Потписите се исушија, емоциите се разгоруваат, каде е разумот

784

И по речиси една година од потпишувањето на спогодбата од Нивици, таа е предмет на сериозни политички расправања на релацијата власт – опозиција, и во Македонија и во Грција, а со свои спротивставени ставови се вклучија и странските дипломати

Наскоро се навршува една година од потпишувањето на спогодбата од Преспа, која на 18 јуни 2018 година во Нивици, во грчкиот дел на брегот на Преспанско Езеро, ја потпишаа шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, но рефлексиите од спогодбата и по една година не стивнуваат во двете земји, туку се користат за дневнополитички цели.
Токму придобивките или загубите од спогодбата од Преспа беа во фокусот на целата предизборна кампања на неодамна одржаните претседателски избори во државава, на кои победи кандидатот на владејачката СДСМ, Стево Пендаровски.

Кампањата се одвиваше на тој начин што неговата противкандидатка Гордана Сиљановска-Давкова, поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, најави дека на сите начини ќе се обиде да ја оспори спогодбата од Нивици и дека во секоја пригода, кога ќе може, ќе го користи старото име на државата. Од друга страна, власта ја темелеше кампањата на Пендаровски врз европски вредности и цели како НАТО и ЕУ, кои се овозможени со потпишувањето на Преспанската спогодба.

Токму ваквата спротивставеност беше основа за постојани меѓусебни обвинувања во кампањата, на релацијата власт – опозиција.
Речиси идентична е ситуацијата и во Грција, каде што нема настан а да не се спомене велепредавството од страна на Ципрас.

Најголемата грчка опозициска партија Нова демократија не ја поддржа спогодбата од Нивици и во континуитет ја користи за напад врз актуелната власт, обвинувајќи ја дека им дозволила на соседите македонски идентитет и јазик.

– Се прокламирате за патриот, а го признавте постоењето на македонски идентитет и македонски јазик – го обвини лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, актуелниот премиер Алексис Ципрас, во неодамнешната жестока меѓусебна препирка во грчкиот парламент.
Но се чини дека одгласите од договорот не ја оставаат мирна ниту дипломатијата, која различно реагира на документот.
Додека западните дипломати ja оценуваат како историскa и ja посочуваат како пример за решавање на билатералните проблеми, за руските дипломати спогодбата е демонстрација на насилно внесување на една земја во НАТО, без да се почитува волјата на народот.

Поранешниот руски амбасадор во земјава Олег Шчербак, во интервју за „Нова Македонија“, посочи дека Преспанската спогодба е изработена во услови на неоправдано брзање или „цугцванг“ и има сериозни правни недостатоци.
– За нас, и Македонија и Грција се одамнешни и важни партнери на Балканот и ние, секако, сме заинтересирани за нивниот успешен развој и просперитет. Сметаме дека рационална политика е ефикасно да се решаваат постојните проблеми, а не да се трупаат нови и нови – рече Шчербак.

Од друга страна, рускиот амбасадор во Грција, Андреј Маслов, неодамна ја критикуваше Преспанската спогодба, притоа додавајќи дека Западот го дестабилизира Западен Балкан туркајќи ја Македонија во НАТО.

– Последниве години сведоци сме на напорите на одредени земји да креираат нов „статус кво“ што нема основа во меѓународното право, туку се базира врз нивните правила што ги пласираат како позиција на меѓународната заедница – изјави Маслов за државната грчка телевизија ЕРТ.

За поранешниот амбасадор Ристо Никовски, спогодбата од Преспа не ги решила проблемите.

– Преспанскиот договор не ги реши проблемите меѓу Македонија и Грција, туку само го отвори патот за влез во НАТО, што беше нагласен интерес на САД. Исто така, договорот не ја заврши својата главна задача, според македонската влада, дека го отвори патот за влез во Европската Унија – вели Никовски.

Тој додава дека не е постигната целта поради која беше потпишана спогодбата.
– Очигледно, нашите „преговарачи“ дадоа сè, а не добија ништо. Македонија не само што не доби датум за преговори минатата година, по сè изгледа нема да го добие ниту оваа година и којзнае кога ќе се случи тоа – истакнува Никовски.
Според него, Македонија не може да влезе во ЕУ за пократок период од 13 до 15 години.

– Да не заборавиме дека грчката опозиција која најверојатно наскоро ќе биде на власт, јасно најави дека ќе ги блокира нашите преговори кога и да почнат, а тоа значи секојдневни сопки на 35-те поглавја, што од друга страна значи преговарање во недоглед – посочува Никовски.

Дека ситуацијата не е особено променета говорат и последните инциденти со македонски автомобили во Грција, кога, и покрај најавите дека договорот ќе придонесе за зближување на двата народа, вандалски беа оштетени неколку автомобили чии сопственици ги минуваа велигденските празници во оваа соседна земја.

[email protected]