Потенцијалот за општествен напредок е загрижувачки низок

230

Многугодишна хронична слабост и институционална ерозија

По констатирањето на многугодишната хронична немоќ на државата и дијагностицирањето на нефункционалноста и неефикасноста на институциите, во едно свесно развиено (демократско) општество мора да се најдат решенија за надминување на таквата состојба. За граѓаните, гореспоменатите состојби се неприфатливи и неприродни. На институционалната ерозија треба да ѝ се стави крај, но како? Едни решението го гледаат во рапидно зајакнување на капацитетот на институциите, а други решението за напредок и одржлив развој го гледаат во граѓанскиот активизам. Кој е импулсот за конечно да профункционираат државата и институциите во функција на македонските граѓани?

Згуснатиот „репертоар на изведби“ на политички афери во различни сегменти на општественото живеење (од нефункционирањето на протокол, па до уцени, корупции, измами, даночна евазија, дивоградби, еколошки загадувања…), кои речиси хронично и перманентно се продуцираат кај нас, а потоа протекувајќи силно одекнуваат во македонската јавност, сериозно го отвораат прашањето за т.н. принцип за (не)функционалноста на државата. Уште повеќе, тоа го отвора прашањето за положбата, задачата, улогата и должноста на институциите на државата како институционална форма на уредување на општеството.

Уште позагрижувачки е што не може да се претпостави дали сегашната состојба е кулминација на периодот по осамостојувањето, хроничната дисфункционалност на државните институции, или државата ќе биде доведена во ситуација воопшто да не може да си ги врши основните функции – ниту во законодавниот, ниту во извршниот, како ни во судскиот сегмент на владеење?!

Докторандот на УКИМ и колумнистот на дневниот весник „Вечер“, Петар Богојески, во својата најнова колумна изразува исклучително вознемирувачко гледиште дека вистинската опасност доаѓа од феноменот „изумирање на државата“.
– Тоа е до тој степен опаѓање на капацитетот на институциите, нивниот капацитет и функционалност, каде што граѓаните го напуштаат општествениот договор и ја преземаат судбината во свои раце. Си го враќаат суверенитетот кај себе. Во такви услови државата е парализирана, не може да направи ништо. Најмалку да се самозаштити, зашто нема како. Институциите се државата, а тие се уништени, нема како да се реагира – пишува Петар Богојески.

Со ваквата перцепција на (не)функционалноста на државните институции се согласуваат и други експерти и аналитичари, но сепак сметаат дека флоскулата „изумирање на државата“ е несоодветна за именување на овој феномен.
– Сега веќе во образованието не се изучува марксистичката теорија, но според таа теорија, „изумирањето на државата“ е целта кон која се стреми едно функционално општество, каде што свеста на граѓаните е толку развиена, што не е потребно општествените односи да се регулираат со наметнати авторитети, како што претставуваат државата и нејзините институции. Напротив, во состојба на криза, државата ги засилува своите авторитарни механизми и ги засилува активностите на институциите. Илустративен пример во актуелнава состојба е повторното иницирање на идејата за некаква контрола на медиумите, под изговор за ширење лажни вести, по сите афери што ѝ се случија на Владата, Во состојба на загрозеност на владеењето, државата ја покажува својата сила воведувајќи нови закони, правила, ограничувања…

Проблемот на државата не е во тоа што институциите и се нефункционални (тие можеби се функционални за нечии интересни), туку што се неефикасни во штитењето на јавниот интерес. Државата треба да ги штити јавниот интерес, јавните пари, а не интересот на партиите, на поединците, на некакви интересни групи… Силна држава треба да внимава она што излегува од нејзините институции да биде вистинито – вели професорот по социологија Илија Ацески.

Нефункционалноста, односно неефикасноста на институциите се одразува најмногу на секојдневното функционирање на граѓаните, уште од осамостојувањето на Македонија, што создава чувство на неизвесност, несигурност и загрозеност во можноста за остварување (понекогаш) и на основните човекови права.
– Македонската држава има огромна институционална ерозија. Огромна. Што поради минатото, што поради најновите случувања. Тоа станува толку евидентно, што веќе создава реален ризик по државноста. Имаме ѓубре, државата е немоќна. Имаме загаден воздух, државата е немоќна. Имаме дивоградби, државата е немоќна. Имаме злоупотреба на политичкиот систем, државата е немоќна. Имаме даночна евазија, државата е немоќна… итн. – пишува колумнистот Петар Богојески.

По констатирањето на немоќта на државата и дијагностицирањето на нефункционалноста или неефикасноста на институциите, во едно свесно развиено (демократско) општество се бараат решенија за надминување на таквата состојба, зашто иако се работи за општествена појава, за граѓаните таквата состојба е „неприродна“. Колумнистот Петар Богојески, решението за промени го гледа во граѓанскиот активизам, преземање граѓанска иницијатива во разни области од животот, макар тоа и да изгледа како преземање на институционалните овластувања, но тоа се прави за доброто на државата.

Фото: Дарко Андоновски

Од друга страна, професорот на студиите по социологија на Филозофскиот факултет при УКИМ, Илија Ацески, смета дека во овој општествен миг и граѓанскиот активизам е партиски контаминиран, па сега капацитетот за да се поттикне некоја општествена промена е многу мал. Но тој исто така ја нагласува формулата за профункционирање на институциите и системот, во која мора да бидат вградени принципите на конкурентност, ментален и морален кредибилитет, посветеност, знаење и вештини на носителите на функции и на државните службеници.

– Континуираното и децениско дерогирање на функционалноста на државата и институциите, запоставувањето на штитењето на јавниот интерес, релативизирањето на моралните, стручните и општествените вредности, сега нѐ доведува во ситуација да се прашуваме од каде да почнеме во оправањето на државата. За почеток, треба да се постави критериум за максимална транспарентност и јавност во функционирањето на државните и јавните институции. Јавноста треба да има увид за секое трошење на јавните пари. Потоа, треба сосема да се надмине практиката на регрутација на неспособни луѓе на одговорни позиции, по системот на партиска припадност. Всушност, таквиот принцип на партиски вработувања и доделување високи државни позиции треба сосема да исчезне и да се направи систем што ќе ги цени професионалните вредности за извршување одредена работа или функција. Тоа е само почетокот, а за враќање на целосната функционалност на државата потребни се време, доследност и принципиелност во спроведувањето на законите – вели професорот Илија Ацески.