Потписниците на Преспанскиот договор на отстрел

846
Фото: Маја Јаневска-Илиева

ПОЛИТИЧКА КОИНЦИДЕНЦИЈА ИЛИ ОСМИСЛЕНА СИМУЛАЦИЈА

Некако истовремено и двајцата потписници на Преспанскиот догoвор за краток временски период се најдоа во вкрстен оган и на отстрел во своите земји. Најпрвин, сега веќе поранешниот министер за надворешни работи на Грција, беше осомничен за користење тајни фондови и странско влијание во врска со спорот со Македонија, за потоа „Викиликс“ да објави доверливи документи во кои се посочува македонскиот шеф на дипломатијата, Никола Димитров, како соработник на ЦИА, повторно поврзано со спорот за името со Грција. Која е заднината на ваквите случувања, дали станува збор за коинциденција, политичко фингирање или за добро осмислена
операција на познати центри на моќ?

И додека владите во Скопје и во Атина пред новата година бројат пратенички гласови за поддршка за спогодбата од Мала Преспа, двајцата потписници на спогодбата, а имено македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров и поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас, станаа предмет на медиумски отстрел во јавноста во двете земји. Во медиумите одеднаш изникнаа „тајни, строго доверливи информации“ со кои без двоумење се сака да се постигне одредена цел во целиот процес преку дискредитација на двајцата битни протагонисти на спогодбата од Преспа. Има ли воопшто вистина во ваквите информации, кои се лансирани во многу чувствителен период во процесот или мотивите се да се нанесе што поголема штета заради интерес, кој секако не се поклопува со нашиот национален. Дали токму со тоа се препознава уште една битка на крупни геостратегиски центри на моќ? Зошто? Бидејќи нема никаква логика главните двајца протагонисти на спогодбата од Преспа бидат номинирани за Нобелова награда за мир, а другите двајца да бидат „на нишанот на политичкиот снајпер“.

Деновиве политичката атмосфера дополнително се вжештуваше откако првиот човек на македонската дипломатија ја очекува интерпелацијата поднесена од опозицијата во Собранието. Уште повеќе, мајсторите на спинот дополнително долеаја масло на огинот со лиферувањето на информацијата за тајните документи објавени неодамна од страна на „Викиликс“ дека Димитров е заштитен извор на информации на САД околу името?! Слична судбина, но со поинаков крај неодамна го снајде и вториот потписник на спогодбата од Мала Преспа грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, каде што тој поднесе оставка, еден ден откако во владиниот кабинет на Алексис Ципрас имал тензичен состанок со министерот за одбрана Панос Каменос во кој беше обвинет дека тој лошо ги управува тајните фондови на грчкото МНР наменети за името и дека е човек на американскиот милијардер Џорџ Сорос.

Во таквата констелација на односите, каде што од една страна доаѓа „ветерот во едра“ со номинацијата за Нобеловата награда, а од друга страна „сцили и харидби“ за актуелните движења на југот од Балканот, неминовно се наметнува прашањето за политичките аналитичари и познавачи на состојбите – од каде дува ветерот.
Иако тие се убедени дека нема докрај на му наштетат на процесот меѓу Атина и Скопје, посочуваат дека треба внимателно да се разгледа и проанализира кој е налогодавачот на истите тие и каква е целта нивна. Професорот по меѓународно право во пензија Лазар Лазаров не верува дека има некаква директна заднина или вмешаност на големите центри на моќ. Лазаров тоа го говори поаѓајќи од фактот дека, според него, не постојат цврсти докази, кои би можеле да ја поткрепат ваквата теза. Тој тврди дека многу повеќе индиции има дека тоа се генерира од политичките опозиции во земјите, отколку во глобалните кујни.

– Веројатно се работи за смислено сценарио кај опозициите во двете земји, кои посакуваат да ги разобличат и деградираат министрите, кои успеаја да го направат реалност Преспанскиот договор, посебно што нивните премиери Заев и Ципрас сега се предложени за Нобеловата награда за мир. Не навлегувам во разузнавачките наоди, кои беа објавени на „Викиликс“, но можам да кажам дека го ценам Преспанскиот договор бидејќи со него се докажа како се решаваа отворено прашање меѓу две земји на Балканот – вели Лазаров. Професорот додава дека критиките на Каменос околу тајните фондови на Коѕијас се неосновани односно тие произлегуваат како резултат на уцената на Каменос кон Ципрас за неговите шест пратеници, кои треба да гласаат во грчкиот парламент за спогодбата околу името.

