Пресвртниот ручек со Мито Хаџивасилев-Јасмин

249

Со одобрение на авторот, „Нова Македонија“ ексклузивно, во десет продолженија, ги објавува извадоците од книгата „Луѓе, времиња“, во која долгогодишниот претседател на македонското собрание Стојан Андов ги открива своите впечатоци од средбите со историските личности и настани во периодот од Втората светска војна до смртта на доживотниот претседател на некогашната СФРЈ, Јосип Броз-Тито. Од перспектива на младо момче од Кавадарци, студент и новинар во „Нова Македонија“, дипломиран економист и еден од највлијателните македонски политичари, кој своето животно и професионално искуство го стекнува во околности што сѐ уште ѝ се недоволно познати на пошироката јавност, со оваа книга Андов фрла нова светлина врз, како што вели и самиот, луѓето и времињата што се предмет на обработка. Книгата е дел од неговите политички мемоари, а деновиве, по повод неговиот 85-ти роденден, е објавена во издание на „Матица македонска“.

Стојан Андов – „Луѓе, времиња“ (3)

По дваесетина дена, Мито Хаџивасилев-Јасмин, кој беше во високото партиско раководство во Македонија, дошол на ручек кај мајка ѝ на мојата сопруга Марија и ѝ порачале на Марија заедно со мене да дојде и таа кај мајка си на тој ручек. Така дојде да се сретнам со Мито Хаџивасилев-Јасмин. На ручекот, како што течеше неформалниот разговор, Јасмин наеднаш ми рече: „Столе, Минчев ми спомена дека Диме Галапчев е нешто незадоволен од соработката со тебе. Те молам, кажи ми во што е работата.“
Му раскажав за целата состојба во врска со незадоволството на Диме Галапчев и му ја објаснив заплетканоста на околностите во кои учествувал и самиот Галапчев, а учествувал и Ванчо Јордановски, тогашен директор на „Сопотско Поле“. Инаку, како в.д. директор на „Тиквеш“, тој бил иницијатор да го поканат Галапчев да прифати да биде директор на агрокомбинатот. Му го изнесов мојот впечаток дека во таа заплетканост Галапчев настојува да се ослободи од каква било обврска спрема Ванчо Јордановски, а на некој начин да ја намали и својата улога во договорот меѓу општината и комбинатот за цената на млекото. Тогаш Јасмин ми рече дека вакви случаи има повеќе. „Ние постарите уште сакаме послушност од помладите, а не водиме сметка оти тие, помладите, барем некои од нив, поточно согледуваат некои проблеми и не се подготвени тукутака да се откажат од своите убедувања.“
Бидејќи не ми беше многу јасно тоа што тој ми го кажуваше, иако не беше напад врз мене, му реков на Јасмин дека размислувам да дадам оставка на функцијата секретар на Фабричкиот комитет на СКМ во комбинатот „Тиквеш“. Тогаш Јасмин ми дофрли да не брзам, зашто таквата постапка може да биде толкувана на различни начини од различни средини и може да се искомплицира мојата положба во професионалната работа.

И ми рече дека наскоро ќе дојде во Кавадарци брат му, Киро Хаџивасилев од Белград. Ми објасни дека Киро во тоа време бил директор на Високата политичка школа во Белград и дека е добро да го ислушам и него, бидејќи иако тој доаѓа во општинскиот комитет, на ручек ќе дојдел кај тетка си Надежда (мајката на мојата сопруга), а потоа Мито рече дека ќе се видиме пак и ќе видиме што да се прави. Така заврши таа наша прва средба посветена на политиката.
А сега да се вратиме на раскажувањата на Мито Хаџивасилев-Јасмин за настаните по шести април 1941 година. На крајот на март 1941 година, го затвориле Јасмин во велешкиот затвор. Редовно го претепувале и го носеле раскрвавен во ќелијата. Тој не признал ништо. Многу е интересно неговото ослободување од затворот. Всушност, тој имал вујко, познат во сите краишта на тогашна Југославија како Чика Љуба Вељковиќ, голем шверцер со афионски катран и морфиум, со врски и канали дури до Франција. Во таа земја имало приватна компанија за комерцијални летови со авион. Авионите полетувале во Париз, а се спуштале во Белград и во Загреб. Во Загреб, Чика Љуба имал свои пријатели, кои пред да полета авионот за Париз, во него товареле ќеси со афион и со морфиум. Чика Љуба знаел дека кога авионот ќе слета во Париз, ќе биде претресен и ќе му влезат во трага. Затоа уредил точно кога треба да мине авионот од Загреб за Париз на една убава полјана покрај Дижон да ги исфрли вреќите, а таа негова експозитура во Дижон потоа „стоката“ ја раширувала низ Франција. Чика Љуба вриел од пари. Иако познат шверцер, влaста му гледала низ прсти, бидејќи Чика Љуба знаел како да создаде одбранбен ѕид околу себе.

