Преспанскиот договор на тенок мраз во Грција

210

И додека Република Македонија ги изодува болните уставни промени за имплементација на спогодбата, судејќи според изјавите на грчките политички чинители, Атина бара начин како да ја изигра спогодбата, или си отвора пат за нови уценувања, нови барања и условувања

Додека заложбите и определбата за целосна имплементација на спогодбата од Мала Преспа во Македонија се силни и во континуитет се реафирмираат, очекувањата спогодбата да биде успешно процесирана и од грчка страна и со тоа да се заокружи целиот процес деновиве се движат во загрижувачка насока. Како што наближува денот кога топката треба се префрли во грчкиот двор и тие ќе треба да го спроведат својот дел од договорот, така се засилува и отпорот кај нашиот јужен сосед изразен на различен начин. Ваквата констатација доаѓа по неодамнешните најави на коалицискиот партнер во грчката влада, министерот за одбрана и лидер на Независни Грци, Панос Каменос, за излегувањето од Владата и тврдењето дека тој нема да ја чека спогодбата од Преспа да стигне во грчкиот парламент.

Понатаму сомнеж и дополнителна неизвесност во исполнувањето на договореното од грчка страна влева и сугестијата на поранешниот министер за надворешни работи Никос Коѕијас за тајно гласање во грчкиот парламент на денот за ратификувањето на договорот, но и проблемот со тесното мнозинство на владејачката партија на Алексис Ципрас. И додека Република Македонија ги изодува болните уставни промени за имплементација на спогодбата, судејќи според изјавите на грчките политички чинители, Атина бара начин како да ја изигра спогодбата, или си отвора пат за нови уценувања, нови барања и условувања.

Можно ли е да дојде до изигрување од грчка страна во делот на обврските што произлегуваат од спогодбата е дилемата што се актуализира деновиве.
Поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски смета дека поддршката за спогодбата во грчкиот парламент на Ципрас стои на стаклени нозе.

– Има индикации дека Ципрас не е сосема сигурен дека преспанската спогодба ќе успее. Каменос порано ќе излезе од Владата, што значи нејзин пад, Потамос се колеба околу поддршката, опозицијата е во жестока офанзива против. Вршителот на должноста министер за надворешни работи на Грција, Јорго Катругалос, имаше две интервјуа и беше во Америка, каде што се сретна и со Нимиц, и главната негова поента беше дека има некои нови моменти во последно време околу договорот. Тоа единствено може да се однесува на изјавата на Заев околу нашето име, а тој на таа тема разговарал и со Помпео и со Могерини и со други, што може да најавува и грчко барање за некаков анекс на договорот. Или ако веќе нема анекс, тие сакаат некакво допрецизирање дека нас нѐ нема како народ, јазик… Според сѐ заедно, се чини дека расте неизвесноста дека договорот ќе мине и во Грција, што треба да мобилизира кај нас подготовка на прецизен став што понатаму – оценува Никовски.

Во меѓувреме Каменос неколкупати деновиве повтори дека неговата цврста позиција е дека не може да прифати никаков договор што го содржи терминот Македонија.
– Сфаќате дека постојат некои прашања што се црвена линија за нас и не можам јас, како политички шеф на вооружените сили, но и поради позицијата што јавно ја зазедов од почетокот на мојата политичка кариера, да прифатам да останам министер за национална одбрана и во исто време да потпишам за предавањето на терминот „Македонија“. Јас никогаш нема да го сторам тоа. Ќе се борам, со сета моја сила, да сфатат сите, а особено странците, дека Грција ја има сета добра волја да се најде решение. Ние не сакаме војна со никого, но сакаме да сфатат дека со една пропаганда што започна од времето на Мусолини и Тито, не можат да ја оспорат историјата на грчката Македонија – рече Каменос.

Од друга страна, портпаролот на грчката влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос неодамна во Солун изјави дека со уставните измени во Македонија постои целосно почитување на договореното. Истакна дека треба да се инсистира на фактот дека „реално е голема историска шанса за да се реши, можеби последното, големо идентитетско прашање на Балканот“, но и дека според него, со стапувањето во сила, договорот ќе доведе до нова ера во регионот. Слично на Ѕанакопулос и лидерот на грчката партија Река, Ставрос Теодоракис смета дека „Грција не е во опасност од северните соседи“.

Паралелно на ова, на домашен терен премиерот Зоран Заев изрази уверување дека ќе добие целосна поддршка од пратениците за уставните амандмани и дека процесот ќе се заокружи околу средината на јануари 2019 година.


Заев и Ципрас во трка за Нобелова награда

Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, ќе бидат предложени за Нобелова награда за мир за 2019 година за договорот од Преспа, со кој се надминува дводеценискиот спор за името.
Номинирањето на Заев и на Ципрас денеска во Скопје ќе го објави добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Уидед Бушамауи.
Церемонијата за номинација за Нобеловата награда за мир 2019 г. ќе се одржи на универзитетот ФОН, каде што во март годинава Бушамауи ја доби титулата почесен професор.
– Договорот од Преспа, во кој потписниците и медијаторите вложија огромна енергија, го гледам како исклучително значаен процес, кој заслужува да биде номиниран за Нобеловата награда за мир. И генералниот секретар на ОН Гутереш, деновиве повторно го истакна тој договор како пример што може да биде модел за решавање на проблемите во светот – вели Бушамауи.
На вчерашната средба со претседателот на Собранието Талат Џафери, Бушамауи изрази поддршка за мирот, стабилноста и безбедноста и ги поздрави напорите на двете страни за избегнување конфликти и за наоѓање мирно решение на отворените прашања, покажувајќи на тој начин дека проблемите можат да се решаваат преку дијалог.
Од друга страна, европратеникот Стелиос Колуглу од редовите на грчката партија СИРИЗА, исто така дава поддршка за оваа номинација.
– Овој договор заслужува Нобелова награда за мир. Ако зборувате со кого било во Европарламентот, од левицата или од десницата ќе ви го кажат истото тоа. Дека е фундаментален договор за стабилноста и мирот на Западен Балкан и многу ќе придонесе за стабилноста на цела Европа. И не само тоа, туку е и модел за решавање спорови што може да биде репродуциран во други конфликти – рече Кулоглу.

Фото: Игор Бансколиев