Практикување на државната служба за личен интерес

110
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Рибочувари што го пустошат рибниот фонд, шумари што ги соголуваат планините, полицајци што шверцуваат мигранти, обвинители што уценуваат и рекетираат итн. Примери за злоупотреби на функцијата, на службената положба и овластувања има мноштво, а прашањата на кои побаравме одговори е кои се причините, зошто се случува тоа и како да се спречи

Судски одлуки во полза на обвинети, шверц на мигранти од страна на полицајци, сеча на шума со знаење на шумари, лов на риба од страна на рибочувари, градоначалници шверцуваат цигари, се само мал дел од престапите што ги прават службените лица, па јавноста со право се прашува во чиј интерес работат овие служби.
Судиите се посочуваат како „последниот бастион на заробената држава“, а нивните одлуки во минатото, но и во последно време, како што истакнуваат легалистите, одат на контото на ваквата констатација. Се враќаа пасоши на обвинети за тежок криминал, се поништуваа пресуди, застаруваа дела, а последната одлука на Уставниот суд да почне постапка по претставката поднесена околу уставноста на одлуката за повлекување на амнестијата од страна на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, само го зголемува сомнежот околу независноста и непристрасноста на судиите. Токму и СЈО беше формирано да се бори против криминал од висок профил, а самото стана симбол на рекетарско работење откако беше уапсена главната обвинителка Катица Јанева, а другите вработени „несебично“ си делеле бонуси.

Примери што ја потврдуваат констатацијата

Во неколку наврати и полициски службеници беа фатени во обид да прошверцуваат мигранти низ земјава, иако нивната задача е токму да ги спречуваат ваквите постапки. Слични афери имаше и за некои шумари, кои, наместо да ја контролираат нелегалната сеча, замижувале на десетиците камиони што им поминувале буквално покрај носот.
Рибочувари неодамна беа фатени од полицијата како со мрежи ловат риба во недозволено подрачје во Охридско Езеро, а рибари обвинуваат концесионери дека ја злоупотребуваат службената должност и ги принудуваат да ловат повеќе риба од дозволеното, впишувајќи помалку, со што се пустоши рибниот фонд.
Сите овие примери говорат за тоа дека службените лица во земјава повеќе работат за свој личен интерес, отколку што се во служба на државата.
– Летово ми јави локалното население дека ми е исечена шумата од непознати лица. Кога отидов да проверам, видов дека навистина некој целосно ја исекол шумата. Се обратив до шумарите и шумската полиција, тие целата работа ја тераа на шега. Искрено, се сомневам дека постои некаква спрега меѓу дрвокрадците и службите – вели Стојан А. од Велес.
Тој додава дека шумата му се наоѓала во атарот на велешкото село Нежилово и дека еден камион натоварен со дрва треба да помине низ неколку населени места.
– Да поминеш со толкав камион натоварен со дрва низ неколку населени места и никој да не те запре и да ти побара документација за дрвата е навистина симптоматично – нагласува Стојан.
Обвинуваат и рибарите, велат дека службите што треба да ги штитат езерата од рибокрадци, сами ја пустошат рибата.
– Еве, сега има забрана за лов на пастрмка и белвица во Охридско Езеро, а рибари вработени кај концесионерот ловат со мрежи и покрај забраната – тврди рибар од струшко Радожда.
И полицијата во неколку наврати фати свои колеги, кои сакајќи нелегално да заработат, шверцувале мигранти низ земјава.
– Ако некои полицајци се фатени во криминал, како да им веруваме дека токму тие ќе се борат против криминалот – прашува Слободан Јанев од Скопје.
Примери за злоупотреби има во здравството, во образованието, во спортот, во градежништвото, во културата, буквално во секоја сфера на општественото живеење.
Според професорот Јове Кекеновски, ваквите состојби се резултат на нефункционирање на институциите на системот.

Како до функционална држава и систем

– Доведени сме во ситуација на анархија, каде што во буквална смисла не функционираат институциите на системот во целост, каде што вработените го минуваат денот само за да земат плата и дополнително, ако е можно, по која било основа да ја злоупотребат својата функција и да го зголемат своето финансиско конто. Тоа е резултат на крајна деградација на системот, кој веќе е нарушен, но крајно прашање е кога ќе доживее целосен колапс – смета Кекеновски.
Тој додава дека ова се потврдува и со „недопустливоста на водење дневна политика“ од страна на највисоките инстанци, почнувајќи од Уставниот суд, обвинителството, судството, полицијата. Отсуството на образованост, на знаење, на одговорност кон граѓаните, отсуството на лојалност кон националните и локалните институции, но и игнорирањето на моралните и етичките вредности на кои се темели една здрава држава и демократија, нѐ доведоа до постепено но перманентно системско распаѓање. Но, како што сликовито вели еден соговорник, академик, „од хумусот изникнува нов и посилен живот“. А што дотогаш?
Професорот Цуцуловски вели дека нашата држава „има право (барем еднаш!) да се гради стандардно, наместо нестандардно, односно како кому ќе му текне“…
Професорот Кекеновски како соговорник сѐ уште не е претерано оптимистичен и вели дека засега низ сите години не видел таква политичка сила, таков политички авторитет што би можел најпрво да ја подобри, а потоа и да ја врати ситуацијата во нормала. Тој најодговорно тврди дека генерирањето на арамилакот потекнува од политичари поединци, па и политички елити (групи).
– Ако тие со сите привилегии и бенефиции крадат и не водат сметка за државата, што очекувате од некој во администрацијата или во кое било друго ниво да не го направи тоа. Особено ако знае дека лесно може да помине неказнет со оглед на корумпираноста на судството и обвинителството, со оглед на политичките врски и полтронството што ги имаат кај одредени политички лидери – вели професорот Јове Кекеновски.
Сепак, останува да видиме кому во иднина граѓаните ќе му ја дадат довербата и дали токму избирачите ќе изберат свои претставници во главните институции, каде што избраните ќе му дадат приоритет на колективниот, поширок интерес, или личниот повторно ќе го стават во прв план?

Фото: Игор Бансколиев