– Повеќе од јасно е дека Ципрас мораше да го жртвува Коѕијас, но не е и ништо подлабоко од тоа. Понекогаш и еден пратеник многу значи, а не поради некои задни интриги или влијанија на центри на моќ. Мораше да се жртвува за доброто на договорот. Подобро е Македонија да ја има Грција за пријател и обратно отколку да се создаваат непријатели – заклучува Лазаров.
Од друга страна, поранешниот дипломат Ристо Никовски вели дека не треба да има дилеми дека конците за името се влечат некаде надвор од просторите на Македонија и Грција.

– Не треба да има никакви дилеми дека конците за сѐ што се случува особено во Македонија ама и во регионот се влечат однадвор. Дали во тоа се вмешани и повлекувањето на Коѕијас и нападите на Димитров тешко е да се каже. Обвинувањата во Грција беа конкретни и неоспорни. Ова што го пишува во телеграмите објавени во „Викиликс“ исто изгледа многу веројатно. Факт е дека и во двете земји во Преспанскиот договор се случуваат тешки бури и, да бидеме искрени, и кај нас и кај нив има причина за тоа. Додека кај нив се работи за тешки историски синдроми, кои не се надвладуваат лесно кај нас прашањето е да се биде или не и тоа што се случува, за жал, не соодветствува со трагедијата со што сме соочени – заклучува Никовски.

Засега нашиот министер по објавата на тајните документи од страна на „Викиликс“ со реакција се јави на социјалните мрежи. Тој на својот фејсбук-профил напиша дека злоупотребувањето на документите се прави за негова лична дискредитација и за да му се наштети на заокружувањето на договорот од Преспа.

– Деновиве гледам извадиле стари информации објавени во 2010 година, кои всушност потврдуваат дека конзистентно сум работел на исполнување на стратегиските цели НАТО и ЕУ-членството и сум комуницирал со САД, нашите стратегиски партнери, во функција на остварување на државните интереси на Македонија. Истите партнери што во 2004 година, кога бев амбасадор во Вашингтон, го признаа уставното име на Република Македонија. Фактот што после цели осум години се злоупотребуваат истите информации, со обид за тенденциозна лична дискредитација за да му се наштети на заокружувањето на договорот од Преспа – напиша Димитров на Фејсбук.


Што објави „Викиликс“ за Димитров

На веб-сајтот на „Викиликс“ неодамна беа објавени тајни протечени документи на кои пишува дека сегашниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, кој го потпиша договорот од Преспа со кој се врши промена на името на Македонија, во 2008 година бил заштитен извор на ЦИА, кој известувал за тогашниот премиер Никола Груевски и претседателот Бранко Црвенковски, токму за истото прашање. Според „Викиликс“, каде што со години се објавуваат тајни строго доверливи дипломатски преписки украдени од американските институции, Димитров бил на листата на „заштитени“ во 2008 година кога беше преговарач во спорот за името со Грција.

– Сегашниот министер за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров се води како „заштитен“ извор на американската амбасада двапати во 2008 година откако обезбедил информации за грчко-македонскиот спор за името и НАТО и ЕУ-интеграциите – пишува „Викиликс“. Во тајниот извештај од 2008 година до Стејт департментот на САД (ОТИ-дивизија) Рикер бара заштита за неговиот „крт“ во македонската влада – Никола Димитров. Во документот објавен на сајтот на „Викиликс“, може да се види комуникацијата помеѓу Рикер и Стејт департментот, во кој се објаснуваат активностите во врска со преговорите за името, додека Димитров беше главен преговарач. Рикер го информира Стејт департментот дека преговорите закочиле во моментот кога Бранко Црвенковски како претседател и Никола Груевски како премиер не можеле да ги надминат разликите во врска со предлогот на Нимиц, кој гласел „земи или остави“. Груевски се противел додека Црвенковски сметал дека треба да се прифати. Информацијата за несогласувањата во државниот врв на Македонија, помеѓу претседателот и премиерот се чувала во најголема тајност, но како што стои во извештајот на Рикер, Никола Димитров, кој имал пристап до ваков вид информации го информирал американскиот амбасадор за несогласувањата. Рикер, пак, тоа го ставил во извештај испратен до Стејт департментот, со замолница да биде заштитен идентитетот на информаторот – Никола Димитров.