Пресметката на Трамп и неоконите (2)

112

Дел од американската и светската јавност, исто како и дел од американските и светските политичари, смета дека без американските постојани воени ангажмани и интервенции, светот би потонал во трета светска војна. Другиот дел на американската и на светската јавност, како и политичари, вклучувајќи го и претседателот на САД, Доналд Трамп, кој одбива да ги испраќа американските војници во геополитички и економски дискутабилни војни низ светот, е на сосема различни позиции по ова прашање. На тој начин, првоспомнатиот дел респектабилни поединци и група во САД (неоконзервативци или познати под името неокони) сметаат дека актуелниот претседател на САД претставува сериозна закана за нив и нивниот концепт за Америка и преостанатиот дел на светот

Анализа на „Геополитика“

Во својот есеј со поднаслов „Америка мора да ги потисне растечките и самоуверени сили Русија и Кина пред да биде предоцна“, Роберт Каган пишува: „Денес во светот се присутни два клучни тренда. Првиот се растечката амбиција и сѐ поголемата активност на двете големи ревизионистички сили – Русија и Кина. Вториот се падот на самодовербата, намалените можности и слабеењето на волјата на демократскиот свет, особено на САД, да му се спротивстават на првиот тренд, не можејќи така да ја задржат доминантната положба во меѓународниот систем, која им припаѓаше од 1945 година наваму. Овие два тренда се одвиваат паралелно, а недостигот од волја и способност на САД и нивните сојузници за одржување на постојниот светски поредок се испреплетува со зголемената желба и способноста на ревизионистичките сили за промена на овој поредок. Следствено на ова, ќе дојдеме до точка каде што постојниот поредок ќе пропадне и светот ќе западне во брутална анархија, како што веќе трипати досега се случи во последниве два века. Последиците од ваквиот хаос, со оглед на бројот на жртвите, изгубените материјални вредности и уништената слобода и надеж, ќе бидат од епски размери.“

Како гледаат неоконите на Русија и на Кина

Според мислењето на Каган, руската и кинеската автократија на САД гледаат како на главна пречка за нивните амбиции, па затоа настојуваат да го ослабат меѓународниот безбедносен систем, кој ги спречува да ги постигнат своите цели.
– До неодамна, Кина и Русија се соочуваа со големи, речиси ненадминливи бариери во постигнувањето на своите цели. Главна пречка беа силата и внатрешната стабилност на самиот меѓународен поредок и неговиот најголем заштитник и спонзор. Системот на воени и политички сојузи предводен од САД, особено во двата критични региони – Европа и Источна Азија, можеше да им се спротивстави на Кина и на Русија од позиција на сила. Затоа тие беа присилени да ги проектираат своите геополитички цели исклучително внимателно, а по завршувањето на Студената војна мораа да се откажат од сите сериозни обиди за нарушување на меѓународниот систем. Силната меѓународна положба на САД и на нивните сојузници со децении ги спречуваше ревизионистичките сили отворено да ги предизвикаат.

Сѐ додека САД беа сметани за сигурен сојузник, кинеските и руските челници имаа сериозен страв дека нивните агресивни акции ќе наидат на отпор, што би можело да доведе до пад на нивниот режим. Политикологот Вилијам Волфорт го опиша тоа како своевидна стабилност на униполарниот свет: незадоволни регионални сили се обидуваат да ја оспорат статускво-ситуацијата, а нивните загрижени соседи, како реакција на тоа, ја повикуваат далечната американска суперсила да ги потисне тие амбиции. И таквиот систем функционираше. САД интервенираа, додека Русија и Кина најчесто се повлекуваа – образложува Каган во својот есеј.
Но, според идеолошкиот татко на неоконите, во текот на последниве години дошло до пресврт.
– Демократскиот поредок слабееше и напукна во темелите. Тешката економска состојба, оживувањето на национализмот и трибализмот, слабите и несигурни политички водства, неодговорните политички партии – сето ова заедно создаде криза на доверба не само во демократијата туку и во целиот проект на либералниот поредок.

Дали САД и понатаму сакаат да го одржуваат поредокот што го создадоа?

