Правото и принципот на самоопределување условувани за членство во ЕУ?!

576
Фото: Игор Бансколиев

Со наближување на денот за одржување на првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, јасно и очекувано беше дека ќе се засилува заканувачката реторика на Бугарија во однос на старите прашања што речиси постојано ги обременуваат македонско-бугарските односи. Но македонската страна од мешаната историско-образовна комисија не смее да дозволи политичките притисоци да влијаат врз работата и постигнувањето договор врз основа на научни вистини и аргументи. Сепак тоа е научна, а не политичка комисија и прашањето т.е. правото на самоопределување не смее да се наметнува како услов за членство во ЕУ, вели Марко Трошановски, директор на институтот за демократија „Сосиетас цивилис“ во Скопје

Перемпторната сеобврзна норма на меѓународното право по вторпат во наш случај е пред прекршување

Развојот на македонско-бугарските односи по испраќањето на објаснувачкиот меморандум на Бугарија до земјите-членки на ЕУ, во кој се наведени нејзините анахрони, недемократски и спротивни на меѓународното право позиции во однос на македонската нација, јазик и историја, имаше речиси секојдневна динамика преку изјави на политичари, научници и интелектуалци од двете страни на границата. Таквите изјави почесто беа во насока на продлабочувањето на јазот на различните гледишта на проблемот, иако македонската (па и европската) официјална политика сметаше дека таквите недоразбирања ќе се надминат во директна комуникација, запоставена во последнава година поради изборите во Македонија, но и поради пандемијата на ковид-19.
При неодамнешната официјална посета на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи на Софија, таквите евентуални политички илузии за „недостиг од комуникација“ биле отворено разбиени од неговата бугарска колешка Екатерина Захариева, која јасно ги повторила ултиматумите од бугарскиот меморандум, а бугарскиот премиер Борисов побарал сите различни (историски) гледишта да бидат „нивелирани“ (според бугарски терк) до 10 ноември.
По таквиот отворено уценувачки тон на средбите во Софија на македонскиот министер за надворешни работи, дури и вообичаено оптимистичниот по ова прашање македонски премиер Зоран Заев оцени дека она што го понудила бугарската шефица на дипломатијата не е ниту добрососедски ниту братски, па упати порака до македонскиот народ дека треба да се подготви дека можеби нема да ги почнеме во декември преговорите за членство во ЕУ. Дополнително разочарувачки тон имаше и изјавата на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој кажа дека „ако ЕУ дозволи македонскиот јазик да биде пречка, тогаш не заслужува да се вика европска“. Притоа додаде и дека оние што сакаат да го доживуваат македонскиот народ како пријателски, треба да прифатат дека сме Македонци што зборуваат на македонски јазик.

Целата оваа (не)дипломатска комуникација се случува во пресрет на состанокот на мешаната македонско-бугарска историско-образовна комисија на 15 и 16 октомври, по речиси едногодишна пауза во работата. Оваа комисија, формирана како обврска од Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија од 2017 година, бугарската политика најчесто ја користи како инструмент за уцени и исполнување на своите историски аспирации поврзани со македонското прашање, преку условување со својата поддршка за македонските евроинтеграции. Комисијата, формално составена претежно од научници историчари, треба да усогласи заедничко чествување личности и настани од историјата и да ја усогласи содржината на историските учебници во образованието, но уште од почетокот на работата бугарската страна го наметнува ставот дека треба да се прифати исклучиво нејзиното гледиште дека заедничката историја е всушност бугарска, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Таквата позиција е исклучително агресивно нагласена по објаснувачкиот меморандум испратен до членките на ЕУ пред еден месец.
– Актуелниот развој на настаните во македонско-бугарските односи во последниов месец, а особено по посетата на македонскиот министер за надворешни работи Османи на Софија, има три поенти. Со наближување на денот за одржување на првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, јасно и очекувано беше дека ќе се засилува заканувачката реторика на Бугарија во однос на старите прашања што речиси постојано ги обременуваат македонско-бугарските односи. Политичарите во Бугарија очигледно сметаат дека така ја засилуваат до максимизирање својата преговарачка позиција, поставувајќи ја работата на историската комисија како услов за македонското членство во ЕУ.

