Почитување на безбедносниот протокол – основен услов за успешни избори

64
Фото: Игор Бансколиев

Иако веќе е подготвен протоколот за денот на изборите, со јасно пропишани правила, во широка анкета на нашиот весник, спроведена во првата седмица на кампањата меѓу граѓаните од повеќе градови, впечаток е дека протоколите не се доволно познати. Здравствените експерти посочуваат да се обрне посебно внимание на неколку работи што се однесуваат на лична заштита на граѓаните што ќе излезат на гласачките места низ државата

ЗДРАВСТВЕНИТЕ ЕКСПЕРТИ СО СИЛНИ ПРЕПОРАКИ

На 15 јули во Македонија ќе се одржат парламентарни избори, на кои, според аналитичарите, поради стравот на граѓаните од ковид-19, ќе има колебања поврзани со излегувањето на гласање и сѐ уште недоволно обелоденетите безбедносни процедури, што може да има директна рефлексија на степенот на легитимирање на резултатите од изборите. Иако веќе е подготвен протоколот за денот на изборите, со јасно пропишани правила, здравствените експерти посочуваат да се внимава на неколку работи што се однесуваат на лична заштита на граѓаните што ќе излезат на гласачките места низ државата. Микробиологот, проф. д-р Никола Пановски вели дека секој граѓанин мора да носи маска, како што и вообичаено се носи во други пригоди откако трае пандемијата. Освен тоа, вели дека не би требало да си носат свои пенкала, туку дека пенкалата за гласање би требало да ги обезбеди Државната изборна комисија (ДИК).

– Луѓето и онака треба да носат заштитна маска каде и да влезат, така што и на гласање треба да си носат, бидејќи избирачките места се во затворен простор. Пенкалата треба да ги обезбеди ДИК. Инаку, со самото дезинфицирање на рацете не може да се пренесе што било на пенкалото. Следниот гласач зад параванот е безбеден. Освен тоа, за поголема заштита, пенкалото може и на секој десетти гласач да се дезинфицира. Не мора да се носат заштитни ракавици, освен оние што имаат рани на рацете, поради што ќе не може да си ги дезинфицираат со алкохол, па наместо директно на рацете, ќе ги дезинфицираат ракавиците – вели микробиологот Пановски.
Оваа година поради познатите околности, граѓаните ќе се колебаат за излегување на гласање, но надлежните од ДИК, а и партиите, еднодушно треба да ги уверат граѓаните дека навистина се грижат за нивната здравствена сигурност.

– Одзивот на изборите ќе зависи годинава од повеќе фактори: прво од пандемијата, бидејќи некои граѓани, особено оние што се во ризични категории, се плашат и нема да бидат спокојни да излезат на гласање. Второ, изборите се закажани во необичен датум за таа намена, среде лето, а тоа дополнително ќе влијае врз одзивот, бидејќи нема сите граѓани да бидат во своите домови, и покрај тоа што сите општествени и политички чинители и важни актери ќе се вклучат во активна кампања за излегување на избори. Цензус не е потребен за парламентарни избори, но колку е поголем одзивот, толку е полегитимна Владата – смета политичкиот аналитичар Сефер Селими.

Друг проблем, според него, е тоа што нашиот изборен модел ги фаворизира големите партии и коалиции, па одзивот исклучително ќе влијае врз тоа колку малите партиите ќе успеат да влезат во Собранието.
– Во албанскиот дел на граѓаните, има сѐ помалку одзив на избори. Тоа покажува дека нивната доверба во политичарите е намалена – додава Селими.