Прво се сретнав со војната, а потоа со школата

1473

Почнувајќи од денешниот, во наредните десет броја, со одобрение на авторот, „Нова Македонија“ ексклузивно ќе ги објавува извадоците од книгата „Луѓе, времиња“, во која долгогодишниот претседател на македонското собрание Стојан Андов ги открива своите впечатоци од средби со историските личности и настани во периодот од Втората светска војна до смртта на доживотниот претседател на некогашната СФРЈ, Јосип Броз-Тито. Од перспектива на младо момче од Кавадарци, студент и новинар во „Нова Македонија“, дипломиран економист и еден од највлијателните македонски политичари, кој своето животно и професионално искуство го стекнува во околности што сѐ уште ѝ се недоволно познати на пошироката јавност, со оваа книга Андов фрла нова светлина врз, како што вели и самиот, луѓето и времињата што се предмет на обработка. Книгата е дел од неговите политички мемоари, а деновиве, по повод неговиот 85-ти роденден, е објавена во издание на „Матица македонска“

Стојан Андов – „Луѓе, времиња“ (1)

На шести април 1941 година германските воени сили на нацистичка Германија од околните земји го нападнаа кралството на Караѓорѓевиќ – Југославија. Веќе на осми април германски авиони „штуки“, што полетале од бугарски аеродроми, го бомбардираа Градско, а таму војник беше татко ми. Тоа многу ја вознемири мајка ми Марија, која тогаш имаше 45 години, а и мене и сестра ми Трајанка, која тогаш имаше 12 години. Утредента, на деветти април, го бомбардираа и Кавадарци и така одеше неколку дена. Подоцна разбравме дека Градско го бомбардирале бидејќи таму имало и војска, но и многу воени магацини, а било на патот по кој евентуално српската војска би требало да се извлече во Грција, па таму да отвори нов Солунски фронт. За истата цел била и една Шумадиска дивизија во Кавадарци. Значи, авионите го бомбардирале Кавадарци поради таа дивизија. Дома тогаш беа само мајките и децата, родителите беа во војска. Веќе на осми април нѐ собраа децата да бегаме од Кавадарци и избегавме околу еден километар од градот, до едно место, едно долче што се викаше Глувчовет. Авионите нѐ надлетуваа, ама изгледа гледаа дека сме само деца и жени и на нас не пукаа, но многу пукаа околу и во Кавадарци. На 10 или 11 април престана бомбардирањето околу 4 часот попладнето, а цел ден росеше и мајките нѐ собраа да си одиме дома. По патот видовме ровови со камења наоколу и двајца војници како лежеа. Мајките ни рекоа дека биле убиени од германските авиони, а војниците биле српски. Кај сите нас завладеа страв што може да им се случи на нашите татковци во Градско, каде што бомбардирањето беше уште поголемо.
Така ја сретнав војната. Потоа дојдоа Германци, ги пуштија нашите татковци да си одат дома оти не биле Срби, а Србите ги заробиле. По нив дојдоа бугарска војска и чиновници. Токму тие денови во Кавадарци завладеа маларија, ме фати и мене. Отпорано имаше маларична станица во Кавадарци и ме однесоа таму, каде што работеше една жена, која се викаше Султана Хаџивасилева, но сите ја викаа Сута. Таа носеше бел фустан и бела капа со црвен крст. Штом ќе ја видевме, ни беше страв. Кај неа нѐ носеа само кога требаше да ни го боцне прстето и да ни ја прегледа крвта за да види дали имаме маларија. Ако имавме, ни даваше таблетки. Тие беа зелени и ситни за голтање, а на вкус на јазикот беа малку слатки. Само требаше веднаш да се голтнат, оти само коричката на апчето беше слатка, а штом таа ќе се излижеше – апчето многу горчеше. Тоа било кинин.

Инаку, послабите и болникави дечиња и стари луѓе умираа од маларијата. Тоа лето 1941-та помина. Дојде крајот на септември и октомври, ние децата уште не бевме заодени на училиште, и нѐ фати маларијата уште еднаш. Дури идниот септември 1942 година, кога веќе полнев седум години, татко ми ме одведе на училиште. Ме запишаа како – Стојан Андонов. Кога татко ми почна да објаснува дека треба да бидам Андов, тие рекоа: „Во Бугарија нема Андов, Андонов или Антов.“
Ние, децата од мојата генерација, немавме среќен почеток во детството. Таа есен во 1942 година, како што рековме, појдовме на училиште во прво одделение, а учител ни беше К’нчев од Бугарија. Тоа беше време на војна, а тој ни зборуваше најмногу за цар Борис Трети, за царското семејство, царицата Јоана, за ќерката Марија Луиза и најмалиот син Симеон Втори, дете што беше две години помало од мене. Во букварот, покрај буквите и други кратки четива, имаше многу слики од царското семејство, а најмногу од престолонаследникот Симеон Втори. Некоја чудна игра на животот ме доведе да се сретнам очи в очи со Симеон Втори, детето од букварот. Многу подоцна, во новиот 21 век, тој стана еден од најистакнатите политичари во нова Бугарија. Но тоа е друга тема. К’нчев многу ни зборуваше и за бугарските херои, за Васил Левски и за Христо Ботев, за Хаџи Димитар и други, но ни зборуваше и за славните бугарски цареви во минатото. Тоа ни беа непознати и неинтересни работи и многу не им обрнувавме внимание, па тој забележуваше дека половината од нас дури и дремат, нас дома нѐ учеа дека наши херои се Крали Марко и Итар Пејо. И кога К’нчев ќе видеше дека повеќе си шепотиме отколку што го слушаме, ќе ја земеше виолината (тој ја викаше цигулка) и ни свиреше интересни мелодии. Тоа свирење ни беа најпријатните моменти и спомени од учителот К’нчев.

