Фото: Игор Бансколиев

Повеќе од 30.000 луѓе во Европа умираат секоја година од инфекции предизвикани од бактерии отпорни на антибиотици. Станува збор за антимикробна отпорност, која е една од 10-те најголеми здравствени закани за човештвото според најновиот извештај на Светската здравствена организација. Препорачливо е да се употребува природната медицина заснована на треви и овошја

Време на вируси, бактерии и настинки

Дали најголемото здравствено откритие од минатиот век денес станува најголем ризик по здравјето? Поради неконтролирана и прекумерна употреба на антибиотици и други антимикробни средства, има сѐ повеќе микроорганизми што станаа отпорни на лекови. Според најновиот извештај на Светската здравствена организација, станува збор за антимикробна отпорност, која е една од 10-те најголеми здравствени закани за човештвото. Повеќе од 30.000 луѓе во Европа умираат секоја година од инфекции предизвикани од бактерии отпорни на антибиотици.

Која е правилната употреба на антибиотиците

Проф. д-р Никола Пановски, микробиолог и редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје и претседател на мултисекторската комисија за контрола на антимикробната резистенција при Министерството за здравство, веќе многупати посочи дека во време кога се случува премин кон зима и кога бактериските инфекции се во пораст, потребна е правилната употреба на антибиотиците.
– Антибиотиците се чудо на 20 век. За жал, бактериите многу брзо стекнуваат отпорност на нив, а резистенцијата е правопропорционална со нивната потрошувачка. Колку повеќе ги употребуваме антибиотиците, толку побргу ги губиме – посочува Пановски.
За тоа дали и колку е честа практиката пациентите на своја рака и неправилно да ги користат антибиотиците без претходно да се консултираат со лекар, тој вели дека според некои истражувања што биле објавени од фармацевтите за рационална употреба на антибиотици, родителите во 10 отсто им давале антибиотици на децата без да се пропишани од лекар.
– Деведесет отсто од инфекциите на горните дишни патишта се вирусни. Антибиотиците воопшто не дејствуваат на вируси. При настинка и грип, антибиотиците немаат никаков ефект. Неразумната употреба на овие лекови го загрозува јавното здравје на глобално ниво, а не само на поединецот, бидејќи отпорните бактерии се пренесуваат помеѓу луѓето, помеѓу животните, од животните на луѓето – вели проф. Пановски.

Антибиотици се користат и во земјоделството и во сточарството

Покрај здравјето, антибиотиците се користат многу во земјоделството. Експертите проценуваат дека нивната употреба во сточарството има уште поголемо влијание врз растот на микробиолошката отпорност.
Повеќе од една деценија, научниците знаат дека главниот предизвик за лекување на бактеријата ешерихија коли е брзорастечката отпорност на лекови. Месото од живина е главниот извор на отпорни видови ешерихија коли, што е потврдено со голем број студии со години. Начинот на кој се одгледуваат има одлучувачко влијание врз тоа, а најлошото досега беше конвенционалното земјоделство, за кое употребата на антибиотици е клучен дел од одгледувањето месо што наскоро ќе се најде на нашите чинии.

Што се лекува?

Според д-р Александар Митов, магистер по јавно здравје и влијанија на животната средина врз здравјето, двете главни класи микроорганизми што најчесто предизвикуваат инфекции се бактериите и вирусите. Главниот проблем е што двата типа патогени предизвикуваат заболувања со слични симптоми, но на различен начин се шират и размножуваат.
– Бактериите се живи едноклеточни организми. Тие се насекаде и генерално не ни предизвикуваат некаква штета, па дури често ни се и корисни. Сепак, некои нивни видови се особено штетни, односно патогени и ни предизвикуваат болести искористувајќи го нашето тело како,,хранлива подлога“ и нарушувајќи ги неговите нормални физиолошки процеси. Вирусите се граница помеѓу живото и неживото. Тие имаат нужна потреба од клетка домаќин за да се размножуваат. Телото најчесто преку имуниот одговор ги уништува овие патогени уште пред да создадат какво било заболување и штета. Многу е важно да се разбере дека антибиотската терапија дејствува исклучиво на бактериите, убивајќи ги преку спречување на нивниот развој и размножување – посочува д-р Митов.
Посочува дека антибиотиците не дејствуваат на вирусите и габите. Често се користат и при вирусни инфекции, бидејќи кај одредени пациенти имунитетот слабее поради константната борба со вирусите, па телото станува поподложно и на други видови дополнителни инфекции, меѓу кои најчести се бактериските.

Штетни последици од претераната употреба

Според д-р Митов, покрај создавањето соеви бактерии што се доста резистентни, што е главниот проблем, зачестената и непотребна употреба на антибиотиците може да води и кон нарушување на балансот во цревната корисна микрофлора, односно покрај убивањето на,,лошите“, антибиотиците ги убиваат и,,добрите“ бактерии (затоа речиси секогаш антибиотската терапија треба да биде во комбинација со пропишани пробиотици) – ова може да предизвика стомачни болки, запек, пролив итн.
Дополнително може да се создадат мутации кај некои корисни бактерии, кои можат да ги направат штетни за здравјето, зголемени трошоци за здравствениот систем (подолго лекување, почести инфективни заболувања, поскапи третмани итн.). Може да придонесе за зголемување на смртноста кај одредени инфективни болести и алергиски реакции на антибиотици итн.

Природни методи за подобар имунитет

Превенирањето, освен основна едукација подразбира редовно и правилно миење на рацете со сапун и топла вода, темелно миење на овошјето и зеленчукот пред употреба и избегнување храна што е недоволно термички третирана.
Дополнително, пред да се решите да земате антибиотик, обидете се да се лекувате со некои природни методи на лекување што го зајакнуваат имунитетот. Не секоја настинка има потреба од лекови. Можете да се обидете со употреба на некои природни намирници, кои се покажале како ефективни: прополис, ехинацеа, лук, столисник, рен, мајчина душица и други.
Силниот имунитет е важен за да се одбрани организмот од инфекции, а тој се зајакнува и одржува со здрава храна, физичка активност и здрав начин на живеење. Здравиот организам е способен да се избори против голем број инфекции и без антибиотици, а со тоа станува и уште појак.

[email protected]