Почнува операцијата придобивање нови гласачи

259

Тесната разлика во гласовите што ги добија двата противкандидата Стево Пендаровски на СДСМ и Гордана Сиљановска-Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ во трката за нов шеф на државата, пред вториот изборен круг ги насочуваат и двајцата кандидати кон потрага и придобивање нови гласачи.

Во тој контекст, во говорите на претседателските кандидати изнесени во јавноста, е забележливо дека тие ќе работат повеќе за да придобијат глас повеќе на своето конто, како кај албанскиот електорат така и во насока да ги придобијат симпатиите кај неопределените, движењето „Бојкотирам“, Шарената револуција и другите граѓански организации. Во трката за претседателскиот мандат кандидатот на власта Стево Пендаровски во еден од своите говори ги побара гласовите на Албанците. „Гласајте за мене со цел државата да не тргне по друга насока“, беше неговата порака, еден ден по првиот круг од претседателските избори. Од друга страна, неговата противкандидатка Сиљановска-Дафкова во гостување на телевизиски дневник рече дека апстиненцијата е недозволива за вториот круг на изборите. Таа посочува дека има намера да разговара со приврзаниците на „Бојкотирам“ да излезат на гласање и да ѝ дадат поддршка во вториот круг од претседателските избори, кој е закажан за мај.

– Ќе ги повикам повторно и разочараните од СДСМ, оние од Шарената револуција што можеби не се за ВМРО-ДПМНЕ, ама ова се претседателски избори, јас сум Гордана Сиљановска-Давкова, зад себе немам никаков политички багаж и мислам дека можам да бидам новина во политичкиот живот- истакнува Сиљановска-Давкова.

Во контекст на ваквите отворени јавни повици на кандидатите за придобивање што повеќе гласови, нашиот весник побара мислење од различните табори на организации и движења што беа прозвани од кандидатите дека ќе ги бараат нивните симпатии.
Пред вториот круг ги запрашавме кои ќе бидат нивните активности во наредниот период, но и како го согледуваат фактот што двата политички кандидата сметаат на нивната поддршка во гласови за две недели.

Еве како размислува актуелниот пратеник во Собранието Павле Богоевски и активист на Шарената револуција.

– Најпрво сакам да истакнам дека Шарената револуција не е расформирана како што некои сакаат да посочат, бидејќи таа всушност не беше формална организација, туку движење што зад себе има своја идеологија. Разбирливо и легитимно е што секој од претседателските кандидати што влегоа во вториот круг бара поддршка од различни групи граѓани, организации и движења. Она што не е сосема јасно е како Гордана Сиљановска очекува поддршка од Шарената револуција за вториот круг, а во исто време коментира јавно дека ќе комуницира со движењето „Бојкотирам“ и ќе настојува да ги придобие и нивните симпатии. Како може да ги сплоти двата различни типа луѓе што се залагаат за тотално спротивни вредности и да ги повика да гласаат за неа – прашува Богоевски.

Според него, не е за верување дека сегашната ВМРО-ДПМНЕ е способна партија земјава да ја изнесе на вистинскиот пат доколку сегашните нејзини челници не се оградат од политиките на своите претходници, кои со години ја уназадуваа државава.
– На крајот од денот, сосема е јасно и разбирливо дека има разочарани граѓани, но и активисти на Шарената револуција, од состојбата во државата поради фактот дека малкумина ефективно одговараат (со издржување казна затвор) за сторените злодела во минатото и бавниот напредок на некој од случаите – објаснува Богоевски.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Александар Пандов, кој во минатото ги застапуваше и тезите на движењето „Бојкотирам“, смета резултатот од првиот круг од изборите јасно укажува која е пораката до власта. Според него, сѐ уште е рано да се каже следното дејствување во наредниот период, но смета дека е за поздравување потегот на Сиљановска, тоа што таа најави дека ќе разговара со претставниците на „Бојкотирам“, сѐ со цел да изградат нов став за следниот изборен циклус.

– Моментот на 4.500 илјади гласа разлика реално е предизвикувачки. Има голема опасност Заев да ги злоупотреби сите механизми на власта со полнење кутии и да го смени овој резултат. Тоа е така бидејќи не гледам како ќе ги добие оние 100.000 гласа за кои зборува. Јас, со сигурност знам, допрва ќе го дефинирам моето дејствување во наредните неколку дена откако ќе ги слушнам аргументите на Сиљановска како да се сменат во добитна комбинација на претстојното гласање – додава Пандов.

Во меѓувреме, со свое соопштение до јавноста излегоа и членовите на движењето „Тврдокорни“. Тие велат дека политичарите треба да се преслушаат, бидејќи бројките од овие избори, но и оние од референдумот, се пораки од народот што власта и опозицијата треба да ги слушнат.

– Продолжуваме со бојкотот. Македонскиот народ сам против сите, сѐ додека не биде исполнета насушната правда а таа е Македонија на Македонците – се наведува во последното соопштение на „Тврдокорните“.

[email protected]