Пред финалната рунда, уште куп предизвици

188
Неизвесно како ќе помине спогодбата во грчкиот парламент

И покрај манифестацијата на ентузијазам и брзањето на македонската владејачка гарнитура за конечно усвојување на спогодбата од Мала Преспа и префрлање на топката во Грција, односно обидот да се игнорираат или барем минимизираат улогата и потписот на претседателот Иванов, сепак се чини дека токму неговото непотпишување на законот за ратификација на спогодбата може да влијае врз финализирањето на процесот

Традиционално, функционирањето на државните институции и на политичките фактори во периодот меѓу новогодишните и божиќните празници е ставено во лер, но во почетокот на оваа 2019 година како да лебди одредена нестрпливост и напнатост околу натамошниот тек на почнатите политички процеси во земјава, пред сѐ на собраниската процедура за усвојување на уставните измени, во согласност со спогодбата од Мала Преспа. Собраниската седница, со која треба да се заокружи имплементацијата на договорот со Грција (потпишан во јуни, 2018), е закажана веќе на 9 јануари.

Процедурата на уставните измени веќе мина две собраниски фази, и покрај неуспешниот референдум за прифаќање на договорот со Грција. И како што наближува денот Д, како да расте напнатоста и во Македонија, но и надвор од неа. Според сите ветувања и нетрпеливоста на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг за „пополнување на 30-то столче во Алијансата“, ако целата процедура за спроведување на спогодбата од Мала Преспа помине во македонскиот и во грчкиот парламент, пореално е да се очекува членството на Македонија во НАТО, додека вистинскиот почеток на преговори со ЕУ и понатаму останува условен и хипотетички.
Дури и претседателот на Р Македонија, Ѓорге Иванов (кој е жесток критичар на спогодбата од Мала Преспа), на новогодишната посета на припадниците на АРМ во скопска касарна, изрази увереност дека оваа година Македонија ќе стане членка на НАТО.

Сепак, во своето годишно обраќање во Собранието, на крајот од минатата година, претседателот Иванов го задржа критичкиот став спрема спогодбата од Мала Преспа и најави дека нема да отстапи од него во понатамошното спроведување на процедурата за негова имплементација во Уставот. Со други зборови, најави дека нема да го стави својот потпис на спогодбата од Мала Преспа, која по ратификацијата во македонскиот парламент треба да се изгласа и ратификува и во грчкиот парламент.

– Прво се побара поддршка од граѓаните на избори, а дури потоа им се соопшти дека всушност гласале за тиранска платформа и грчка спогодба. Прво се донесе Закон за употреба на јазиците, а дури потоа се најави дека ќе се побарало мислење од Венецијанската комисија. Прво се апсеа пратеници, а дури потоа им се симнуваше пратеничкиот имунитет. Прво се прифати спогодба за името, а дури потоа бев информиран како претседател на државата. Прво се донесе таа штетна грчка спогодба, а дури потоа граѓаните беа прашани на референдум – рече Иванов во обраќањето и додаде дека власта прво се согласила на промена на Уставот, а потоа изнудува двотретинско мнозинство, и тоа преку уцена на пратеници.

За гаранциите од премиерот Заев за да му го даде мандатот рече дека нема ден некој да не го праша зошто ги прифатил, а уште повеќе зошто не ги активирал.
– Мојот одговор е дека со неговиот потпис на тие писмени гаранции јас ставив вето на Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација на спогодбата од Преспа. Со тоа, гаранциите се активирани. А активирани се бидејќи сме соочени со апсурд – порача Иванов.

И покрај отпорот што се манифестира кај опозицијата и во јавноста во двете земји инволвирани во спогодбата од Мала Преспа, и во Македонија и во Грција, потписниците на договорот настапуваат со ентузијазам за нејзино финализирање.
Додуша во моментов грчката страна има нејасен и колеблив став, но веројатно поради притисокот од НАТО, Ципрас го уверува својот македонски колега дека на крајот спогодбата ќе биде ратификувана и во грчкиот парламент. Сепак, Ципрас настојува да ја одвои ратификацијата на спогодбата од ратификацијата на протоколот за членство на Македонија во НАТО.

И покрај манифестацијата на ентузијазам и брзањето на македонската владејачка гарнитура за конечно усвојување на спогодбата од Мала Преспа и префрлање на топката во Грција, односно обидот да се игнорираат или барем минимизираат улогата и потписот на претседателот Иванов, сепак се чини дека неговото непотпишување на законот за ратификација на спогодбата може да влијае на финализирањето на процесот.

– Договорот од Преспа е спорен во многу делови, за кои е веќе зборувано и пишувано во јавноста, но тој ќе остане нецелосен без потписот на претседателот на Република Македонија, г. Ѓорге Иванов, кога истиот тој ќе треба да се објави во „Службен весник“. Како што е познато, билатералните или другите видови меѓународни договори стапуваат во сила по објавувањето на законот за нивно спроведување во „Службен весник“, кој мора да има и потпис од Иванов. За оваа работа јасно им е предочено на властите во РМ од страна на грчките власти. Токму немањето потпис од Иванов на законот за негово спроведување може да претставува камен на сопнување во Грција, во смисла спогодбата да не помине на ратификација во грчкиот парламент, поради правната невалидност на договорот во Република Македонија – вели професорката по уставно право, Тања Каракамишева-Јовановска.

Во контекст на влијанието на (меѓународната) правна важност на одлуките на претседателот на Р Македонија, може да се наведе и случајот со одлуката на грчкиот суд да не ги испорача осудените во земјава Груевски и Бошковски, токму поради (повлечената) амнестија на Иванов од 2016 година.
Доколку спогодбата од Мала Преспа не биде ратификувана во еден од двата парламента, ниту една одлука произлезена од неа нема да стапи во сила.


Нова демократија нема да гласа за ратификација на спогодбата

Портпаролката на Нова демократија и европратеничка, Мариа Спираки, во интервју за грчкото радио „Њуз 247“, уште еднаш повторува дека Нова демократија нема да го ратификува договорот од Преспа ниту во овој ниту во следниот парламент.
– Мислам дека не постои нешто друго околу ова прашање. Ова им го имаме кажано на сите наши соговорници и во и надвор од Грција, го имаме кажано со истиот речник, го имаме кажано на сите јазици. Нова демократија нема да го ратификува договорот, ниту во актуелниот ниту во следниот парламент, каде што ќе имаме мнозинство – вели Спираки.
Во однос на најавите на коалицискиот партнер во Владата и лидер на Независни Грци, Панос Каменос, дека ќе се повлече од Владата кога договорот ќе дојде во грчкиот парламент, Спираки вели дека тоа ќе создаде нова ситуација и Ципрас ќе мора да побара доверба од парламентот.