Пратениците бараа одговори за грантовите

84

Според собраниската практика за пратенички прашања, во последниот четврток од месецот, вчера, премиерот Заев и министрите од Владата им одговараа на пратениците.
Зборувајќи за реформите што се преземаат во сите сфери пред почетокот на преговорите со ЕУ во јуни 2019 година, премиерот Зоран Заев на седницата за пратенички прашања го повика Собранието да се одблокира Законот за медиумите и Законот за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ). Тој истакна дека реформите во јавната администрација треба да ја департизираат и да доведат до нејзина поголема професионалност.

Премиерот Зоран Заев на седница на пратенички прашања рече дека не повлекол ниту една кривична пријава од оние што ги поднеле против функционери од поранешната власт додека беше лидер на опозицијата. Повлечени се, рече, само оние за кои во предистражната постапка не биле обезбедени материјални докази. Меѓу таквите е пријавата против поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
На прашањето од пратеникот Сурија Рушиди од Алијанса за Албанците, зошто се толерира универзитет во Струга, кој тој не го именуваше, а го нарече „јавно претпријатие каде што само се доделуваат дипломи“ и каде што се бркаат просветните инспектори, Заев одговори дека Државниот просветен инспекторат постапува по закон и не го интересира, како што рече, каде припаѓа универзитетот – и територијално и сопственички.

На собраниската седница беа поставени прашања поврзани со неодамнешната афера со доделувањето на грантови од Фондот за иновации и технолошки развој на фирми што во сопственичката структура имаат функционери или нивни блиски, од владејачката СДСМ. Премиерот Заев одговори дека и неговите роднини сакале да аплицираат за грантови, но тој не им дозволил.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, појасни дека на повикот од ФИРТ се пријавиле над 300 компании од кои грантови добиле 79 по две селекции од експерти и дека за изборот не одлучувала ниту некоја институција, ниту кабинет, ниту министер.

Соопшти и дека средствата од грантови од ИПА-програмата за конкурентност за следните четири години ќе бидат главно насочени за мали и за средни компании, а за да има рамномерен регионален развој тие ќе бидат само за трите економски најнеразвиени подрачја – полошкиот, североисточниот и југозападниот регион.