Празниците ја прекројуваат претседателската кампања

876
Фото: Игор Бансколиев

Во пресрет на вториот круг од изборите, закажан за 5 мај, партиите најавија засилена активност за мобилизирање на гласачкото тело. Дали празниците ќе влијаат на кампањата на претседателските кандидати?

Како претстојните велигденски и веднаш потоа и првомајски празници ќе се одразат врз кампањата на претседателските кандидати поддржани од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска-Давкова.
По првиот круг од изборите, кој се одржа во неделата, на 21 април, двајцата во вториот круг влегуваат со еднакви шанси за победа, па за таа цел имаат намера за време на претстојната кампања, во пресрет на вториот круг, кој треба да се одржи на 5 мај, да мобилизираат што повеќе луѓе што би го дале гласот за нив. И двајцата кандидати по првиот круг рекоа дека го слушнале народот, но сега ќе мора и да го убедат дека не само што го слушнале туку и го разбрале и дека ќе работат во интерес токму на тој народ и државата на која треба да ѝ служат.

Но се чини дека овој пат ќе имаат исклучително тешка задача да го направат тоа, најмногу и поради скратеното време за кампања. Токму поради празниците во следниот период има неколку неработни дена, и тоа петок – 26 април, понеделник – 29 април, па потоа среда – 1 мај, а се размислува и дали 2 мај да се прогласи за неработен. При ваков згуснат распоред на неработни денови, реално постои можност граѓаните да ги спојат празниците и да отпатуваат некаде, што индиректно може да се одрази и врз кампањата и ефектите од неа.

Од друга страна, во пресрет на најголемиот христијански празник Велигден, в недела, претходат Величетврток и Велипеток, кои за верниците се исклучително важни, па поради тоа не се исклучува можноста деновите пред и по Велигден воопшто да не се занимаваат со политика, туку времето да го минуваат во кругот на своето семејство и во црковните храмови.

Во одредени црковни и верски кругови дури има и отворени препораки овој период околу Велигден да не се користи за митингување.

Веднаш потоа следува и празникот 1 Мај, кој традиционално се користи за семејни излети, а со оглед и на некои искуства од минатото, голема е веројатноста голем дел луѓе да го доискористат и стариот дел од годишните одмори и празниците продолжено да ги поминат во домашните или странските туристички центри.

Свесни за таквата ситуација, партиите најавуваат дека ќе ја приспособат кампањата на празничниот распоред.

– Планираме малку поинаква кампања во периодот што следува, бидејќи претстојат големи христијански празници. Тие денови нема да има големи политички активности, како ниту големи митинзи, туку ќе се оди на директни средби со граѓаните – вели Горан Момировски, шеф на изборниот штаб на кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова.

Според него, во изминатиот период добиле над 200 барања за средба со Сиљановска-Давкова и дека во следните денови ќе се потрудат да одговорат на тие барања.

– Добивме многу барања од различни категории граѓани што сакаат директна средба со нашата кандидатка за претседател на државата и планираме во следниот период да одиме на сите места од каде што се пристигнати барањата и да се сретнеме со различни категории граѓани, од текстилни работнички, здруженија на пензионери, социјални случаи и слично – појаснува Момировски.

Тој додава дека е планирано и медиумско претставување на нивната кандидатка, притоа најавувајќи дека се договорени пет дебати во различни медиуми.

Владејачката СДСМ ја продолжи кампањата на ист начин како и пред првиот круг од гласањето, преку граѓански трибини и средби со граѓани.

Шефот на изборниот штаб на Стево Пендаровски, Александар Кирацовски, вчера остана недостапен за коментар во врска со тоа како тие планираат да ја организираат кампањата во време кога претстојат празници и се очекува граѓаните да не бидат толку фокусирани на политичките случувања.

– Во вториот круг сите заедно ќе се потрудиме да се повтори и да се зголеми одзивот од првиот круг – најави Кирацовски по завршувањето на првиот круг на изборите.
Но, според неофицијални извори од СДСМ, било договорено со ВМРО-ДПМНЕ во периодот на верските празници да нема политички активности.

Фото: Дарко Андоновски

[email protected]