Понижување, психолошка војна или идно вообичаено секојдневие

814

Грците бесни: Споменувањето на македонската нација е спротивно на кој било договор

Реакциите на Каменос и на Кумуцакос, по изјавите на Димитров, се сосема издржани бидејќи според содржината на она што е во договорот со Грција воопшто не постои македонска нација туку едноставно постои граѓанин на државата Република Северна Македонија што не е воопшто етничка определба, вели професорот Апасиев

На неформалниот самит на министрите за одбрана од ЕУ во Виена, грчкиот министер за одбрана и лидер на десничарската партија Независни Грци, Панос Каменос, порачал дека споменувањето македонска нација е спротивно на кој било договор и го прави бесен грчкиот народ, кој ќе го има и последниот збор, без разлика на референдумот и уставните измени во Македонија, соопшти грчкото Министерство за одбрана.
– Во неговото обраќање, истакна дека функционерите на Скопје, нивниот премиер и министерот за надворешни работи, со провокативни изјави против Грција спречуваат каков било напор за наоѓање решение.

Споменувањето „македонска нација“ е спротивно на секој договор. Единствено што постигнуваат е да го налутат грчкиот народ, кој ќе го има последниот збор, без оглед на референдумот и уставните измени во Скопје – стои во соопштението од кабинетот на Каменос, кој наедно е коалициски партнер во владата на премиерот Алексис Ципрас. Во меѓувреме и грчката опозиција остро реагираше на неодамнешното обраќањето на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој пред европскиот парламент истакна дека со договорот се потврдуваат македонската нација и македонскиот јазик. Јоргос Кумуцакос, одговорниот за надворешна политика во најголемата грчка опозициска партија уште еднаш го повторува ставот на Нова демократија во однос на решението меѓу Македонија и Грција.

– Изјавите на Димитров во Европскиот парламент, за жал, доаѓаат да ја потврдат критиката на Нова демократија за штетниот договор од Преспа. Комбинацијата од името „Северна Македонија“, „македонски“ јазик и „македонска“ националност е идеална за развој на национализмот и иредентизмот на Скопје – вели Кумуцакос во неговата пишана изјава.

Универзитетскиот професор Димитар Апасиев најновите превирања меѓу Македонија и Грција поврзани со содржината на спогодбата од Мала Преспа ги толкува како идно секојдневие и вели дека ние треба да се навикнеме на оваа ситуација бидејќи таа ќе биде наша реалност во сите оние моменти во кои во иднина ќе се спомене Македонија или македонски во домашната јавност.

– Реакциите од овој тип нѐ упатуваат на најголемата опасност, која може да се случи откога ние ќе го смениме нашето име и е тесно поврзана со мнозинството во грчкиот парламент, кое во овој момент го нема СИРИЗА, а Алексис Ципрас не може да собере три петтини во тамошното собрание да го поддржат договорот и да го ратификуваат – вели Апасиев.

Професорот истакнува дека откога тоа хипотетички ќе се случи, а ние во меѓувреме веќе сме ги направиле промените во Македонија, тогаш повторно не би можеле да си го вратиме назад старото име и да ги извршиме сите уставни промени бидејќи Албанците во земјата нема да гласаат за враќање на старата состојба.

– Ваквата ситуација произлегува од фактот дека договорот е штетен бидејќи е стратегиски лошо поставен со чекорите што треба да се извршат од двете страни – вели Апасиев.

Профeсорот додава дека на крајот на краиштата реакциите на Каменос и на Кумуцакос, по изјавите на Димитров, се сосема издржани бидејќи според содржината на она што е во договорот со Грција воопшто не постои македонска нација туку едноставно постои граѓанин на државата Република Северна Македонија што не е воопшто етничка определба.

– Јас верувам дека овие состојби во иднина ќе продолжат бидејќи се форма на психолошка војна до оној момент додека народот не одлучи да ја врати првобитната состојба пред договорот од Мала Преспа – резимира Апасиев.