Во последниве десетина години сите гледаме дека во светот растат национализмот и трибализмот, во општествата расте одбивањето на другите и различните, слабеат довербата во власта и вербата во капиталистичкиот систем и демократијата. Историјата се враќа и се одмаздува, а со неа и најмрачните страни на човечката душа, како што е стремежот кон силен лидер, способен за цврсто водство во времиња на општа конфузија, тврди Каган.
Потоа авторот ги поставува клучните прашања во својата политичка визија за американската улога во светот. „Сега се поставува прашањето дали САД и понатаму сакаат да го одржуваат поредокот што го создадоа, а кој е зависен од американската моќ. Дали Американците се подготвени за ризик и дали се свесни за неговото постоење во случај на рушење на постојниот поредок, што може да резултира со хаос и конфликти?“

Во продолжение тој дава и одговор на овие прашања.
– Токму во овој тежок период, Американците ја покажуваат својата неподготвеност за одбрана на светскиот поредок, кој го создадоа по Втората светска војна. Доналд Трамп не е единствената голема политичка фигура што во изминатиов период повикуваше на потесно дефинирање на американските интереси, како и на ублажување на товарот на глобалното водство на САД. Ова го правеше и претседателот Обама, па дури и претседателската кандидатка Хилари Клинтон, која секогаш се повикуваше на американската посебност, но на крајот сметаше дека е потребно да ја доведе во прашање својата поддршка на договорот за транспацифичко партнерство. Кревкоста на демократскиот свет и напуштањето на глобалните одговорности на САД веќе доведоа до пораст на агресивниот ревизионизам во таборот на незадоволните сили. Ова, пак, дополнително ги слабее довербата и подготвеноста на демократскиот свет да се спротивстави – објаснува Каган.
Во таа смисла, Каган дефинира каде лежи излезот од ваквата ситуација, а тој, според него, секако бара враќање на американската политика на позициите на решителен чувар на постојниот мировен поредок, доколку е потребно и со употреба на „тврда моќ“, вклучувајќи и воена сила.

Тој е експлицитен: „Историјата нѐ учи дека излезот од таков маѓепсан круг ќе биде исклучително тежок, во случај САД да не бидат решителни во промената на својата сегашна надворешна политика.“ Се разбира, тоа е невозможно додека Трамп е американски претседател, па затоа неговото заминување од политичката сцена е предуслов за сѐ за што се залагаат Роберт Каган и моќниот политички кружок на неоконите. Тој смета дека САД мора да ја вратат својата глобална моќ и да дејствуваат активно, затоа што „по Втората светска војна, па до денес, Америка е единствената држава што има геополитички потенцијал за обезбедување глобална сигурност и безбедност. Без САД не може да постои стабилна рамнотежа на сили во Европа и во Азија. Иако можеме да дискутираме за ефектите на ’меката моќ’ или т.н. паметна сила, овие алатки секогаш имале само ограничена вредност кога биле соочени со груба воена сила. И покрај неодговорните тврдења за опаднатата моќ на Америка, таа има очигледни и непобитни предности во воената сфера. Дури и ако се длабоко во заднината на другите големи сили, САД, заедно со своите силни сојузници, ја задржуваат способноста за спротивставување на заканите во однос на глобалниот безбедносен систем. Меѓутоа, ако САД немаат желба да одржуваат рамнотежа на силите во далечните светски региони, целиот систем ќе се распукне под притисокот на военото ривалство меѓу регионалните сили. Затоа САД мора да ги одржуваат воените трошоци сразмерно со своите глобални обврски и функции.“

Каган го завршува есејот со повик за враќање на американската „мека и тврда моќ“ на глобално ниво, како и за излегување од наводната изолација, во која САД беа втурнати од страна на администрацијата на Трамп. Поаѓајќи од позицијата на „американска извонредност“, Каган изјавува: „Благодарение на достигнувањата на воспоставениот светски поредок под водство на САД од Втората светска војна наваму, ривалствата на големите сили беа амортизирани, со што се избегнаа многу конфликти. Но ако Американците го уништат поредокот што го создадоа сами – не затоа што не можат да го одржуваат, туку едноставно затоа што не се трудат – тоа ќе биде повеќе од срамно. Сето ова би резултирало со невидена глобална катастрофа и загуба на животи на епско ниво.“ 

(продолжува)