Почнува пленарната расправа по дополнетиот предлог-буџет

61
Фото: Игор Бансколиев

Расправата по дополнетиот предлог-буџет за 2020 година кој ги содржи 12-те прифатени амандмани во текот на расправата во Комисијата за финансирање и буџет, а во фокусот се инвестиции во човечкиот капитал почнува од денеска на пленарна седница во Собранието. Расправата по буџетот согласно деловникот треба да трае најмногу пет работни дена.

Во предлог-буџетот за 2020 година проектирани се приходи на 222 милијарди и 300 милиони денари (три милијарди и 615 милиони евра), што претставува раст од 5,6 отсто споредено со оваа година. Кај расходната страна, планиран е раст од пет отсто во однос на минатата година, со што вкупните расходи изнесуваат 239 милијарди и 700 милиони денари, односно три милијарди 898 милиони евра.

Буџетскиот дефицит за 2020 година е предвиден на ниво од 2,3 отсто од БДП. Тоа е пониско од нивото од минатата година кога изнесуваше 2,5 проценти, согласно со Фискалната стратегија 2020-2022, како и препораките на меѓународните организации. Дефицитот е намален и во апсолутно ниво за 160 милиони денари, и изнесува 17 милијарди и 385 милиони денари.

Капиталните инвестиции се проектирани на ниво од 23 милијарди денари, а 56 отсто од вкупните буџетски расходи ќе одат во области врз кои се потпира човечкиот капитал.

Проекциите во буџетот се правени врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 отсто од БДП, кој се базира на растот на приватната потрошувачка, извозот и јавните и приватните инвестиции.

Во фокусот на буџетот за наредната година е човечкиот капитал, односно подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор.