Поскапата струја ги минира напорите за почист воздух

55

Познавачите на состојбите во овој сектор велат дека поскапувањето на струјата може да влијае демотивирачки при набавката на еколошки уред за греење, а тоа да придонесе за уште поголемо загадување на воздухот во текот на зимскиот период, проблем со кој државата се соочува со децении

СТРУЈНИОТ ШОК ЌЕ СЕ ОДРАЗИ И ВРЗ ЕКОЛОГИЈАТА И ВРЗ ЗДРАВЈЕТО НА ГРАЃАНИТЕ

Последното поскапување на струјата предизвика револт кај населението во земјава, а ваквиот потег на енергетските компании го доведува под прашалник целиот државен проект за субвенционирање на набавка на инвертери, како алтернатива за нееколошкото греење, чии последици секоја зима се чувствуваат сè повеќе.
Резервите што македонските граѓани ги имаат кон греењето на струја сега со последното поскапување само дополнително се потврдија, така што не е за зачудување што повеќе од половина од средствата наменети за субвенции за купување инвертери не се искористени, иако тоа не е случајот кога станува збор за набавка на велосипеди и тротинети.
Ваквиот тренд и поскапувањето на струјата, веројатно, ќе придонесат претстојната грејна сезона многу граѓани, наместо да набават еколошки инвертер за загревање на домот, повторно да ги полнат печките со дрва и во најлош случај со други нееколошки материјали собрани наоколу, предизвикувајќи загадување на воздухот, кое директно се одразува врз здравјето на луѓето.

Во време кога гасификацијата на домаќинствата доцни, единствено донекаде еколошко греење е токму загревањето на домовите со инвертер-уреди, иако стравот од нови ценовни шокови на струјата постојано е присутен. Поскапувањето на струјата е удар и врз оваа мерка на поттикнување и промоција на инвертер-уреди, кои, нели, работат на струја. Зошто граѓаните би се грееле на вакви уреди кога треба да плаќаат поскапа струја?
– Ако сега ја поскапеа струјата во време кога никој од нас не знае дали ќе остане на работа од септември, кога не е извесно какви ќе бидат економските последици од корона-кризата врз државата, тогаш што би ги премислило компаниите што работат со продажба на струја во земјава повторно да не ја качат цената. Утре ќе речат дека мора да ги усогласат цените со европскиот пазар, а нашите плати се далеку од европските. Од тие причини не се решавам да се греам на струја – вели Дамјан Стефановски, приватен стопанственик.

Тој додава дека кај луѓето постои општа недоверба во сите институции и компании во земјава.
– Во времето на поранешна Југославија се сеќавам дека моите родители купија термопечка и се греевме на струја, но подоцна толку поскапе струјата што печката ни остана како украс во дневната соба и ја чуваат и ден-денес, а ние продолживме да се грееме на дрва. Таа скепса постои и денес, додека компаниите се претрупуваат со партиски кадар и трошат пари на луксуз, цената ја плаќа обичниот граѓанин. Неговата сиромаштија ќе се одрази за време на зимата, кога ќе се грее на што ќе стигне, а загадувањето ќе го дишеме сите – нагласува Стефановски.
Познавачите на состојбите во овој сектор велат дека поскапувањето на струјата може да влијае демотивирачки при набавката на еколошки уред за греење, а тоа да придонесе за уште поголемо загадување на воздухот во текот на зимскиот период, проблем со кој државата се соочува со децении.

– Сите што во наредниот период размислуваат да се греат на струја ова поскапување треба да им биде предупредување за идни поскапувања. Најважно е луѓето кога купуваат нови уреди и планираат да се греат на струја, да обрнат внимание на класата на производот, односно да купуваат уреди од А-класа, кои трошат помалку струја. Важно за заштедата е и доброто изолирање на домовите бидејќи на тој начин се спречуваат големи загуби на енергија, а и сметките се пониски – велат експертите од областа на енергетската ефикасност со кои се консултиравме.
Според нив, поскапувањето на струјата може да премисли дел од граѓаните што планирале да купат инвертери.
– Малку е веројатно дека оној што се греел на дрва ќе се префрли на инвертер, особено не сега кога поскапе струјата. Голем дел од тие што се греат на дрва на истиот шпорет и готват, некои имаат котли на парно, така што сите тие си имаат некоја своја математика. Згора на тоа голем дел купуваат дрва на диво и по пониска цена, така што и оваа зима ќе бидеме сведоци на загаден воздух што сите ќе го дишеме – истакнуваат експертите од областа на енергетската ефикасност.

Тие додаваат дека државата треба да преземе посериозни и побрзи чекори во насока на гасификација на домаќинствата што, според нив, е единствен начин за реално намалување на загадувањето на воздухот предизвикано од загревањето на домовите.