По тужбата на Фрчкоски, судот ја забрани книгата на Андов

309

Станува збор за книгата чии најинтересни извадоци „Нова Македонија“ ги објави во десет продолженија, во текот на ноември и декември минатата година, a за која судот оценил дека имплицира вмешаност на поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски во атентатот на тогашниот претседател Киро Глигоров

Основниот суд Скопје 2 донесе одлука за привремена мерка забрана за продажба на книгата на Стојан Андов „До атентатот и по него“, по тужбата на Љубомир Фрчкоски за повреда на неговите лични права, односно за наводна клевета во врска со атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров. Станува збор за книгата чии најинтересни извадоци „Нова Македонија“ ги објави во десет продолженија, во текот на ноември и декември минатата година.
Инаку, судот донел решение дека во книгата се имплицира вмешаност на поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски во атентатот на Киро Глигоров, поради повреда на личните права на тужителот.

Авторот на книгата, кој е и поранешен претседател на Собранието, Стојан Андов, во изјава за медиумите вели дека ова претставува преседан и е првпат суд да налага забрана за продажба на книга.

– Ова е преседан, неочекуван преседан, не зборува добро за состојбите и за атмосферата во земјата. Досега не се случило судот да забрани книга. Досега не сум помислил дека може да се случи вакво нешто – рече Андов.
Андов истакна оти ќе поднесе жалба доколку има материјални последици по ова решение.

И директорот на „Матица македонска“, Дејан Павлески, кој е издавач на книгата, е изненаден од забраната, но вели дека ќе ја почитуваат одлуката на судот. Во меѓувреме, како што неофицијално дознаваме, сите досега отпечатени 500 примероци на книгата биле продадени уште пред нешто повеќе од еден месец. Судскоto рочиште за спорот е закажано за 27 мај. П.Р.