Помпео во посета на земјата на почетокот на октомври, ќе го разгледа и Охрид

281

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, од 1 до 6 октомври ќе биде на европска турнеја, при што покрај Италија, Ватикан, Црна Гора и Грција, ќе ја посети и Македонија, се најавува на интернет-страницата на Стејт департментот.

Според најавата, американскиот државен секретар во Охрид ќе ја посети црквата „Света Богородица Перивлепта“, а ќе има и официјални средби со претседателот Пендаровски, премиерот Заев и други владини претставници.

Според агендата, Помпео најпрвин ќе присуствува на симпозиум организиран од САД и Ватикан посветен на верските заедници, а ќе има и средба со папата Франциско.

Во Рим американскиот државен секретар ќе се сретне со италијанскиот претседател, Серџо Матарела, премиерот Конте и министерот за надворешни работи, Ди Мајо. Помпео во Абруцо ќе ја посети локацијата каде што се наоѓал домот на неговите предци.

Секретарот потоа ќе отпатува за Црна Гора, каде што ќе се сретне со претседателот Ѓукановиќ, премиерот Марковиќ и министерот за надворешни работи, Дармановиќ.

По посетата на Црна Гора, следуваат средбите во Македонија, а турнејата Помпео ќе ја заокружи во Атина, каде што ќе им биде гостин на грчкиот премиер Мицотакис, министерот за надворешни работи, Дендијас, и министерот за одбрана, Никос Панајотопулос.