Потврда на историскиот и духовен континуитет на МПЦ-ОА

236

Викендов во Калишта, највисокото административно и законодавно тело на Македонската православна црква – Охридска архиепископија силно, недвосмислено и апсолутно го потврди историскиот и духовен континуитет на нашата црква на оваа територија и на православниот народ што живеел на оваа територија, а со тоа го зајакна и го реафирмира духовниот континуитет на современата МПЦ на овие простори. Со тоа испрати јасна и гласна порака до верниците и до граѓаните на Македонија дека токму ваквото изјаснување по ова прашање на највисокото тело на МПЦ-ОА е и потврда на идентитетските чувства на македонскиот и на православниот супстрат, како и на нашиот историски и духовен континуитет на оваа територија и на нашиот православен народ

Црковно-народниот собор со промена на Уставот ја забетонира придавката „македонска“ во своето име

Македонската православна црква – Охридска архиепископија нема да ја избрише придавката „македонска“ од своето име. Ваквиот став беше запечатен изминатиот викенд во струшко Калишта на Архиепископскиот црковно-народен собор, како највисоко црковно тело на МПЦ-ОА, што ги верификува предлозите што ги дава Синодот. Главното дополнување и измена што беа направени во Уставот на МПЦ се во членот 9, во делот каде што на титулата на архиепископот г.г. Стефан, поглаварот на МПЦ-ОА се додава терминот Јустинијана Прима. Тоа значи дека отсега титулата на архиепископот ќе гласи митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима.
Со оваа одлука, МПЦ-ОА останува на своите добро познати ставови и позиции за неменување на своето име, идентитет и дополнително зајакнување на својот историски континуитет, како црква што треба да ги обедини сите историски врски на црковниот живот што ги имало на овие простори со денешната современа МПЦ.

АРХИЕПИСКОП И НА ЈУСТИНИЈАНА ПРИМА

Верските аналитичари и историчари овој потег го оценуваат како техничка промена на Уставот на МПЦ, која во практика нема да промени ништо, ниту пак ќе предизвика некакви сериозни реакции од другите православни цркви.
Теологот отец Бобан Митевски вели дека ова е потврда на историскиот духовен континуитет на оваа територија и на православниот народ што живеел на оваа територија, а со тоа и зајакнување и реафирмирање на духовниот континуитет на современата МПЦ на овие простори.

– Уште порано во преамбулата на Уставот на МПЦ, а и во сите оние начини што ја опишуваа МПЦ, се посочуваше дека таа го влече својот континуитет од Јустинијана Прима. Ова сега што се додаде во членот 2 од Уставот е дека МПЦ е историска и правна наследничка на Охридската архиепископија и на Јустинијана Прима. Таа е со ранг архиепископија и се именува како МПЦ-ОА, што значи дека нејзиното име не трпи никакви измени. Називот на институцијата не се менува, туку само се додава Јустинијана Прима во титулата на архиепископот. Само се дава опис во Уставот дека таа е историска и правна наследничка на Јустинијана Прима и на ОА, но титулата на архиепископот само се менува и ќе звучи митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима – објаснува отец Митевски.

ПРОМЕНИТЕ НЕМА ДА ПРЕДИЗВИКААТ НЕГАТИВНИ РЕАКЦИИ

Црковниот историчар Драган Зајковски од Институтот за национална историја вели дека Јустинијана Прима е архиепископија формирана од Јустинијан Први во 6 век и егзистира до почетокот на 7 век. Почнувајќи од 12 век „архиепископ на Јустинијана Прима“ влегува и во титуларот на охридските архиепископи. Од политички причини охридските архиепископи сакаат да се титулираат, меѓу другото и како наследници на архиепископијата Јустинијана Прима.

– Сметам дека МПЦ како наследничка на ОА сака да го додаде и овој титулар што го носеле древните охридски архиепископи. Едноставно денешниот охридски архиепископ сака да носи и дел од титуларот што го имале древните охридски архиепископи почнувајќи од 12 век па до укинувањето на архиепископијата во 1767 година – објаснува Зајковски.

Според него, титуларот архиепископ на Јустинијана Прима нема да има некое посебно значење во православниот свет, ниту пак дека ќе има пресудна улога во признавањето на автокефалноста.

– Станува збор за желбата сегашниот охридски архиепископ кон својата титулација да додаде и дел од титуларот, кој од почнувајќи од 12 век го носеле древните охридски архиепископи до укинувањето на архиепископијата во 1767 година – додава историчарот Зајковски.


И охридските архиепископи се повикувале на Jустинијана Прима

Јустинијана Прима е доцноантички град, седиште на истоимена архиепископија на територијата на Македонија. Името го добива по својот основач царот Јустинијан први (527-565). Градот бил изграден околу 535 година во родното место на царот – Тавурисион, денешното село Таор, Катлановско. Според некои археолози, градот се наоѓа во Лебане, Србија.
Јустинијан Први во 535 година ја формирал и автокефалната архиепископија Јустинијана Прима, со седиште во истоимениот град. Црковната традиција оваа архиепископија ја поврзува со Охридската архиепископија, затоа охридските архиепископи од 12 век до 14 век ја носеле титулата „архиепископи на Јустинијана Прима“. Архиепископите биле наследници на скопските епископи, а епископот на Јустинијана Прима Антис, станал архиепископ на сите диецези во Источен Илирик. Ова е запишано во 131-та Јустинијанова новела, а на која се темелат правата, привилегиите и самостојноста на Јустинијана Прима. Таа традиција се изразувала и во стремежот и барањата на македонските преродбеници за автокефална црква.