Пописот не е политичка желботека

143
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Стравувањата дека никој од политичките субјекти нема да ги признае резултатите од пописот доколку тие не му одговараат, ја отвораат дилемата како да се дојде до успешен и релевантен попис со прифатливи и веродостојни резултати за сите, кои ќе се темелат на законите и на меѓународните стандарди. Аналитичарите нудат неколку решенија

Повеќе од јасно е дека подготовките за пописот се одвиваат под засилен политички притисок од опозицијата, но и од дел од партиите во власта, кои ги доведуваат под прашалник резултатите од пописот уште и пред тој да се одржи. Стравувањата се дека никој нема да ги признае резултатите од пописот доколку тие не му одговараат, што е само потврда дека целиот процес е под голем прашалник, односно државата повторно ризикува да потроши огромни средства и на крајот да не добие релевантни податоци за бројот на населението или, уште полошо, да се повтори судбината на пописот од 2011 година кога статистичката операција беше прекината токму поради политички влијанија.
Од друга страна, само попис реализиран низ транспарентни и јасни процедури за секоја фаза од пописниот процес може да обезбеди доверба во пописните податоци.
– Доколку на пописот излезе дека Албанците се помалку од 20 отсто, тогаш нема да ги признаам резултатите – рече пратеникот од редовите на ДУИ и поранешен министер за образование, Арбр Адеми, чија партија е дел од коалицијата на власт.
И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да ги признаат резултатите од пописот ако претходно не биде постигнат консензус за Законот за попис.
– ВМРО-ДПМНЕ нема проблем со процентите од пописот доколку тие бидат реални и израз на фактичката состојба, па какви и тие да биле, но имаме проблем со политички мотивираниот попис што Заев го турка на сила. Нам ни треба фер и објективен попис, а секој треба да знае дека фалсификат попис што, пред сè, треба да биде статистичка операција, граѓаните ги чини погрешни проекции за иднината и пари – изјави опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.

Професорот и политички аналитичар Љупчо Ристовски смета дека пописот е најзначајна и најскапа операција и дека од резултатите зависат идните стратегии и политики за водење на државата.
– Ако имате толку големо значење на една статистичка операција, или една државна операција како пописот, тогаш таа мора да биде изведена на најможно доверлив начин. Сите мора да имаат доверба во резултатите на пописот. Државата мора да ја гради довербата со сите расположливи средства. Таа мора да биде резултат на национален и општествен консензус и внатрешнополитички консензус на власта и на опозицијата – вели Ристовски.
Тој додава дека е потребно да се отвори процес на јавна расправа, сите медиуми да се вклучат, научно-стручната јавност, да се прават дебати, семинари, емисии, да се сецира во секој сегмент за да има строго доверлив попис.
– Сè додека нивото на довербата во резултатите на пописот и во процесот на изведбата на пописот не достигне над две третини од општеството не смее ниту една влада, не само оваа, да помисли да изведе таква операција. Значи мора да работиме на доверба, и во моделот и во процесот на барање на резултатите од него – заклучува Ристовски.
Универзитетската професорка Билјана Ванковска смета дека актуелниот закон за попис што е во собраниска процедура не обезбедува веродостојни резултати, туку е резултат на политички договор меѓу партиите во власта.

– Вака како што е поставен, законот е пародија и на правото и на пописот како алатка на модерните држави: тој е фактички избирачки список, затоа што ќе потпишува државјани, а не резиденти (жители), а и тие на „жими мајка“ со помош на лица што го знаат ЕМБГ на своите (вклучително земајќи си го правото да ја определуваат нивната етничка или верска припадност, што е грубо кршење на човековите права и меѓународните конвенции). Наштиман попис не може да има легитимитет, уште помалку практична вредност – смета Ванковска.
Според неа, станува јасно дека исходот на пописот зависи од кодиректорот на Заводот за статистика (неговиот врзан потпис на резултатите), дека пописот е фарса инспирирана од етнодемографски инженеринг (како и територијалната организација од 2004-та), а не од потребата да се создаде кредибилна основа за креирање на стратегиите за развој и јавните политики на земјата.