На шести април 1941 година, нацистичка Германија и нејзините сојузници го нападнаа Кралството Југославија. Во тој период во Кралството Југославија, а во тие рамки и во Македонија, било вистинско безвластие. Немало кој да ги контролира состојбите, тајната полиција на Кралството Југославија се разбегала, а во затворот во Велес затворениците ги држеле чуварите, а со нив раководел директорот. Иако без команда, полицајците внатре во затворот продолжиле одвреме-навреме да ги претепуваат затворениците и чекале кога ќе дојде новата власт и што ќе нареди таа за односот кон тие затвореници. Чика Љуба отишол право кај директорот и му дал еден грст долари и германски марки. Директорот веднаш се претворил во послушно јагне и го прашал Чика Љуба зошто му ги дава тие пари. Тој му рекол дека сака да го види затвореникот Мито Хаџивасиљевиќ. Отишле двајцата во затворската ќелија, а Јасмин, бидејќи не очекувал таква посета, целиот стуткан и крвав од последното тепање, се потресол кога го видел Чика Љуба. Овој веднаш го прашал: „А бре, внучко, дали ти некого си убил?“ Јасмин му одговорил дека не убил никого. „Мито, да не си силувал, бре, некоја туѓа жена или девојка?“ „Не“, рекол Јасмин. „Па зошто си тука, сигурно си политички затвореник“, а директорот потврдил: „Да, да!“ „Е па, внучко, да си убиел некого, не би мрднал со прст, да си силувал некоја жена, би им рекол на џандарите добро да те тепаат, а ти за политичка работа овде во затворов вака си претепан.“ „Да“, одговорил. „Е, ти си јунак!“ Се вратил кај директорот и му рекол: „А сега, директоре, најди го твојот најдоверлив човек и доведи го овде.“

Не бев сигурен дека средбите со Јасмин и со Киро Хаџивасилеви ќе ми ја поправат ситуацијата со Фабричкиот комитет на СКМ на комбинатот и со незадоволството на генералниот директор Диме Галапчев од мене и од мојата работа во комитетот. Сепак, решив да причекам, да го ислушам и Киро Хаџивасилев…

За 5–6 минути се вратил директорот со некој џандар и тогаш Чика Љуба го отворил паричникот и му тутнал германски марки на џандарот колку за две годишни плати и му рекол: „Ти сега овој затвореник ќе го чуваш како брат и ќе го однесеш безбедно во Кавадарци да си биде со семејството.“ Тогаш се замешал Јасмин: „Не, не во Кавадарци, во Росоман.“ Така рекол Јасмин, бидејќи во Кавадарци имало луѓе што ќе го поткажеле кај новите власти што ќе дојдат, а во Росоман имало повеќе членови на партијата што ќе го прифателе и ќе го одвеле тајно во Кавадарци, а тој понатаму сам ќе се снаоѓал. За секој случај, Чика Љуба уште еднаш го отворил паричникот и му додал и на директорот уште некоја пара за да не крева врева. Така, Јасмин една ноќ од Росоман стигнал во Кавадарци, кај татко си Ване. Утредента Ване ѝ рекол на сестра си Надежда таа да се грижи за Мито и никој друг да не знае за тоа.
Имал тајна скривница и подоцна долго време оттаму раководел со месниот комитет, партијата итн. Од тие времиња, Надежда не му била само сестра на татко му, туку и заштитник и скривач на Јасмин. Јасмин раководел илегално со партијата во Тиквешко и пошироко, а при крајот на војната бил во екипата што ја составил Президиумот на АСНОМ, заедно со повеќе млади и писмени луѓе, од кои била формирана редакцијата на штотуку основаниот весник „Нова Македонија“, на 28 октомври 1944 година. Потоа е префрлен во ЦК СКМ, а од 1963 година беше секретар на ЦК СКМ за идејно-политички активности.

А сега да продолжам за моите односи со генералниот директор на АК „Тиквеш“, Диме Галапчев, и за тешкотиите на кои наидував. Не бев сигурен дека средбите со Јасмин и со Киро Хаџивасилеви ќе ми ја поправат ситуацијата со Фабричкиот комитет на СКМ на комбинатот и со незадоволството на генералниот директор Диме Галапчев од мене и од мојата работа во комитетот. Сепак, решив да причекам, да го ислушам и Киро Хаџивасилев, бидејќи едно сепак ми беше јасно – целата оваа работа нема да заврши со партиското казнување на Ристо и Стефчо! Бев сигурен дека тие, ако бидат казнети од Фабричкиот комитет, тогаш најверојатно ќе бидат сменети од нивните раководни места. Таквиот правец на настаните ќе го доведат во големи тешкотии Ванчо Јордановски, кој е директор на „Сопотско Поле“. На моменти помислував дека тоа е и целта на Галапчев, тие двајцата да бидат сменети, бидејќи и двајцата во односите со него покажале самостојност и професионалност, што тој го протолкувал како непослушност, а евентуално на нивните места да доведе некои свои луѓе од доверба. Не е сигурно дали со тоа ќе заврши работата и решив да причекам да дојде и да го ислушам Киро Хаџивасилев.
Киро Хаџивасилев е постар брат на Мито Хаџивасилев за година и пол. По завршувањето на основното училиште, го запишале да учи во една од белградските гимназии. Живеел заедно со еден од вујковците – Илија Велков. Белград, за разлика од Кавадарци, му изгледал на Киро Хаџивасилев многу необично. Основниот впечаток му бил дека белграѓани се многу богати луѓе. Тој и вујко му, кој работел во Белград, живееле во еднособен стан, а сами се грижеле за огревот зимно време. Кога зборуваше за тие времиња, Киро Хаџивасилев најмногу ги паметел ноќите и утрата во времето кога зимата била остра и кога секој ден долго му се треселе забите од студ на патот од станот до училиштето.

Откако ја завршил гимназијата, имал намера идната учебна година, во септември 1941, да се запише на Медицинскиот факултет во Белград. Меѓутоа, на шести април 1941 година Југославија беше нападната од нацистичка Германија и нејзините сојузници, а еден месец потоа бугарската војска и администрација ја окупираа Македонија. Таа есен се запишал на студии на Медицинскиот факултет во Софија. Меѓу партизаните бил познат како Киро Докторот, иако медицина не завршил. Преку Јасмин, брат му, влегол во тајните организации на Комунистичката партија и работел во областа на агитацијата и пропагандата.

(Утре: „На слика ме немаше, ама во списокот на членови на Владата ме имаше“)