По повеќе од 20 години МПЦ повторно ќе вари свето миро

416
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Автокефалната црква мора сама да вари свето миро. Ако мирото не се вари во седиштето на соодветната право­славна црква, тоа значи намалена автокефа­лност. Прашањето за мирото е и прашање што произлегува од напорите за добивање суштинска автокефалност. Варењето на светото миро е симбол на самостојност и независност на Македонската православна црква. Ова ќе биде четврти пат во историјата на МПЦ да се вари свето миро, кое се користи за извршување на светите тајни во црквата. Последен пат таков чин бил правен во времето на архиепископот Михаил, пред повеќе од 20 години

По повеќе од 20 години

Коронавирусот бил причина за одложување на еден од најзначајните настани во животот на црквата, кој се случува многу ретко, и тоа секогаш само на Величетврток пред Велигден. Македонската православна црква-Охридска архиепископија на 6 февруари годинава донела одлука за варење свето миро, чин што требало да се случи за Велигден оваа година, но поради состојбата со коронавирусот подготовката е одложена за идната година на Величетврток. Ова ќе биде четврти пат во историјата на МПЦ да се вари свето миро, кое се користи за извршување на светите тајни во црквата. Последен пат таков чин бил правен во времето на архиепископот Михаил, пред повеќе од 20 години.
Варењето свето миро се смета за еден од суштинските чинови на една црква, а тоа е основата за извршување на светите тајни крштение и миропомазание. Првото свето миро во 1967 година, по прогласувањето на автокефалноста, МПЦ го има добиено од Бугарската црква, а во историјата има добивано свето миро и од Романската црква, пред сѐ поради блиските релации што ги има со неа.

За ова сега последно варење на светото миро, Синодот на МПЦ ги задолжил владиците Петар и Тимотеј и бившиот митрополит Јосиф.
Она што е интересно во сето ова е моментот што сега е избран за негово правење. Од МПЦ велат дека се при крај со резервите на свето миро и тоа е главната причина, а не преговорите со Вселенската патријаршија, која најверојатно ако дојде до признавање на автокефалноста на МПЦ ќе инсистира на древните канонски практики за заедничко учество во варењето на светото миро.
Владиката Тимотеј, одговорен за дебарско-кичевската епархија, а наедно и портпарол на Синодот на МПЦ, вели дека приготвувањето на светото миро оваа година било одложено поради состојбата со ковид-19 во земјава.
– Мирото се прави секогаш на Величетврток, пред Велигден. Оваа година се одложи, зашто во тој период во државата имаше вонредна состојба и беше забрането групирање луѓе. Ќе видиме до идната година каква ќе биде состојбата – посочува г. Тимотеј.

Тој негира дека правењето на светото миро токму во овој период е поврзано со преговорите со Вселенската патријаршија за признавање на МПЦ како автокефална црква.
– Миро се прави зашто се употребува и се троши и ни е потребно. Досега во нашата црква миро е правено три или четири пати, а последен пат во времето на архиепископот Михаил – додава владиката.
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека варењето свето миро е знак за зрелоста и самостојноста на една православна црква, а МПЦ-ОА и во претходните пригоди го демонстрирала тоа применувајќи ги сите предвидени процедури.
– Во практиката на православните цркви имаме и случаи кога одредени самостојни цркви добиваат свето миро од други цркви, што не треба да се проблематизира, бидејќи тоа е резултат на одредени околности и фази на нејзиното добивање на сите атрибути на автокефалноста. Поврзано со ова, може да се јават одредени спорења дали православната црква што добива миро од друга црква е целосно автокефална или не, но автокефалноста не се манифестира само со тоа. Но и за тоа се постигнува договор меѓу две цркви, во смисла колку долго ќе се презема свето миро од друга црква, бидејќи идеалот е самата православна црква да си го вари своето свето миро – коментира Ѓорѓевски.
Според него, моментот во кој се прави тоа е соодветен, со оглед на тоа што МПЦ е во исчекување на одлуката на Вселенската патријаршија по нејзиното барање за автокефалност.

– Убеден сум дека одлуката на Вселенската патријаршија ќе биде позитивна и дека таа ќе го опфати и признавањето на нашето свето миро како неспорно за употреба во службите – посочува аналитичарот.
Во врска со светото миро, во православието има различни искуства. Некои високи црковни православни достоинственици сметаат дека автокефалната црква мора сама да вари свето миро и велат дека ако мирото не се вари во седиштето на соодветната православна црква, тоа значи намалена автокефалност. Од друга страна, други високи црковни достоинственици тврдат дека во православието имало и различна практика од споменатата.
Инаку, приготвувањето на светото миро означува дека една црква е автокефална, а само автокефалните цркви имаат право да прават свое миро.

[email protected]