Посегнување по сѐ што е македонско

2688
Фото: Игор Бансколиев

Ова не е првпат странски политичари да посегнат по нешто што не е нивно, односно по нешто што ѝ припаѓа на Македонија. Впрочем, во последно време тоа е честа практика. Која е заднината на ваквите случувања и како конечно да им се стави крај на ваквите мегаломански аспирации на соседите

Грција по името, Бугарија по јазикот и историјата, Албанија по територијата, што ли е следно

Дали албанскиот премиер Еди Рама на социјалните мрежи направи несмасен гест, превид, лапсус или, пак, тенденциозна дипломатска провокација, кога на својата фејсбук-страница ги објави, па потоа ги избриша фотографиите од локации во Македонија за кои рече дека се од Албанија. Рама на интернет ги „присвои“ водопадите на Лешница, лоцирани на Шар Планина, за кои напиша „Лешница, преубава Албанија“.
Ова не е првпат странски политичари да посегнат по нешто што не е нивно, односно по нешто што ѝ припаѓа на Македонија. Впрочем, во последно време тоа е честа практика.
Се прават обиди да се присвои сѐ што е македонско.
Така на пример, Грција удри по името на државата, Бугарија го оспорува македонскиот јазик, Албанија ги присвојува водопадите, што ли е следно…
Во контекст на актуелните случувања, Владата на Македонија искомуницирала со кабинетот на албанскиот премиер Рама и побарала да бидат објавени објаснување и корекција на фотографијата.

– Од страна на кабинетот на премиерот Заев е остварена комуникација со кабинетот на премиерот Рама, при што од наша страна е посочено дека објавената фотографија е од Лешница, С. Македонија. Веруваме дека станува збор за ненамерна грешка и затоа беше побарано од страна на кабинетот на Рама да бидат објавени објаснување и корекција – велат од Владата.
Од друга страна, од кабинет на албанскиот државник информираат дека во јужниот дел на Албанија исто така постои село со истото име и оти фотографијата по грешка била објавена дека е од Албанија.
Оттаму им се заблагодариле на сите следбеници што им посочиле дека тоа прекрасно место е во Македонија и ја отстраниле фотографијата од социјалните мрежи.
Во меѓувреме, експертите со кои се консултиравме велат дека, иако оваа грешка можеби изгледала наивна, таа сепак не е прва што ја направиле државните власти во соседна Албанија.
Универзитетскиот професор и поранешен амбасадор, Јован Донев, смета дека сега треба да се види како ќе реагираат македонските органи и која стратегија ќе ја применат понатаму.

– Ова што го направи Еди Рама може да се толкува и како провокација, барем последното што го слушнав е дека портпаролот на Еди Рама се извинил зашто имале исто место со нас и би требало да го прифатиме тоа. Но треба да се видат следните потези дека може да е провокација, да се опипа теренот и да се види како ќе реагираат македонските органи и која стратегија ќе ја применат понатаму, така што треба да се биде претпазлив секогаш кога се во прашање такви намерни или ненамерни грешки. Ова треба да се запамети, да не се заборави, да се има превид дека е направена грешка и да видиме дали ќе има следна грешка – истакна Донев.
Тој смета дека Министерството за надворешни работи, предводено од Бујар Османи, нема да испрати протестна нота, и да немаше извинување ќе молчеа.
– Не очекувајте од нашето МНР да испрати протестна нота, и да немаше извинување ќе молчеа. Ќе се задоволеа со изјавата дека кабинетот на Заев контактирал со кабинетот на Еди Рама и тука ќе завршеше приказната – додава Донев.

Слично размислува и политикологот Милан Стефаноски, кој, пак, додава дека градењето добри релации со соседите е тешка задача, која низ годините се калеми од трудот на дипломатите и аналитичарите во домашниот естаблишмент.
Стефаноски истакнува дека последниот инцидент не може да се гледа како на претензија кон нашата територија, бидејќи грешките на социјалните мрежи се чести, но го поздравува навременото реагирање на премиерот по ова случување.


Богата хронологија на провокации кон Македонија

Хронолошки гледано наназад, македонските власти неколкупати со дипломатски ноти реагирале до властите во соседна Албанија, како сега со објавувањето на фотографиите од Македонија, кои се претставени како албанска територија. Имено, во 2017 година македонското МНР реагираше до албанските власти кога пратеничката во Собранието во Тирана, Месила Дота, во своите говори поврзани со Македонија користела навредлива реторика.
– Неодговорните изјави на јавни личности, кои по својата функција наложуваат и подразбираат одговорност за јавно искажаниот став не се во духот на добрососедските односи и декларираните заложби за пријателство и соработка меѓу двете земји и особено не во духот на европските вредности – се вели во тогашната реакцијата на МНР.

Ваков пример беше регистриран и во 2015 година кога премиерот на Албанија Еди Рама побара меѓународна експертиза за настаните од Диво Насеље во Куманово, по што македонските власти испратија дипломатска реакција. Истата година Албанија најави дека ќе стави вето на приемот на Македонија во НАТО ако не бидат дадени цврсти гаранции за спроведување на Охридскиот рамковен договор. Претходно македонското МНР реагираше до властите во Тирана кога беше запалено македонското знаме на протест во албанскиот град Бурел, по апсењето на инволвираните во случајот „Монструм“.

[email protected]