Потклекнувањето на македонската дијаспора не е опција

582
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Забележлив беше ангажманот на македонската дијаспора во спорот со Грција, но овој пат, во случајот со бугарското проблематизирање на пристапувањето на Македонија во ЕУ, впечаток е како таа некако да се повлече од јавноста, а и од ширењето на вистината за народот, историјата, јазикот…

Чувствува ли дијаспората притисок од некој центар на моќ за да се дистанцира од матицата

Новите премрежиња низ кои минува Македонија на својот пат кон ЕУ, креирани со активирање на старите бугарски аспирации спрема Македонија и негирање на македонизмот, ја ставаат на историски испит решеноста на нашата нацијата, (во и надвор од Македонија), да гради европска иднина непоколебливо и со сите прерогативи на засебен народ. Логичната помисла е дека кога е атакувана и загрозена суштината на постоењето на една нација (јазик, историја, идентитет), таквиот момент да се претвори во обединувачки мотив за целиот политички, научен, интелектуален капацитет на државата. Не треба да има исклучок ниту за оние нашинци што се иселиле од неа, кои се чувствуваат и живеат како Македонци.
Токму за последново, а имено за забележливата апстиненција на македонската дијаспора во последно време, како и загриженост за состојбите во Македонија, предизвикани од „европските“ уцени на Бугарија искажуваат и докажани пријатели на земјата и македонскиот народ од странство. Силен пример за тоа е македонистот од Хрватска, Горан Калоѓера, кој многу години ја предводеше Катедрата за македонски јазик на Универзитетот во Риека и има вложено многу труд во афирмацијата на македонизмот, јазикот, културата, историјата, како и на Македонците во Хрватска.

– Работите одат на лошо за Македонија, одат кон онаа најлоша варијанта, а тоа е бришењето на македонската нација, култура, традиција, писменост, литература, во интерес на добрососедските односи со соседите, кои сакаат да ја уништат. Според мене, а дозволете, јас сум надворешен член на МАНУ, во име на што е затирањето, уништувањето, бришењето на сѐ што е изворно македонско? Сите тие „научни групи или комисии, кои соработуваат со бугарската влада одат кон тоа да уништат сѐ што работеле и создавале најголемите умови на 19 век. Тие буквално плукаат по Миладиновци, Прличев, Жинзифов, Цепенков, Мисирков, тие плукаат и ја поништуваат мислата на Конески, Тодоровски, Матевски, Спасов, Ристовски, Чауле, Поленаковиќ, Друговац, Ѓурчинов, тие немаат поим за македонската историја, ним Пулески ништо не им значи, си поигруваат со Делчев, го забораваат Рацин, ги предаваат прататковците и втемелувачите на македонската самобитност, ја игнорираат антифашистичката борба на Македонците, ги бришат ужасите на бугарската окупација на Македонија, се прават недоветни за идејата на голема Албанија, едноставно тоа е страшно. Се игнорираат апелите и конструктивните предлози на водечките интелектуалци, на кои со сета душа им се придружувам во сите напори на светот да му прикажат една поинаква, културна, нација, богата со традиција, чиј опстанок повторно е доведен во прашање. Како интелектуалец и научник што се занимава со Македонија речиси четириесет години, згрозен сум, разочаран и крајно незадоволен со ова што ѝ се случува на Македонија. Зарем сега, во 21 век мора да се повторува претходното минато и да се повикуваат аветите што со векови ги уништувале сите обиди на македонскиот народ да излезе од калта на историската анонимност и конечно да се докаже како народ.

За тоа многумина загинале, за тоа е пролиено многу крв, и сега буквално сето тоа се игнорира, да му се предава на милост и немилост кому било, според мене, не е во духот на слободарскиот народ на Македонија. Мојот слободарски далматински темперамент, но и вистинските симпатии спрема Македонија едноставно ме натераа да го напишам ова. Сѐ друго за мене би било предавство на сите оние од кои учев, кои ги ценев и сакав – пишува на социјалните мрежи професорот Калоѓера, истовремено забележувајќи им на македонските здруженија во Хрватска, дека молчаливо реагираат на актуелните негирања на македонското постоење од страна на Бугарија, како услов за влез во ЕУ.
Оваа забелешка на професорот Калоѓера некако го поттикнува прашањето колку македонската дијаспора овој пат е вклучена во афирмацијата на македонските состојби во земјите каде што живее и дали е ангажирана во гласноста за вистината за постоењето на Македонија и Македонците. Забележлив беше ангажманот на македонската дијаспора во долгогодишниот спор наметнат од Грција, но овој пат, во случајот со бугарското проблематизирање на пристапувањето во ЕУ, впечаток е како таа некако да е повлечена од јавноста.

