Предлозите се држат во најстрога тајност

695

Во актуелниот политички миг во Македонија, во кој се одвива собраниската процедура за уставни измени, токму во насока на имплементација на спогодбата од Мала Преспа во Уставот, овој чин за номинација на премиерот Зоран Заев и на неговиот грчки колега Алексис Ципрас за Нобелова награда за мир предизвика поделени реакции во јавноста

На вчерашната свеченост што се одржа на универзитетот ФОН, во Скопје, премиерите на владите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, и официјално беа номинирани за Нобелова награда за мир за 2018 година, која се доделува на крајот од 2019 година. Номинацијата на Заев и на Ципрас ја објави добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Уидед Бушамауи. Предлогот за Нобелова награда за мир за македонскиот и за грчкиот премиер се заснова врз спогодбата од Мала Преспа, со која, според поранешната добитничка на ова светско признание, „се надминува дводеценискиот спор за името“.

Нобеловката Бушамауи рече дека спогодбата од Мала Преспа покажува дека две држави заедно се способни да седнат, да преговараат и да постигнат договор и дека ѝ претставува чест да ги номинира Зоран Заев и Алексис Ципрас за Нобелова награда за мир. На церемонијата присуствуваше и европратеникот Стелиос Колуглу од редовите на грчката партија СИРИЗА, кој ја поддржа номинацијата.

Во актуелниот политички миг во Македонија, во кој се одвива собраниската процедура за уставни измени, токму во насока на имплементација на спогодбата од Мала Преспа во Уставот, овој чин за номинација за Нобелова награда за мир предизвика поделени реакции во јавноста. Додека поддржувачите на процесот на уставни измени и на спогодбата од Мала Преспа на номинацијата гледаат како на признание за „визионерската храброст на двајцата премиери за надминување на еден децениски проблем“, критички настроените кон истиот процес на тоа гледаат како на „уште еден меѓународен притисок за прифаќање на еден билатерален договор на штета на Македонија, за кој граѓаните одбија да му дадат легитимитет опструирајќи го одзивот на референдумот“. Критичарите дури ја оспоруваат релевантноста на оваа, сѐ уште престижна, светска награда за мир, аргументирајќи со повеќе контроверзни номинации и одлуки за добитници низ нејзината историја, а особено во последната деценија. Професорот Ненад Новковски во свој статус на социјалните мрежи, истакна дека според процедурите за доделување на Нобелова награда, најстрого е забрането однапред, а дури и потоа, да се објавуваат предлозите.

Какви се всушност процедурите за номинација за Нобеловата награда за мир, која е единствената што се доделува во Осло, Норвешка, а кандидатите ги разгледува и комитетот за Нобелова награда за мир во Осло? Нобеловите награди во сите други категории се доделуваат во Стокхолм, Шведска.

Номинациите за Нобеловата награда за мир се доставуваат од целиот свет до норвешкиот Нобелов комитет, одговорен за избор на кандидатите на наградата. Секој што ги исполнува критериумите за предлагач на номинацијата може да предложи име и да го достави своето образложение. Номинациите за Нобеловата награда за мир не бараат покана. Подобни предлагачи се: универзитетски ректори или канцелари, професори по политички и општествени науки, историја, филозофија, право и теологија, лидерите на институтите за истражување на мирот и институтите за надворешни работи, членови на национални парламенти, влади и меѓународни судови, претходни лауреати на Нобеловата награда за мир, членови на одборот на организации и институции, кои ја добиле Нобеловата награда за мир, сегашни и поранешни членови на норвешкиот Нобелов комитет и поранешни советници на норвешкиот Нобелов институт.

Спротивно на вообичаеното верување, не постои јавна листа на кандидати за тековната година. Целосната листа на номинирани кандидати за годишни награди не се открива уште 50 години што е ограничување регулирано со статутот на Фондацијата за Нобеловата награда.

Номинациите за награди се доставуваат од ноември до 31 јануари, наредната година.
Процесот на разгледување на кандидатурите вообичаено трае осум месеци. Почетните извештаи обично се подготвени до крајот на април. Во текот на летото се добиваат дополнителни извештаи од советниците, кои ја стеснуваат селекцијата на кандидати до многу мала група. Конечно, најдоцна до почетокот на октомври, комисијата ја донесува својата одлука со просто мнозинство. Одлуката е конечна и без жалба. Тогаш му се објавува името на лауреатот на Нобеловата награда за мир. Циклусот е завршен на 10 декември, кога годишната церемонија за доделување на Нобеловата награда за мир се одржува во Градското собрание во Осло. За Нобеловата награда за мир во 2018 година пријавени биле 331 кандидат, од кои 216 поединци и 115 организации.


Мајка Тереза ја доби, Глигоров, Есма и Цветин беа номинирани за Нобеловата награда

Мајка Тереза е единствената добитничка на Нобеловата награда за мир, која потекнува од Македонија, а е родена во Скопје, иако својата хуманитарна мисија ја извршуваше во Индија. Таа ја доби наградата во 1979 година.
Номинирани, пак, за Нобелова награда за мир беа и првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, пејачката Есма Реџепова-Теодосиевска (дури трипати), како и уметникот Живко Попоски-Цветин.
– Во 2009 година, кога јас бев номиниран за Нобеловата награда за мир од Македонскиот центар за култура и развој, имаше 205 кандидати, а добитник беше тогашниот американски претседател, Барак Обама. Иако, според пропозициите, не се објавува листата на кандидати за Нобелова награда, сепак медиумите некако ги откриваат кандидатите и текот на процесот на селекција. Тогаш медиумите објавија дека сум влегол меѓу триесетината кандидати во потесна селекција, која се спроведува во април – објасни Живко Попоски- Цветин, еден од македонските номинирани за Нобеловата награда за мир.