Пратениците в четврток ќе расправаат за разрешувањето на Јанева

31
Фото: Дарко Андоновски

Претседателот на собраниската комисија за избори и именувања Илија Димовски за четврток закажа седница на која ќе се разгледува извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева. Извештајот е со назнака „доверливо“, но Димовски вели дека ќе побара од новиот претседател на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, да го декласифицира документот, бидејќи тој смета дека седницата треба да биде јавна, за да се зголеми довербата на јавноста во Собранието и во правосудниот систем. Сепак, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Димовски вели дека комисијата може и со двотретинско мнозинство да одлучи дали седницата ќе биде јавна или затворена.

Ако комисиската седница биде затворена, на неа ќе можат да присуствуваат само членовите што имаат безбедносен сертификат, но и пратеници што не се членови, а поседуваат валиден сертификат за класифицирани информации. Одлуката на комисијата во однос на постапката на разрешување на Јанева се носи со просто мнозинство. Ако помине извештајот за разрешување на комисијата, потоа на пленарна седница се носи одлука за евентуалното разрешување на специјалната обвинителка. Таа одлука потоа треба да ја потврди Советот на јавни обвинители.

Ако Јанева биде разрешена, специјалното обвинителство останува без обвинител и нефункционално, до изборот на в.д. специјален обвинител, нов специјален обвинител или до изгласувањето на новиот закон за јавно обвинителство, со кој СЈО ќе се интегрира во редовното ОЈО за организиран криминал, кое по ново ќе се вика ОЈО за организиран криминал и висока корупција, па ќе нема потреба ни од вршител на должноста ни од нов специјален обвинител.

Јанева, поради сомневања за злоупотреба на службената положба и овластувањата во случајот „Рекет“, е во притвор од 21 август.