Но македонската страна од мешаната историско-образовна комисија не смее да дозволи политичките притисоци да влијаат врз работата и постигнувањето договор врз основа на научни аргументи. Сепак тоа е научна, а не политичка комисија и прашењето т.е. правото на самоопределување не смее да се наметнува како услов за членство во ЕУ – вели Марко Трошановски, директор на институтот за демократија „Сосиетас цивилис“ во Скопје.
Трошановски смета дека покрај заканувачката реторика на бугарските политичари, и во Бугарија се свесни дека блокирањето на првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, односно блокирањето на почетокот на преговорите за членство во ЕУ ќе биде нивна катастрофална грешка. Таквиот чекор ќе ја претвори Бугарија од досегашен најголем поддржувач на македонските евроинтеграции во нејзин најголем блокатор, што нема да биде со симпатии прифатено во ЕУ. Манифестирањето уцени спрема Македонија наедно претставува и опструкција на геополитичката стратегија на самата Европска комисија, која е насочена кон проширувањето и консолидирањето на Западен Балкан во ЕУ. Како своевиден сигнал за неприфаќањето на бугарските позиции од страна на ЕУ, Трошановски ја оценува и резолуцијата на Советот на Европа за Бугарија да пристапи кон спроведување на пресудите од Европскиот суд за човекови права и да овозможи регистрација на македонските здруженија, но и политички парии на Македонците во својата држава.

– Мислам дека Бугарија се надева да ја уцени и изнуди Македонија да направи фатални и непоправливи отстапки преку заканата со блокада. Проблемот за Бугарија е што таа не е Грција, и Европа не гледа со добро око кон апсурдните, во секоја смисла, претензии на Софија. Тоа веќе беше јасно испорачано и внимателното подигање на прашањето за македонското малцинство во Бугарија е јасно предупредување кон Софија да се повлече. Тоа е Ахиловата петица на Бугарија. Сѐ што треба е македонската влада да не попушти и тоа ќе се покаже на крајот како празен блеф на Софија. За жал, го прави македонското малцинство заложник на геополитиката. Но, во секој случај, поставувањето на прашањето за нас е позитивно – вели Стојко Стојков, копретседател на партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден-Пирин.

Како простор за отстапка од манифестираните тврди позиции во однос на Македонија на политиката на актуелниот бугарски премиер Бојко Борисов, македонскиот познавач на европските политики Марко Трошановски гледа во позицијата на сѐ поголема видливост на гледиштата на разумност во односите со Македонија од група бугарски интелектуалци во бугарското општество.
– Несомнено дека во Бугарија има интелектуалци од сите области што нормално размислуваат и кои се свесни каде денешната бугарска политика ја води самата Бугарија, бидејќи во суштина таа е само продолжение на позициите и политиките од времето на Тодор Живков, која е сосема различна од политиката на Георги Димитров, еден од легендите на антифашистичкиот отпор, Сепак, сметам дека бугарските интелектуалци можат да влијаат врз бугарската политика, колку што македонските интелектуалци можат да влијаат врз македонската. Едноставно, политиката се поставува врз науката, односно науката станува слугинка на политиката. Живееме во ситуација слична на онаа од средновековието, кога филозофијата беше ставена во служба на теологијата, т.е. беше „антила теологиае“ (слугинка на теологијата). Не гледам дека интелектуалната елита може да ги промени позициите на политиката.

Во секој случај, за поздравување е реакцијата на бугарските интелектуалци за односот на бугарската политика спрема македонското прашање. Во однос, пак, на работата на македонско-бугарската историска комисија, не гледам никаква смисла таа да продолжи да работи. Дали некој постои или не постои, не може да биде предмет на дискусија, вклучувајќи го и јазикот – вели универзитетскиот професор по филозофија Љубомир Цуцуловски.