никола Груевски, кој ја предводеше тогашната победничка коалиција, но откако не успеа да состави влада го врати мандатот и тогашниот претседател Ѓорге Иванов му го врачи на Зоран Заев, кој обезбеди доволен број потписи од пратениците за мнозинство во Собранието.
Претседателот Пендаровски веќе претходно најави дека има намера мандат да му додели на оној што ќе го увери дека има мнозинство, за да не се губи време со доделување мандат на кандидат што не обезбедил мнозинство.

– Зоран Заев, во име на коалицијата,,Можеме“, која има освоено најголем број пратенички мандати во Собранието, го информира претседателот Пендаровски за преговорите со повеќе партии за обезбедување на неопходното мнозинство во Собранието за избор на Владата – се вели во вчерашното соопштение од претседателскиот кабинет.
Според професорот Борче Давитковски, најдобро би било претседателот да ѝ го довери мандатот на онаа коалиција што обезбедила поддршка од 61 пратеник во интерес на времето.
– Претседателот треба да ѝ го довери мандатот на онаа коалиција што обезбедила 61 пратеник за да не се губи непотребно време. Потребно е што поскоро да имаме политичка влада оти не знаеме какви ќе бидат последиците од коронавирусот наесен – смета Давитковски.

Од кабинетот на Пендаровски потврдија дека претседателот ќе го довери мандатот денеска, без оглед на тврдењата на претседавачот со Собранието Талат Џафери дека Собранието се смета за конституирано дури откако ќе избере претседател и потоа течат роковите за доделување мандат.
– Претседателот се консултира со еминентни правни имиња и заклучокот беше јасен: за да се смета дека Собранието е конституирано, потребна е верификација на мандатите на пратениците, а не нечиј избор. Претседателот Пендаровски, иако ги разбира мотивите на претседавачот Талат Џафери, останува на неговиот став, кој впрочем го потврдува и политичката практика во сите изминати години кога на власт биле различни политички опции – се вели во одговорот од кабинетот на Пендаровски.
Оттаму уште за „Нова Македонија“ го повторија ставот на претседателот дека мандатот му се доделува на оној што обезбедил мнозинство.

– Суштината на учеството на изборите е некој од политичките субјекти да дојде во позиција да ја конституира власта – смета Пендаровски.
Засега нема информации со кого Заев успеал да го обезбеди мнозинството бидејќи од ДУИ тврдат дека претседателот Стево Пендаровски само процедурално го доделува мандатот, по што ќе следуваат преговори за состав на нова влада.
– Процедурално се доделува мандатот, по што ќе следуваат преговорите за состав на новата влада – одговори кратко за „Нова Македонија“ портпаролот на ДУИ Артан Груби, не прецизирајќи дали тие ќе бидат дел од владата на Заев.
Од СДСМ до затворањето на весникот не добивме одговор со кого е обезбедено мнозинство за состав на новата влада.


Мнозинството засега останува енигма?!

Првите луѓе на Алијансата за Албанците и Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши нема да присуствуваат на денешната средба во Скопје на лидерите на албанските политички партии во земјава, што ја закажа претседателот на ДУИ Али Ахмети.
Села и Гаши велат дека ја прифаќаат поканата на Ахмети, но бараат средбата да се одржи по 17 август, а не денеска. Од друга страна, токму денеска, ден пред истекот на рокот, е најавено доделување на мандатот за состав на влада. Има ли некаква поврзаност помеѓу овие два факта.
– Сметаме дека политичкиот механизам на тркалезната маса е важен политички инструмент за координирање на позициите на албанските парламентарни партии и како таков, сметаме дека треба да продолжи да се негува за артикулација на албанските интереси во Северна Македонија. Размислете за можноста за друг датум почнувајќи од понеделник (17.8.2020) натаму, секако со известување неколку дена претходно со дневниот ред на средбата – се вели во писмото на Алијансата за Албанците и Алтернатива до претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Според извори од Беса, ниту нивниот лидер Биљал Касами нема да учествува на состанокот на лидерите на албанските партии, иако сè уште нема официјална потврда од партијата, како и од ДПА, дали нивните лидери ќе се појават на денешниот состанок со Ахмети.

Во меѓувреме, ДУИ вчера предложи дневен ред за денешната средба со албанските политички лидери на кој треба да стане збор за статусот на реализација на определбите од заедничката декларација во претходниот мандат, евалуација на предвремените парламентарни избори од 15 јули 2020 година, формирање на меѓупартиски совет во согласност со заедничката декларација и утврдување на рокови за реализација на заедничките цели, како и точка разно.
Останува нејасно дали одбивањето за присуство на денешната средба иницирана од Ахмети е поврзано со преговорите за состав на новата влада, откако вчера од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски соопштија дека мандатот ќе му биде врачен денеска напладне на Зоран Заев откако го уверил претседателот дека обезбедил мнозинство во Собранието.

Претходно се калкулираше за можен влез на Алијанса за Албанците, Алтернатива и ДПА во владата на Заев под услов ДУИ да не биде дел од владата, со што би се добила поддршка од 59 пратеници, иако за мнозинство се потребни гласовите на 61 пратеник.
Од СДСМ молчат со кои партии обезбедиле мнозинство, а од ДУИ се категорични дека Пендаровски го доделува мандатот процедурално, а потоа ќе се преговара за влада.
Претходно во неколку наврати лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ јавно посочи дека актуелната власт предводена од СДСМ се обидува да придобие (поткупи) и нивни пратеници. Со исто тврдење претходно излезе и лидерот на Левица Димитар Апасиев.