Преспанска запршка и за македонската кујна

338
Фото: Игор Бансколиев

Покрај скудната понуда во претставувањето на брендираните национални специјалитети на македонскиот штанд на Саемот за храна во Берлин, во организација на македонското министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), поголема причина за негативните реакции е паното на штандот, каде што македонската кујна е претставена како северномакедонска. Според експертите, ваквото означување е сосема погрешно и несоодветно и претставува израз на политичко незнаење

Гастрономијата, иако обично не е земена предвид како категорија во дефиницијата за нациoналниот идентитет, секогаш била поле за докажување на националниот престиж, а одредени јадења често се доживуваат и како своевиден еквивалент на националниот идентитет и обележје на некој народ и држава. Во време кога и за хранливите продукти се инсистира да бидат индустриски прецизно етикетирани (брендирани), од биохемиски состав до земја на потекло, гурманството не е веќе само симбол за хедонизам туку сѐ повеќе добива економско-политички третман. Можеби затоа претставувањето на Македонија на Саемот за храна во Берлин, Германија, кој е во тек, предизвика негативни реакции на социјалните мрежи во Македонија. Покрај скудната понуда во претставувањето на брендираните национални специјалитети (ајвар, вино, сирења) на македонскиот саемски штанд, во организација на македонското министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), поголема причина за негативните реакции е паното на штандот, каде што македонската кујна е претставена како северномакедонска. Според сведоштвото на македонските посетители на саемот во Берлин, единствената гастрономска понуда на штандот бил смрзнатиот бурек, а и од него немало да се проба целосно приготвен.

Сепак, реакцијата е најмногу насочена на употребата на придавката „северномакедонска“ за претставување на традиционалната национална кујна.
Претпоставките се дека северномакедонски квалификатив за националната кујна е изведен како последица на „политичка (пре)коректност“ во спроведувањето на Преспанскиот договор, од организаторот на саемското преставување, односно МЗШВ. Од друга страна, иронијата е во тоа што, дури ниту тој фамозен договор меѓу Македонија и Грција, постигнат во 2018 година, а кој сѐ уште ги предизвикува главните политички бранувања во земјава, сепак не предвидува толкава ригорозност во „криењето“ на македонскиот идентитет.

– Сосема погрешно и несоодветно е означувањето на македонскиот штанд на саемот за храна во Берлин, со конструкцијата северномакедонска кујна. Со Преспанскиот договор воопшто не е предвидено да не се употребува придавката „македонски“. Тоа е прецизно објаснето во упатствата на македонското министерство за надворешни работи, каде што е јасно наведено дека од договореното име Северна Македонија не се изведуваат придавки, па народот, јазикот, а во тој контекст и кујната, остануваат македонски. Навистина не е јасно зошто при претставувањето на националната кујна на саемот во Берлин е одлучено таа да биде наведена како „северномакедонска“. Дури и на актуелното ЕП во ракомет, австриските ТВ-коментатори сосема коректно ја употребуваа придавката за македонската репрезентација и за македонските ракометри, независно од именувањето на државата – вели Ѓорѓи Филипов, македонскиот копретседавач на заедничката експертска комисија со Грција за усогласување термини во имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци.

Најновото искуство со употребата на придавката од новото уставно име на државата, во претставувањето на националните традиционални вредности на Македонија, повторно покажува дека прирачникот со упатства на МНР има недоволно влијание во секојдневната примена, а и уште повеќе излегуваат на површина слабостите и големата асиметричност на Преспанскиот договор.


Гастронационализам – нов термин во индустријата за храна

Борбата за пазарот на храна, во оваа индустрија го воведе терминот гастронационализам, кој се однесува на инсистирањето на земјоделските „империи“ во ЕУ, како Франција, Шпанија и Италија (а им се придружува и Грција) на воведување етикети со задолжително потекло на производите. Кон крајот на минатата година, Франција, Шпанија, Италија, Португалија и Грција испратија заедничка декларација до Европската комисија во која се бара „да се зајакне и усогласи законодавството на ЕУ за означување на потеклото на храната“, во која се наведува дека сегашните правила на ЕУ „не се сеопфатни во оваа област, затоа што тие не се „задолжителни“.
– Гастронационалистите знаат дека ова ќе доведе до битка околу една од најразличните теми во креирањето на политиките на ЕУ: етикети со задолжително потекло, со кои е задолжително да се запечатува храна со „Made in France“ или „Product of Italy“…. Додека ЕУ повеќе зазема одбранбена позиција во однос на економската политика во секторите што се движат од висока технологија до автомобили, гурманските моќници на Медитеранот го почувствуваа моментот кога дојде да заземе голем став за да ги заштити своите млечни производители и производителите на шпагети… Земјоделските империи како Франција, Шпанија и Италија бараат да го искористат зголемениот протекционизам на Европа за да ги држат подалеку кинескиoт мед и канадската дурум (тврда) пченица од трпезариите на континентот – се вели во анализата на европскиот сајт „Политико“, по повод декларацијата на медитеранските земји од ЕУ за задолжително етикетирање на потеклото на земјоделските производи.