Завршивме прво одделение, а во летото 1943 година почина царот Борис Трети. Тогаш, меѓу другото, нѐ собраа во училиштето иако бевме на летен одмор и учителот К’нчев, со тажен глас, ни кажа дека починал царот Борис Трети, голем бугарски цар – обединител.
Во 1943 година, некаде во февруари, веќе апсеа млади луѓе, а девојките што го калапеа тутунот пееја песни. Една од песните, се сеќавам, беше посветена на смртта на хероите Страшо Пинџур и Мирче Ацев. При крајот на мај разбравме дека излегле околу 100 партизани од Тиквешијата, а командант им станал поранешниот учител Никола Минчев. Настаните многу се променија, бугарската војска и полиција апсеа и мажи и жени во Кавадарци. Во Ширец и околните села се чу дека веќе стрелале некои мажи чии синови биле во партизани. Во Кавадарци не се зборуваше за страв, имавме впечаток, тоа беше во 1943 година, дека никој не се плаши, ама теророт траеше по селата од страна на еден бугарски полк. Теророт владееше, ама се множеа и партизаните. Потоа свикнавме на вестите за убиства, апсења, битки.

Дури идниот септември 1942 година, кога веќе полнев седум години, татко ми ме одведе на училиште. Ме запишаа како – Стојан Андонов. Кога татко ми почна да објаснува дека треба да бидам Андов, тие рекоа: „Во Бугарија нема Андов, Андонов или Антов“

Откако наскоро го завршивме училиштето, во јунските жештини, во Ваташа беа стрелани 12 младинци што не беа партизани. Тие настани многу го вознемирија народот, а ние децата ги слушавме старите како со омраза зборуваат за бугарската власт. На седми април 1944 година вечерта, околу 200 бугарски полицајци, а имало и германски војници, комплетно го блокираа градот Кавадарци. Блокадата почна на стемнување. Беше Благовец, па многу од младите шетаа на корзо. Сите ги испоапсија и ги затворија во монополот, а потоа во еден крај од Кавадарци, кај паркот, започнаа пукотници. Се пукаше до утрината следниот ден. Потоа се прошири веста низ градот дека двајца партизани, Киро Крстев од Кавадарци и Димче Мирчев од Велес, биле предадени од некого и откриени, а се криеле во една куќа со поголем двор на крајот на градот, кај паркот. Подоцна се разбра дека и двајцата партизани дошле во Кавадарци тајно за да организираат бегство од градот на стотина нови партизани. Уште при првите пукотници бил убиен Димче Мирчев. Тој, како постар, запалил оган за да ги изгори списоците на младинците што требало да побегнат во партизани. Тогаш окупаторските војници го забележале и го убиле. Киро Крстев останал да се бие сѐ до околу четири часот утрото. Тогаш престанеле пукотниците од бугарска страна, а блиску до паркот има еден дол по кој може да се избега во месноста Калница и да се отиде во партизани.

Вечерта била светла, имало многу голема месечина, па Киро Крстев тогаш решил, во затишјето, да се протне меѓу бугарските заседи, да упадне во долот и да побегне преку долот во Калница. Но, едно време, морал да претрча по сртот на едно ритче и таму бил убиен во четири часот наутро. Го застрелале откако го виделе на месечината. Тогаш престанале пукотниците. И се повлекол голем дел од полицијата. Ние децата отидовме на училиште. До мене во клупата седеше Славчо Крстев, најмалиот брат на Киро Крстев. Славчо живееше со баба си, бидејќи татко му и постариот брат Киро беа партизани, а мајка му, поголемиот брат Атанас и двете негови сестри беа во логор во Бугарија. Од нив никој немаше во Кавадарци кога се случи убиството на Киро. Околу 10 часот, во нашето одделение влегоа двајца цивили, кои изгледа беа од полицијата, побараа од учителката Мирна, така се викаше таа, да покаже кој е Славчо Атанасов Крстев. Славчо сам стана и се пријави. Полицајците го одведоа некаде. По два дена дојде на училиште и пак седна до мене. Беше многу тажен, ми кажа дека го одвеле до убиениот човек и го прашувале дали е тоа брат му Киро, а тој рекол дека не е, иако знаел дека е тој. Тогаш набрзина зовре во Кавадарци. Една голема група партизани, информирана за распоредот на бугарската војска во месноста Оово и месноста Раштани, околу четири километри од Кавадарци, ја нападнала бугарската војска и се водеше цел ден борба, а во Кавадарци се слушаа пукотниците.

Тоа беше почетокот на летото, а на 16 јуни, значи една година по убиството на ваташките младинци, една поголема бугарска единица во селото Стрмашево се судри со партизаните и сите бугарски војници и полицајци, околу 40, беа убиени. Тоа беше одмазда на партизаните за убиството на ваташките младинци. Од тој ден се виде дека отпорот против окупаторот во Тиквешијата „пламна“ и дека бугарската војска не може да опстане на таа територија. Затоа војската се затвори во гарнизоните.
Се сеќавам како дете, дали беше тоа Илинден или Свето Преображение, ама знам дека беше празник, иако сѐ уште беше бугарска власт, од Кавадарци, во големо расположение со песни, пред сѐ „А бре, Македонче, борба те чека“ и пукање со пушки, стотина кавадарчани јавно отидоа во партизани, а по неколку дена потоа речиси сите млади луѓе заминаа партизани, некаде во август. Оттогаш Бугарите не излегоа од гарнизоните, а во градот веќе немаше полиција. Во полициска униформа шеташе само еден Јанко, кој беше полупијан и иако Бугарин, ја пцуеше бугарската власт.

(Утре: „Приправничките денови во ’Нова Македонија’“)