Половина милион македонски граѓани подмитиле државен службеник?!

152
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Менталитетот на граѓаните во земјава и натаму останува вкоренет како традиција, односно дека „мора нешто да се даде“ доколку се сака да се заврши некоја работа. Но од друга страна, и функционирањето на системот го овозможува тоа и на некој начин наметнува очекувања и „како да го бара тоа од граѓаните“?!

Истражување на МЦМС

Половина милион граѓани во земјава лани најмалку еднаш се судриле со искуството да му дадат мито на државен службеник, покажува проекцијата во најновото истражување на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Податоците во истражувањето за процена на корупцијата покажуваат дека оваа година перцепцијата за корупција како круцијален проблем се искачила за едно место погоре во однос на лани, односно на четвртото место веднаш по невработеноста, политичката нестабилност и ниските приходи како клучни проблеми.

Што сметаат граѓаните дека најмногу влијае на стимулацијата на корупцијата

Истражувањето покажува дека околу 80 отсто од македонските граѓани сметаат оти најмногу за ширењето на корупцијата влијае неефикасноста на судството во борбата против корупцијата, желбата за брзо и лично богатење на оние што се на власт, како и недостигот од строга административна контрола врз корупцијата.
– Во однос на вклученоста во корупцијата, ако претпоставиме дека се работи за поединечни случаи, зборуваме за потенцијално минимум 388.363 сторени дела. Ако го споредиме тоа со збирот на обвинети лица во 2018 година за злоупотреба на службена должност и обвинетите лица за примање и давање поткуп (вкупно 95 лица), добиваме стапка на ефикасност на институциите од 0,024 отсто, односно толкав е процентот на случаи што се обработуваат наспроти оние што претпоставуваме дека се случуваат – се наведува во извештајот на МЦМС.

Менталитетот на граѓаните во земјава и натаму останува таков дека мора нешто да дадат доколку сакаат да им се заврши некоја работа, но од друга страна, и нефункционалниот државен систем го овозможува тоа и на некој начин го бара од нив.
– Мајка ми лежеше во болница две недели. Кога одев во посета купував по 100 грама кафе, некои колачи, сокче и слично за да им дадам на сестрите за да ѝ обрнат повеќе внимание. Знам дека не треба да го правам тоа и дека нивна работа е да се грижат најдобро што можат за пациентите, но некако мислам дека ако ги почестам, можеби и тие ќе обрнат повеќе внимание – вели Јасна Даниловска, земјоделска техничарка од Скопје.
Таа додава дека менталитетот на нашите луѓе е таков, да дадат нешто ако сакаат да им биде завршена работата.
– Ова не е од вчера. Барем јас колку што се сеќавам секогаш се правеше. Се бркаа врски за запишување на децата во градинка, во училиште, на факултет, за вработување и секогаш ќе се однесеа понекое кафенце, бонбониера, виски, а во зависност од услугата и понекое евро. Не знам како би се искоренило тоа. Можеби со време луѓето ќе сфатат дека секој за својата работа прима плата и дека не треба некој дополнително да го подмитува – нагласува Даниловска.

Каков став имаат социолозите и психолозите по истото прашање?

Некои од социолозите и психолозите со кои се консултиравме сметаат дека нефункционалниот државен систем води кон тоа граѓаните да понудат мито за најобична услуга, која администрацијата и онака треба да им ја заврши.
– Станува збор за еден вид патологија на системот. Кај обичниот човек во земјава како да постои некаков универзален код дека мора нешто да даде ако сака да му биде завршена некоја работа. Дури и оние што знаат дека тоа што го сакаат не можат да го остварат по регуларен пат, даваат мито за да го постигнат тоа. Така се дерогираат системите, едноставно кога давате мито нема што не може да се оствари – вели социологот Илија Ацевски.
Тој додава дека сето тоа е предизвикано од недовербата кон државата и нејзините институции.
– Народот се приспособува на условите во кои живее. Ако единствен начин да добие некоја услуга е давајќи мито, тоа и ќе го направи – појаснува Ацевски, според кого, тоа е само доказ како функционира, односно не функционира системот.
За психологот Мирјана Јовановска-Стојановска давањето мито е дел од човечкиот род и тоа го има во сите земји.

– Давањето мито кај нас е дел од традицијата, начин на кој ние функционираме. Ние дури и кога одиме на гости носиме по 100 грама кафе. Јас не сметам дека тоа е само наше обележје. Митото и корупцијата се дел од човечкиот род, секаде го среќаваме тоа – вели Јовановска-Стојановска.
Таа додава дека митото и корупцијата покажуваат како функционира системот.
– Давањето мито е дел од нашиот живот, да му дадеш некому нешто, кога одиш на доктор даваш нешто со желба да ви се обрне повеќе внимание. Тоа всушност покажува како ни функционира системот. Не е само до народот. Кога нашиот народ оди да живее во некои западни земји, тој не му носи на докторот кафе или не ѝ купува на учителката чанта… Работите зависат и од целокупното функционирање на системот – нагласува психологот.
Според Јовановска-Стојановска, тоа од една страна е и недоверба во државата и во институциите.
– Знам дека тој доктор ако не му дадам мито нема ни да ми посвети внимание, или ќе чекам, или нема да ме ставаат брзо на распоред за операција… Не е само до народот. Тој само се приспособува на условите во кои живее. И ако навистина единствен начин да си добиеш квалитетна услуга од доктор или, пак, да не чекаш на шалтер да добиеш документи е да имаш пријател или да платиш за тоа, тогаш нормално е народот да се приспособува на тие состојби – истакнува психологот Мирјана Јовановска-Стојановска.
Таа уште вели дека не само што народот не верува во институциите туку и институциите не работат како што треба.

– Ако за еден извод од матична книга на родените треба да чекаш по 10 и повеќе дена, а ти треба итно, што би правел? Ќе бараш врска, ќе му купиш некому кафе. Исто и во болница. Ако е потребна итна операција, а ти закажат за неколку месеци, исто ќе бараш врски.
Давањето мито не е само „стандардизирана навика“ на народот, туку и обележје на државата за тоа како работи системот, всушност како не работи! Кога работи системот, нема проблем со митото и корупцијата. Имено, ако сакаш да извадиш пасош, одиш и аплицираш. За две недели ќе го добиеш. Ако ти е потребен итно пасошот, ќе си платиш и ќе го добиеш за еден ден и тие екстра пари ќе ги добие државата, а не службеникот. Тоа е систем што функционира, таму на службеникот што те слика во пасошко не му носиш кафе или пијалак. Така треба и другите системи да функционираат – категорична е Јовановска-Стојановска.