– Не се согласувам дека Македонците што живеат надвор од Македонија се незаинтересирани за тековните политички збиднувања во Македонија. Ако се сеќавате, неполитичкото и непартиско глобално движење „Ние сме Македонија“ во својата декларација, која првпат беше прочитана на 14 јануари 2018 година пред македонската амбасада во Вашингтон, САД, јасно и гласно побара поддршка од сите истомисленици низ светот за обединување против Преспанскиот договор, односно против промена на името, против таканаречениот договор за добрососедство со Бугарија и против Законот за јазици. Тој повик подоцна резултира со организирани над 40 протести на различни локации низ светот, со над 150.000 учесници, голем број протестни ноти испратени до државници во земјите каде што се одржаа протестите, апели за поддршка од странски државјани и други активности. Отпорот против погоре споменатите три штетни моменти од поновата македонска историја не запрел. Македонците надвор од Македонија се сѐ пообединети и заеднички дејствуваат на секое можно поле каде што може да се дејствува. Одржуваме онлајн конференции, каде што ги организираме и договараме активностите што ги преземаме за да дејствуваме едукативно во поглед на штетноста на двата договора и Законот за јазици, за кои ќе известиме штом добиеме резултати.

Од друга страна, моќта, за да ги отстрани или спречи негативните импликации од нив, е во Владата, која, за жал, и за разлика од нас, Македонците што живеат надвор од Македонија, нема црвени линии и не е заинтересирана да ги заштити националните интереси на Македонија, туку ги распродава. Секако дека посакуваме напредок на Македонија во секоја смисла, тоа е наша татковина, но влез во Европска Унија по цена на насилно сменето име и продадена историја, не би прифатиле никогаш. Ќе ја искористам оваа пригода за да апелирам до Владата да не потклекне пред притисоците на соседна Бугарија и да не ги прифаќа нивните барања за заедничко чествување на македонските историски личности и преформулирање на македонскиот јазик во јазична норма, наместо признаен официјален јазик каков што е сега – вели Ана Дуковска од Вашингтон, САД, која е ангажирана во движењето „Ние сме Македонија“.
Претставник од македонската дијаспора во Европа, адвокатот Димитар Морарцалиев, кој живее и работи во Швајцарија, смета дека дел од причините за намалената активност на Македонците надвор од Македонија, во афирмацијата на вистината за Македонија, е и во тоа што тие се чувствуваат исклучени и игнорирани од официјалната државна политика.
– Македонската дијаспора строго и остро реагираше против промената на името, и покрај притисоците од страна на денешната државна апаратура, и забелешките од една страна на македонската популација дека дијаспората нема право на глас бидејќи не живее во државата.

Таквите апсурдни коментари и апатичноста на македонскиот народ направија еден дел од дијаспората да се десолидаризира од македонското прашање. За жал, надлежните македонски јавни органи не ја вклучија македонската дијаспора во сегашните и минатите меѓународни преговори во врска со националните прашања, иако субјектот на тие преговори се темелите на македонската нација, како што се македонскиот јазик, македонската нација и македонските национални митови (историја, историски фигури). За тие елементи на нашата националност денес се преговара како за обични теми од внатрешната или надворешната политика, иако тие претставуваат темели на македонската нација без кои македонската држава и во поширок контекст македонската нација не можат фактички да постојат. Македонската дијаспора се чувствува омаловажена и непочитувана од страна на македонските влади и од дел од македонската јавност. Моментална состојба за дел од дијаспората многу лесно може да се опише. Македонизмот живее во срцата на македонската дијаспора во странство и македонската дијаспора верува дека сега токму таа е чуварот на македонската нација – вели Димитар Морарцалиев, адвокат во Швајцарија.