Пресечената црвена лента ќе значи легитимитет, но не и легалитет

439
Фото: Емил Јовановиќ

Дали официјалното пуштање во употреба на овој верски објект во присуство на високи државни функционери ќе ги затвори сите контроверзии за легалноста на објектот или, пак, на овој начин ќе се продлабочи уште повеќе јазот помеѓу принципите на легалитет и легитимитет? Кај нас начелата на легалитет и легитимитет од осамостојувањето на државата како по правило се повеќе во колизија отколку во синхронизација. Тоа се потврдува и во случајот со Алипашината џамија, каде што овие два темелни принципа се ставени на силно искушение

Алипашината џамија од денеска и официјално ќе биде во функција на уште поквалитетно остварување на верските права и слободи на муслиманите во нашата држава, односно во Охрид. Високото ниво и унапредувањето на верските, како и на меѓуверските односи не само што е традиција во нашата држава, туку и приоритет на секоја македонска влада од осамостојувањето. И објектот на Алипашината џамија во тие рамки имал и ќе има несомнен придонес.
Но отпорот на граѓаните и проблемот што настана врзан со џамијата нема никаква допирна точка со прашањата на верската припадност и соживотот. Тој е од сосема различна природа и се однесува на нелегалноста при реконструкцијата, доградбата и габаритот на џамијата, при што беа прекршени низа закони и прописи, за што е повеќепати пишувано. Тој се однесува на нелегалноста на самиот чин со финализацијата на еден благороден проект, со флагрантно игнорирање на принципите на владеењето на правото и демонстрирање референци за непостоење функционална држава. Со денешното свечено отворање, на кое ќе присуствуваат претставници од државниот врв, нечија функција или својство ќе му даде легитимитет на овој чин, а со тоа и генерално „легитимно“ ќе се направи (нов) преседан за една правна држава.
Според најавите од Исламската верска заедница во земјава, на свеченото отворање ќе присуствуваат високи претставници од нашиот државен врв, но и гости од турскиот државен врв, како и од тамошната Исламска верска заедница. Сѐ уште не е потврдено кој точно и во какво својство ќе присуствува.

Иако во јуни годинава, амбасадорката на Република Турција во Македонија, Тулин Еркал Карапри, при посетата на џамијата по нејзината реконструкција, најави дека за свеченото отворање на џамијата ќе дојде лично турскиот претседател Ердоган, сепак од ИВЗ велат дека тоа нема да се случи.
Република Турција беше главен донатор за реконструкцијата на џамијата во Охрид, како дел од историското културно наследство на Македонија.

Случајот со Алипашината џамија е метафора на судирот на принципите на легалитет и легитимитет, а овие два темелни принципа повторно се ставени на многу силно искушение. Сепак, иако беше спомнувано дека ќе дојде турскиот претседател, а сега е најавена висока државна турска делегација, тие се добредојдени како гости и помагатели за реализација на проектот. Легалитетот сепак го даваат домицилните закони и прописи, со поддршка на моменталната власт што ги извршува, на локално или на централно ниво. Наедно, присуството на домашната висока делегација демонстрира легитимитет, односно согласност за нештото што е во согласност со позитивните прописи и правото. Такво нешто може да биде потврдено и засилено со присуството на високи верски достоинственици, како и со високи функционери од странство, во случајов од Турција.

Во таков случај, може слободно да се потврди дека функционалната држава функционира и владее правото. Во овој случај, тешко дека би можело да се потврди тоа. Досега ниту една институција што е надлежна за споменатиот правен проблем со џамијата не се изјаснила, ниту пак на граѓаните им е јасно што всушност ќе се случи со отворањето. Голема е веројатноста, според соговорниците, дека поради таквата „нејасна“ состојба, највисокиот претставник на турската држава да го откажал своето присуство на чинот на свеченото отворање на џамијата, кој е во основа исклучително благороден чин, а уште поблагороден е чинот на турскиот придонес да се реализира еден ваков проект.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Инаку, за потсетување, проектот за реставрација на оваа џамија почна пред три години и веднаш ги разбранува охридската и целата македонска јавност. Сепак, нејзината реконструкција беше проследена со серија обвинувања од охриѓани дека се гради надвор од проектот за реставрација.
Главен проблем беше висината на минарето, за кое невладините организации, меѓу кои најгласно беше здружението на граѓани „Совест“ од Охрид, организираа и протести и тврдеа дека тоа се гради во димензии што излегуваат од рамките на предвидениот проект. Оттаму алармираа дека наместо да се реставрира и заштити Алипашината џамија како споменик на културата, противзаконски и без соодветна дозвола и документација се доградува постојниот верски објект – со минаре и придружни објекти во дворот.

Иако имаше одлуки на државните власти за привремено стопирање на изградбата, сепак реконструкцијата продолжи.
При една од средбите со претставниците на здружението „Совест“, премиерот Заев посочил дека институциите ќе постапат во согласност со законите, како и дека преку дијалог со сите засегнати страни, а имајќи ја предвид сензитивноста на прашањето, ќе се најдат решенија во интерес на граѓаните на градот Охрид и на државата, која останува посветена на заштитата и промоцијата на богатото културно наследство што го поседува градот Охрид.

За оваа џамија отворено зборуваше и поглаварот на Исламската верска заедница во земјава, Сулејман Реџепи, но фокусот на неговите изјави беше сосема надвор од рамките и суштината на проблемот, а имено со легалноста на изградбата. Тој постојано се фокусираше на изгледот на џамијата и вниманието го насочуваше на меѓуверските односи и наводна (не)толеранција.

– Ужас е само да помислиш дека „минарето ќе му наштети на ликот на градот“. Замислете да се реновира некоја од македонските цркви и некои граѓани да инсистираат таа да ја нема камбанаријата. И тоа би било ужас. Но таа џамија ќе биде довршена, бидете сигурни, бидејќи бог ги сака своите домови – изјави тогаш поглаварот.

Состојбата со Алипашината џамија се трансформираше и во мотив за меѓупартиски обвинувања. Михаил Трендафилов-Нанче, кој беше и претседател на здружението „Совест“, поднесе оставка на функцијата, со обвинување дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за време на претседателските избори одржани во април годинава собирале политички поени од Алипашината џамија, а правото и правдината им ги потчиниле на политиката и политикантството.
– Згрешивме сметајќи дека тие се оние што кочат. За жал, доцна сфативме дека не е проблемот во непостапување на институциите, туку во замешаноста на политиката. Бевме наивни, го откажавме масовниот протест за мирно да поминат изборите. Додека очекувавме да завршат работите, се прошири вест дека сме се испазариле за работите да продолжат. Смешно, да не е тажно и срамно – објасни тогаш Нанче.


Џамија во Охрид имало уште во 15 век

Алипашината џамија, како муслимански верски објект, отсекогаш била сместена во Старата охридска чаршија. За годината на нејзината изградба и за нејзиниот ктитор не постојат точни податоци, но според архитектонските карактеристики и едноставноста на формите, се смета дека џамијата била изградена кон крајот на 15 или почетокот на 16 век. Според податоците во една вакуфнама, која датира од 1491 година и во која се споменуваат сарај и вакафи што му припаѓаат на Али-паша, се смета дека имало и џамија што го носела неговото име. А верскиот соживот и почитување никогаш не биле доведени сериозно во прашање.